1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Линеа Вест, писателка и кураторка која ja координира глобалната истражувачка програма „Современи и модерни уметнички перспективи“ (C-MAP) на Музејот на модерна уметност во Њујорк, во клубот ГЕМ, во Скопје одржа предавање на тема „Национализми, споменици и идентитет на културата: наследства на модернизмите во современиот момент и начини на отпор“.
Примерите како паркот „Мементо“ во Будимпешта и програмското шоу „Скопје 2014“ покажуваат како проектите, на различни начини, реагираат на модернистичките наследства и ја злоупотребуваат формата на споменик.
Вест се запрашува дали местата ненамерно имаат ехо од естетиката на социјалистичкиот реализам и дали тие прават разлика меѓу вистинската и лажна меморија.
Вест го почна предавањето со нејзиното истражување на национализмот и постсоцијалистичките споменици низ призма на историјата на уметноста. Спомениците се користеле/ користат за да се формира национален идентитет преку поправањето на колективната меморија во долгорочна културна меморија.
Мементо паркот е сместен надвор од Будимпешта, направен е во 1993 година, содржи 42 споменици и обележја од периодот на социјал-реализмот, собрани од повеќе локации. Иако Мементо паркот во Будимпешта и проектот Скопје 2014 имаат различни контексти, и двата се однесуваат на реструктурирање на колективната меморија и постсоцијалистичкиот национален идентитет, преку спомениците. Двата проекти се со големи размери, поставени на јавни простори и симболични гестови на владините политики. Како нови независни држави, и Унгарија и Македонија го обликуваат културниот идентитет и колективната меморија преку спомениците, на застарен, традиционалистички начин, што резултира со силен национализам. Според неа, Скопје 2014 е обид главниот град на државата да се претвори во буржуаски, 19-вековен град, за да се покрие модернистичката архитектура, која според идеологијата на власта, се поврзува со социјализмот.
„Ќе го раскажам моето искуство на средбата со Скопје 2014: прв пат дојдов во Скопје во август 2013 година и бев вџашена од новите градби, за кои дотогш немав слушнато и тоа што го видов беше навистина изненадување. Тргнав по улицата од Железничката станица кон центарот, по кејот на реката и како што се приближував до централниот плоштад, почнав да се прашувам: Што е ова? Какви се овие градби? Дотогаш немав видено нешто слично. Првично ми се чинеше дека се работи за квинтесенцијален постмодернистички град од типот на Лас Вегас, каде се позајмуваат рази стилови од историјата на архитектурата и за да се предизвика фанатазијата. Но, сега мислам дека споредбата со Лас Вегас е површен поглед на нештата. Таа огромна реконструкција е еден симболички гест кој оди подлабоко, еден вид буржуаска желба да се „цивилизира“ градот со грандиозно минато преку многу специфична визуелизација. Се разбира, Скопје 2014 може да се гледа и како реакција на модернистичката архитектура поврзана со социјалистичкото минато. Но не се работи само за реновирање, туку за целосна реинвенција на градот со цел да се воспостави алтернативен историски наратив кој ќе биде единствениот што треба да е прифатен и запаметен. Што се однесува до колективната меморија, барањето јавноста да го заборави социјалистичкото минато и да го памти само минатото што е претставено преку овие споменици е многу проблематично“, вели Вест.
Таа го издвои примерот на Триумфалната порта, која според интернет страницата на Владата е поставена во „слава на најважниот јубилеј на државата, 20 години од прогласувањето на независноста на 8 септември 1991, еден од најголемите триумфи на македонскиот народ во борбата за слобода и независност“.
Вообичаено, спомениците означуваат специфичен момент или личност, но македонската власт има поинаква логика. Македонија со овој споменик го слави одделувањето од Југославија, а не некоја специфична битка за ослободување. На повеќе од триесетина мермерни релјефи на портата се претставени главите на антички воини, ангели и млади модерни луѓе, за да се прикаже блескавото минато што сè уште трае. Споменикот собрал разни луѓе од различни места и времиња за да асоцира на бесмртноста на триумфите на Македонија, како во минатото, така и во сегашноста и во иднината. Пораката, се чини, е позитивна промоција на националниот идентитет, Македонија е еднакво на слава.
„Триумфалната порта функционира како билборд. Намерата за националното брендирање преку оваа Триумфална порта се покажува и преку ограничениот простор на внатрешноста на градбата, во која е сместена продавница за сувенири, во сопственост на државата. Во продолжение, скалите и лифтовите водат кон галериите и отворениот покрив наменет за свадби и други настани. Иако изградена да ја покаже вековната и античка историја, оваа продавница за туристи, што се претставува како како споменик, всушност, го покажува триумфот на капитализмот и состојбата на една држава која го отфрлила социјализмот. Продавањето сувенири е далеку од споменик на оние кои го жртвувале животот, а и функцијата на портата да служи како позадина за свадбени фотографии, го докажува тоа. Наместо смртта за слобода и достоинството, новиот почеток на македонската држава е комерцијалноста и славењето. Па, не е чудно што критичарите на Скопје 2014 го нарекуваат споменик на лажна меморија и националистички кич“, рече Вест.
Во вториот дел од предавањето Вест говореше за уметничките заедници во Будимпешта, Њујорк и Москва кои се организирале за отпор против десничарскиот авторитарен национализам со стратегии кои ја истакнуваат граѓанската активност и протест. Меѓу останатото, и како престижната МОМА, протестира против одлуките на американскиот претседател Трамп.
Линеа Вест е и уредник на веб страницата на музејот која е посветена на уметноста и историјата на модернизмот во глобален контекст. Хафингтон пост во 2013 година го прогласи нејзиниот блог за еден од петте најдобри блогови за уметност.
Предавањето на Линеа Вест е дел од серијата настани кои се поврзуваат со наградата ДЕНЕС, која се доделува секоја втора година на млад визуелен уметник до 35 години во Македонија.
Оваа награда е дел од интернационалната мрежа на награди насловена „Програма на награди за млади визуелни уметници“ во Централна и Југоисточна Европа. Оваа програма е основана во 1990 год. од Фондацијата за граѓанско општество заедно со претседателот на Чешка, Вацлав Хавел и потоа се проширува со воспоставување на награди во уште 10 земји во регионот. Од 2016 год. оваа програма е менаџирана од резиденцијалната програма Residency Unlimited а наградата е два месеци престој во Њујорк.
Наградата ДЕНЕС во Македонија е организирана од страна на Центар за современи уметности – Скопје уште од 2002 год. а во 2015 год. како партнер организација се вклучува и организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје.