Засекогаш маскирана бомбардерска ескадрила

18.02.2017 11:11
Засекогаш маскирана бомбардерска ескадрила

(Триесетгодишен младич длабоко убеден...)

Триесетгодишен младич длабоко убеден
во својата бесмртност.

Младич со бело-сина кожа налик на мраморот
на небото.

Младич кој се спушта врз мене низ гробјанската плоча
на ноќта. Со бессон сон.

Некој кој неодложно се појавува и исчезнува
како црн квадрат на црна позадина.


Геологија

Од мене најмногу остана во подрумот
во тетратките со домашни задачи мојата
татковина мојот пријател мојот град а
се наоѓа и во писмото до пожарникарите.
Значително помалку на ниво на шкафче
во болната внатрешност на табуретките и фотелјите
во содржината на фиоките воопшто не ја препознавам.
Седејќи над за мене туѓата страна на сјајната табла на масата
си играм геолог. Меѓутоа над мене
се бескраите на горните полици во кумулусите од прашина
засекогаш маскирана бомбардерската ескадрила.


Љубов

Тоа не е фер,
за дождот да дознавам
врз основа на мирисот на тротоарските плочници што се сушат,
за летот врз основа на посматрањето на пијаниците од маалото
кои смекнуваат под сончево влијание, за крајот
на светот врз основа на затворените Мекдоналдси. А
за животот да дознавам од смртта,
за тебе од себе.


(Ова е првиот стих. Тој стих нема значење.)

Ова е првиот стих. Тој стих нема значење.
А ова е вториот стих, во кој веќе не си она што си,
т.е. не си човекот од првиот стих,
а сега не си ни оној којшто беше
во вториот, и третиот, и четвртиот стих, а покрај тоа ни

во петтиот. Тој стих е живот, правам сè
да бидам она што сум во секој стих, секој стих
по некое чудо да го приклонам кон себе, меѓутоа ти,
сакал не сакал, мораш да го проживееш тој живот, а во

последниот стих, што поблиску до крајот,
да бидеш способен за оцена, чијшто предмет ќе бидеш
ти. Ќе преживееш само тогаш кога ќе осознаеш

дека стихот зборувал за Бога. Последниот стих ќе уследи
сепак побрзо
отколку


Ноќна птица

Самракот сурфува по покривите, кучињата ги изведуваат
сопствениците на пиво и цигари; студенилото
ги соблекува од девојките што шетаат во парови
следните слоеви облека. Лесно е да се испробаш со

самракот, поинаку е со темницата, која се крие
сè подлабоко во зборот или (на тепка фрлајќи со
шишиња, нафрлувајќи ми девојки) бега
под закрилата на ноќта, за на разденување (кога последните

пијаници се враќаат дома) бешумно
да се вовлече во светлината.


(Бог не се оддалечил ‒ онака како што сакаше Симон...)

Бог не се оддалечил ‒ онака како што сакаше Симон
Веј* ‒ на гигантско растојание, туку е
тука покрај, толку близу што го насетувам Неговото

грижливо отсуство. (Кое е премолчан
збор, прекинат гест, одложен
поглед,
за момент сопрен од здивот. Тој
безздив е твојот живот.)

*Симон Веј (1909‒1943), француска мислителка, христијанска мистичарка, политичка активистка во рамките на синдикалното движење, станала позната и преведувана дури во шеесеттите години на 20‒иот век. (прев.)

 

Слики: Vernon Fisher
Превод: П. В.

Тадеуш Домбровски (Tadeusz Dąbrowski, 1979), полски поет, книжевен критичар, уредник на книжевните списанија Topos и Pimko, составувач на антологијата на полската поезија Надвор од зборовите, се смета за еден од главните претставници на религиската поезија. Автор е на збирките: Црвени печати на лицето, Мазурка, e‒mail, Te deum.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото