Рацин беше за нас некој вид божество

19.02.2017 20:24
Рацин беше за нас некој вид божество

Разгневен поради испадот на оној изрод Цветин, попладнево посегнав по книгата „Разговори со Милчин“ од Цане Андреевски. Се сетив дека Илија таму раскажува за средбите со Рацин. Тие двајцата на почетокот од 1941 година биле интернирани во логорот во Меѓуречје, јужно од Ивањица, меѓу Санџак и Србија. Најмногу интернирци имало од Македонија, а само од Прилеп 98 души.

Тоа не била првата средба на Илија со Рацин. Се среќавале во кројачкиот дуќан на Коста Циривири недалеку од железничката станица во Белград. Прв пат се сретнале во 1938 година, пред да биде издадена збирката „Бели мугри“. „Тој беше за нас, би рекол, некој вид божество“, вели Илија. „Престојот во Белград му беше полуилегален. Тој тогаш немаше свој стан. Спиеше во фоајето на станот на Александар Вучо. Оној познат надреалист. Тој е Влав од Македонија. Сѐ што пишуваше Кочо Рацин тогаш, беше под иницијали, или под имињата уметнички, што ги земаше. Во тоа време се издаваше легално списание, формален уредник беше Александар Вучо, „Наша стварност“, а практично уредник беше Рацин. Кочо беше за нас неверојатен авторитет. Сите престои кај Коста Циривири и разговори беа водени на линија литература, култура, устремена кон борбата за ослободување на Македонија.

Следното виѓавање беше дури во логорот. За логорот некако се знаеше уште порано дека ќе нè собираат. Сите што сме минале низ затвор сме клиенти за таму. А јас веќе бев втор пат в затвор, како учесник на демонстрациите македонски во Прилеп, на 2 август 1940 година. Така што бев регистриран во сите картотеки.

Во „марица“, од „марица“ право на воз и - Меѓуречје. Таму веќе беше Рацин. Во целиот логор имаше само тројца кои беа бојкотирани: Кочо Рацин, Методија Лепавцов, сликар, и Виктор Аќимовиќ... За Рацина апсолутно бевме сигурни сите дека тоа (партискиот бојкот, м.з.) е тежок грев. Секој вод и секоја чета имаше по еден жандармериски подофицер, кој ќе нѐ изведеше надвор од селото, од Меѓуречје. И во таквите случаи Рацин беше упорен: „Не дружете се со мене, толку пати ви реков“. Јас ќе повторев: „А бе, не сме организирани Иван (Aнтонов, м.з.) и јас“. Уште не бевме во Партијата. А тој: „Не знаете вие како е. Ќе ве стават и вас под бојкот. Јас сум бивш робијаш и знам што значи бојкот“. Одвај успеавме да го ублажиме малку, па во некој ќош на логорот, кајшто помалку се гледа, да можеме со него да разговараме, зашто Рацин беше бескраен извор на знаење. Не само историја, филозофија, литература, особено за поезија. Тој беше за нас рудник. А после, пак ќе се свести по некое време: „Еј, заборавивме дека и вас ќе ве стават под бојкот. Ајде, да ве нема одовде“. Прво нас ќе нѐ избрка, па после тој полека, полека ќе се прибере некаде...“

Вертикалата на поетот Кочо Рацин и вертикалата на човекот Коста Солев се во совршена хармонија.

Извор: Фејсбук профилот на авторот

Слични содржини

Никола Гелевски
Општество / Став / Историја
Став / Теорија / Историја
Општество / Став / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото