Овде сме, квир сме, расисти сме

20.02.2017 01:56
Овде сме, квир сме, расисти сме

Минатата недела еден мој познаник – заменик уредник на познато геј списание – присуствуваше на демонстрации организирани против Трамп и неговата „Забрана за Муслиманите“ на Улицата Даунинг. Како и повеќето присутни, и тој носеше парола – и стави слика од себеси на Твитер – на која пишуваше „Геј и лезбејките ги поддржуваат муслиманите.“ Мотивацијата беше 80 годишното движење за солидарност „Лезбејките и геј луѓето ги поддржуваат рударите“ и неодамнешната варијација во името на организацијата „Лезбејките и геј луѓето ги поддржуваат мигрантите“. За кратко време доби одговор на неговиот твит: „не зборуваш од името на сите геј луѓе“! Одговорот продолжи, „претпоставувам типично левичарски е да се здружиш со луѓето што сакаат да те затворат или убијат! Да кажеш дека геј луѓето и лезбејките ги подржуваат муслиманите е исто што и да кажеш дека мисирките и пилињата го поддржуваат Божик!“

Анти-имигрантскиот расизам и исламофобијата во моментов се разгорени насекаде низ Европа и Северна Америка и се сеприсутни во политичкиот дискурс и јавниот живот. На луѓето што не се геј веројатно ќе им биде чудно што ваков вид на предрасуди постојат и во ЛГБТ заедницата. Во Франција, Националниот фронт на Марин Ле Пен поттикна значителен број на луѓе од ЛГБТ заедницата, особено геј луѓето во брак, односно оние чиј животен стил е прифатен од страна на државата. Во САД, 14% од ЛГБТ луѓето гласаа за Трамп, и покрај тоа што неговиот кандидат за потпретседател, Мајк Пенс, верува во терапија за лечење на геј луѓето. Таканаречен идеолог на „алт-десничарското“ движење е геј – британскиот блогер Мило Јанопулос.

Може да се рече и дека бројни популарни геј и фашистички естетичари се преклопуваат, со оглед на тоа што промовираат култ кон здравото машко тело.

На почетокот на февруари, во Универзитетот „Беркли“ беа организирани протести откако се расчу дека Јанопулос, кој во моментов е на турнеја како говорник низ универзитетите во САД, планира да ги соопшти имињата на недокументирани мигранти на бина. Постоењето на истакнати геј фашисти не претставува ништо ново, всушност нивната појава може да се поврзе со самиот фашизам, ривалот на Хитлер и шеф на паравоената организација СА, Ернст Ром, е првиот најзабележителен пример. Може да се рече и дека бројни популарни геј и фашистички естетичари се преклопуваат, со оглед на тоа што промовираат култ кон здравото машко тело. Сепак, во минатото геј нацистите мораа да бидат барем дискретни. Јанопулос претставува промена во тоа што неговиот геј идентитет не се крие туку напротив има активна улога во создавањето на неговиот јавен имиџ (турата низ универзитетите е насловена „Опасен педер“, претпоставуваме дека скандалозното име има за цел да потсети на зајадливата духовитост на Оскар Валјд.)

Ваквиот ЛГБТ идентитет и екстремната расистичка политика взаемно не се исклучуваат, како што може да се види. Минатата година театарот „Раундхаус“ во Лондон прикажа претстава во режија на квир изведувачот Скоти под наслов „Кога устата ти ја полнат со туѓи зборови“. При работата на претставата Скоти патуваше низ Обединетото Кралство за да интервјуира бели геј мажи во другите градови освен Лондон. Заедничко за повеќето од интервјуираните е што гласале за Брекзит – не заради нашето членство во внатрешниот пазар на ЕУ или наметнувањето на европското право, туку затоа што се лути заради имиграцијата, ги плаши или пак и тоа и тоа.

На квир лицата што ја поддржуваат анти-расистичката политика не им оди во прилог тоа што политичарите сакаат да го искористат тој импулс. Минатиот октомври конзервативниот пратеник од Монмаут, Дејвид Дејвис, побара децата бегалци примени во Британија да бидат подложени на дентален преглед за да се потврди нивната возраст. Една од причините кои ги наведе е дека не сака „да се зголеми бројот на хомофобични биготи во Обединетото Кралство“. Конфлацијата на Дејвис на бегалците со хомофобијата шокира со оглед на неговиот став кон истополовите бракови, за кои тој тврди дека претставуваат „лудост“. Сепак, како што изјави Џасбир Пуар, историјата на ваквото расистичко претставување на муслиманите и/или бегалците како варварски хомофоби не потекнува само од новиот цинизам на десницата како одговор на расистичките стравови, туку од самите либерални геј десничарски движења.

Во книгата „Терористичка монтажа: Хомонационализација во квир времиња“, Пуар разгледува примери низ историјата, вклучително и активистичката група на Питер Тачел во 1990тите години – OutRage!, која издаде квир фатва врз радикалните исламски проповедници. Пуар тврди дека апропријацијата на исламскиот збор „фатва“, кој едноставно значи „правно мислење“, е индикативен и симптоматичен за конструкцијата на не-западниот исламски свет како монолитниот Друг. Тоа беше очигледно во медиумите во Обединетото Кралство кои известуваа за ЛГБТ политиката по настанот на 9 септември. Еминентниот новинар Јохан Хари, присутен и на геј и меинстрим медиумите во 2000тите години, запраша „Може ли конечно да се зборува за муслиманска хомофобија во Британија?“ Геј и лезбиските медиумски личности потпишаа отворено писмо за наводниот „подем“ на криминалните дела мотивирани од геј омраза во Источен Лондон, и покрај неиздржливите статистички докази, кои беа целосно препишани единствено на исламските проповедници, а за кои известуваше медиумот Пинк Њус (бледо конзервативни).

Наведените примери не вознемируваат толку заради содржината на изјавите, туку заради луѓето што ги изјавуваат, односно, оние што молчат.

Тишината и бришењето на геј муслиманите или оние што страдаат од исламофобија заради тоа што се расно перципирани претставува вакуум во кој блика фашистички цинизам. А сепак не е создаден од страна на фашисти. Токму тој либерален дискурс кој ја промовираше видливоста и почитта кон геј белците во британскиот живот истовремено ги постави темелите за спротивставена врска меѓу „геј“ и „муслиман“ (од овде и меѓу „геј и црн/кафеав“), која во денешно време ја експлоатира десницата, нешто што длабоко вознемирува. Но важно е да се разбере зошто сега толку многу геј луѓе мислат дека правата на бегалците одат во спротивност со нивните сопствени права. Несвесно, „геј“ се конструира како белец, со уредни лични документи и по дефиниција секуларен, што налага потиснување на вниманието кон оние кои истовремено се квир и со расни идентитети.

Резултатот е тоа што обете страни страдаат: геј луѓето кои го присвоија фашизмот без притоа да сфатат дека фашизмот е хомофобичен во самата суштина и наскоро ќе се сврти против нив; луѓето со поинаква боја на кожата и бегалците кои претставуваат жртвени јагниња и се нагрдени како хомофоби од страна на хетеросексуалните политичари; и, пред се, оние кои се квир и беглаци, кои бегаат од прогонот во сопствената земја како резултат на нивната сексуалност или род, а кои се жртви на расистички притвор, надгледување и погрдни изјави заради нивните обиди да бараат азил во нашите земји. Во денешната алармантна политичка ера кога фашизмот цвета, задачата на квир ослободувањето не е единствено сексуална или родова, туку остра и критична кон нејзиното поистоветување со белата боја на кожата како систем на прогон. Да се биде бел и квир се прикажува како неутрална состојба, додека ЛГБТ луѓето со поинаква боја на кожа претставуваат прекршување или варијации на суштинската агенда. Враќањето на радикализмот во нашата политика мора целосно да се преобрати и притоа не смее да дозволи поддршка за постигнатите цели на квир ослободувањето, рушењето на границите и анти-расизмот да бидат издвоени едни од други.

Шон Феј е писател и адвокат кој живее во Лондон.

Превод: Јулија Мицова

Извор: ZED / coalition.org.mk

ОкоБоли главаВицФото