Македоња Вечна: тунелска свест на деветгодишно девојче!

20.02.2017 15:25
Македоња Вечна: тунелска свест на деветгодишно девојче!

Слушам, будали го спомнуваат и „белгиското сценарио“, санќим со Македоња владее стручна и партиски неутрална владина бирократија...

Да не можете да ја здогледате шумата од дрвото пред вас е вообичаена метафора за кратковидност и тесногледост во перцепцијата на стварноста, но постојат навистина многу ситуации кога ова своство на мозокот е единственото што му овозможува на човекот да преживее и да го сочува човечкото во себе. Гледав некни документарна емисија што ја опишуваше веројатно најголемата и најсмртоносната воена опсада на еден град во историјата – германската опсада на Ленинград во Втората Светска Војна, што траеше 872 дена и предизвика смрт на повеќе од милион и половина жители на градот и војници што ги бранеле, како и голем број од евакуираните 1.400.000 жители што страдале бегајќи од пеколот.

Но, интересно беше што неверојатните бројки на загинатите во овој вистински геноцид останаа апстрактни за мене, практично несфатени, а она што најмногу ме погоди в срце беше сведочењето на една бистра, бодра и насмеана бабичка, што упаднала во деветтиот круг од пеколот кога имала само девет години.

Бабичката раскажуваше дека кога ги потрошиле сите можни залихи и извори на храна, почнале да ги готват бројните кожени војнички каиши на татка и, и со задоволство се присеќаваше како каишите – кога доволно долго ќе се разварат – биле малку жилави, но сосем подносливо вкусни. Раскажувајќи ведро за вкусот на каишите и чизмите на татка и, бабата со бескрајно шармантна насмевка прејде на моментот кога се што можело да се развари и сожвака било изедено, па мајка и се свртела кон нивната домашна миленичка, расната мачка што не се поместувала од скутот на нејзината баба. Кога старицата одбрамбено ја прегрнала мачката, ќерка и – мајката на нашето деветгодишно девојче – ја ставила пред избор, кој и е помил: мачката или внука и? Се разбира, мачката била зготвена и изедена, а нашата бабичка со неописливо мила насмевка се сеќаваше дека нивното милениче било неверојатно вкусно. Ми дојде да ја прегрнам бабичката – тоа остарено деветгодишно девојче – кога сфатив дека успеала да пројде низ една од најгрозните епизоди во историјата на човештвото без да ја оштети својата човештина, својата мека и ведра жизнерадост! Како ќе го направеше тоа доколку нејзиниот мозок бил свестен за огромноста и безнадежноста на големата трагедија што изеде милиони нејзини сограѓани?


Интересно е, меѓутоа, дека оваа „тунелска перспектива“, стеснета свест за фактите од реалноста што ја движат историјата и клучно влијаат на нашите животи, не е привилегија само на детските мозоци, туку и на возрасните, образованите и дури истакнатите аналитички умови. Самракот на капиталистичката либерална демократија последните четвртина век, и повторното глобално тонење во националистички и фашистички ресантимани, останува незабележано или несоодветно опишано, од интелектуалните и политичките елити, како да им се стеснила свеста пред чудовишноста и малигноста на историската закана што му се надвиснала на светот. Така на пример, Френсис Фукујама, славниот американски автор што по крајот на Студената војна го претскажа „крајот на историјата“ и вечниот овоземски рај на либералниот капитализам како „конечна форма на човечкото владеење“, деновиве изјави: „Пред дваесет и пет години, немав чувство, ниту пак теорија за тоа како демократиите би можеле да бидат уназадени“, но „сега е јасно дека тоа е (и те како) возможно“. Како тоа, се прашувам, овој славен автор „немал чувство, ниту теорија“, кога кризата на демократиите според небаре истото проклето сценарио го произведоа фашизмот пред осум-девет децении?

Или, уште поинтересен е примерот на Јан-Вернер Милер, авторот на неодамна излезената одлична студија „Што е популизмот?“, во која се анализира глобалната криза на демократијата и сè поалармантната појава на недемократски тенденции во многу европски и светски држави. Во книгата извонредно јасно се издвојуваат својствата на овие недемократски политики што веќе владеат со многу земји во Европа, што авторот ги нарекува со поимот „популизам“. Тој пишува дека „за сите свои неуспеси популистичките влади ги обвинуваат другите – политичките елити во опозиција, или оние што се кријат зад сцената, било да се тие во земјата или во странство“. Понатаму, и кога ќе ја преземат власта „и кога ќе ги победат противниците, популистите продолжуваат да се однесуваат како жртви“, па „продолжуваат да го поларизираат народот и да го подготвуваат (...) за некој вид апокалиптички сукоб што самите го привикуваат“, при што „непријателите никогаш не недостасуваат“, и – што е најважно – „тие се секогаш непријатели на целиот народ“.


Техниката со која владеат популистичките влади се манифестира на три начина: „како некој вид на колонизација на државата, како масовен клиентелизам (...) и , на крајот, како систематско гушење на цивилното општество“. Сè напишал Милер: и дека популистичките власти ја „окупираат“ државата, и дека прва цел им е тотална партизација на судството, потоа на сите други институции на државата, медиумите и, конечно, на корпорациите што доминираат со економијата. Единствено што не видел овој сјаен аналитичар е дека она што тој го нарекува упорно со еуфемизмот „популизам“ во сите свои својства одговара на она што веќе еден век е познато како „фашизам“. Господине Милер, вашето „откритие“ од пред шест месеци ние, жителите на Македоња Вечна, го живееме веќе цела деценија!

„Тунелската свест“ на деветгодишното девојче од Ленинград, за жал, деновиве владее и со политичките елити на библиската земја и со нејзините жители: земјата дреме мирно чекајќи да се формира реформска, слободарска влада, што треба да го демонтира фашистичкиот монструм на ВМРО од органите и институциите на окупираната македонска држава. Слушам, будали го спомнуваат и „белгиското сценарио“, санќим со Македоња владее стручна и партиски неутрална владина бирократија – техничка влада за која времето е небитна категорија! А, со нас владее политичката влада на ВМРО и нејзиниот криминализиран партиско-мафијашки апарат! Алооо, господа! Привилегијата на тунелската свест тогаш – како и сега – ја имаат деветгодишни девојчиња, а не возрасните што мораат да ја согледаат вистинската стварност и да ја понесат одговорноста на својата возраст и позиција во општеството! Бидете сериозни, по ѓаволите!


Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат