Кочо Рацин, сто години по раѓањето

20.02.2017 23:43
Кочо Рацин, сто години по раѓањето

Стихови во ракопис од славната песна „Копачите“.

 

Сто години по раѓањето, Кочо Рацин делува како еден од ретките Македонци што има некаква врска со 21 век. Среде неверојатното фундаменталистичко лудило на кое е изложена нашата земја човек мора макар во минатото да ги побара своите современици, за колку-толку да го заштити својот ментален и физички простор пред безумноста која зема голем замав, која во голема мера е диригирана од власта и од разноразните барабански медуми под нејзина контрола.

Зошто мислам дека Кочо Рацин е еден од ретките современи Македонци? Заради односот кон капитализмот и кон борбата (лична и општествена), заради регионалната вмреженост и космополитскиот дух. Освен на македонски јазик, Рацин пишувал на српски и бугарски, без поради тоа да биде помал Македонец. И сонувал за Македонија, каква што ја сонуваа речиси сите попросветени Македонци од 19 и 20 век, како дел од поголеми политички целини кои ќе донесат слобода и братство за сите луѓе.

„Средњевековни пролетаријат“, записи со мастило на српски јазик за општествено-политичките прилики во Средниот век и за појавата на богомилството.

Освен тоа, фасцинантно е кај таа предвоена генерација македонски револуционери што националното ослободување и самоосвестување неразделно било поврзано со пошироки еманципаторски идеали. Ем немале нација и држава - ем ја делеле! Исто како што го делеле лебот што го немаат! (Денешниве Македонци времето го поминуваат колнејќи и пцуејќи дека некој им го зема „идентитетот“, ни повеќе ни помалку, како тој да е чекмеџе од под душек или џанкерски телевизор со синџир очајнички врзан за радијаторот како последна одбрана пред немилосрдниот дилер што чека исплата; таа стисната, „анална“ капиталистичка логика го тресе светот надолж и попречно, па следствено и јадниот и исплашен современ Македонец кого неговите пиљарски политичко-културно-стопански газдичиња го научиле дека нацијата е голем „замрзивач“ во кој го чуваме нашиот „генетски пул“, т.е. стариот легитимирачки „леш од шифоњерот“ од кој сме произлезени како црви. Има Рацин совет и за нарко зависниците од телевизија: „Пробудете се морни / копачки и копачи - / на трудот / црн / народ!“)

„Што е герилска акција“, дел од статија на Рацин во ракопис.

Националистичкиот фундаментализам, значи, меѓу другото, е последица на предаторскиот капитализам кој ги присилува луѓето на немилосрдна борба. Стравот за името и идентитетот во современа Македонија делумно ги камуфлира сите други големи егзистенцијални стравови на граѓаните. А власта наместо да го намалува стравот (особено таму каде што е најодговорна: да им понуди на луѓето работа, стандард и заштита), уште дополнително го ирационализира тој страв и го шета навака-натака како со курзор (при што граѓанинот се чувствува збунет во потрагата по „изгубениот ковчег на идентитетот“, слично на оној очаен татко што ги брка коските на сопствениот син низ скопските „поместувачки“ гробишта во славниот расказ на Димитар Солев, „Кружно патување на сенката“).

Интегралниот текст од 2008