Постојам и на друго место

21.02.2017 01:03
Постојам и на друго место

Постојам и на друго место
Таму цртам со гранче по земјата
и некој ме прикрива со дланката кога дува
за да не се угаснам
Таму не брзам никаде
кога излегувам од дома го оставам часовникот во пепелникот
заедно со копчињата, батериите и шрафчињата
Таму не се претворам во нешто што не сум
Немам штит, ниту чевли
и не крварам од телото туку од други места
Имам заедничка сегашност и иднина
само со приказната што мајката му ја чита на детето
кое кога заспива, ја довршува во сонот
Кога посегнувам по зборовите
се сеќавам на едно дете што посегнало по запретана граната
мислејќи дека е мала желка
Полека осознавам дека стварноста е прекратко ќебе
кое ми ги остава откриени или главата
или стапалата
Постојам и на друго место
Токму тука

Слика: Sonia Alins Miguel

ОкоБоли главаВицФото