Говор на Жарко Трајаноски, во името на ГЕМ

28.06.2010 12:53
za-evropska-makedonija-1.jpg

Добровечер храбри и горди граѓанки и граѓани на Македонија,
Добровечер Граѓани на Европска Македонија,

Над 50 здруженија и 16 политички партии застанаа зад Декларацијата за Македонија во ЕУ и НАТО која ние ја инициравме. Владејачките партии не ја потпишаа декларацијата. Груевски јавно излажа дека не добил покана. Зар тие што водеа кампања за Македонија како „земја на информатичари“ не знаат да си ги отворат електронските сандачиња?

Лани и годинава, ГЕМ оддржа триесетина трибини ширум Македонија. Неколку илјади граѓани ја споделија нашата загриженост за европската перспектива која е загрозена од антиевропските политики на власта. Ние, иницијаторите на ГЕМ, сметавме дека веќе не смее да се молчи. Не сакавме спокојно и во папучи да гледаме како власта го манипулира народот. Не сакавме повеќе да гледаме како груевистите шират страв, малодушност и теории на заговор против нашите пријатели од ЕУ и НАТО.

Почитувани сограѓани, се приклучуваме кон отпорот кон власта зашто сметаме дека политиката не е монопол на партиите. Ако политиката толку жестоко се меша во нашите животи, зарем не е ред и ние, граѓаните, да се замешаме во политиката на свој начин!? Затоа решивме да влеземе во широкиот анти-груевистички фронт.

Се вклучивме во фронтот против лажните патриоти и лажните европејци кои со својата неразумна политика нè избришаа од агендата на ЕУ и НАТО. Го креваме гласот против мракобесието на неодговорната власт. Протестираме против обидите да нè поделат по сите основи. Протестираме против загрозувањето на нашата европска иднина и иднината на нашата земја.

Почитувани сограѓани! Четири години, откако Груевски дојде на власт, над Македонија заоѓа сонцето на слободата. Четири години, Македонија тоне во политичка и економска криза, невработеност и духовна беда. Најголем дел од луѓето мака мачат да ги платат основните сметки. Да врзат крај со крај. А груевистите собираат арач и глоби дури и за најситни прекршоци.

А на што ги трошат нашите народни пари? Ги трошат за мегаломански и непродуктивни проекти: - за шупливи чаталџиски згради и споменици; - за јакнење на тајната полиција на „големиот братучед“; - за вработување на партиски војници; - за скапи пропагандни кампањи кои се обидуваат да изградат култ на личноста на Никола Груевски. Додека ги кријат сметките како змија нозете, сè повеќе граѓани отворено прашуваат: Колку од стотиците милиони евра завршија во џебовите на фамилијата?

Почитувани сограѓани! Крајно време е да го кренеме својот глас против лажните патриоти. Лажните патриоти градат лажна историја, а си ги полнат џебовите со вистински пари. Крајно време е да ги разобличиме лажните борци за името и идентитетот. Пред четири години никој не го попречуваше нашиот прием во НАТО и ЕУ поради нерешениот билатерален спор со Грција. Неразумната политика на Груевски нè доведе до тоа дереџе - итно да мора да го решиме спорот, ако сакаме во НАТО и ЕУ. Потсетуваме уште еднаш: ГЕМ не е за компромис кој ќе го компромитира идентитетот на етничките Македонци. Како што го компромитираше Груевски кога се согласи да се слика како премиер на FYROM.

Да биде несреќата уште поголема, со авантуристичката политика на Груевски се подрива и внатрешната кохезија на нашето мултиетничко општество. Смешно е и жално е што таа неодговорна авантуристичка политика на народот му се продава како „патриотизам“. Власта води систематска хајка против проевропските сили стигматизирајќи ги како „предавници“. Во валканата пропаганда се ангажирани квазиновинари во корумпирани медиуми. Слободата на говорот се задушува со отровот на омразата, со закани и со монтирани судски процеси против политичките неистомисленици.

Почитувани сограѓани! Време е над Македонија да престане да заоѓа сонцето на слободата. Време е да му се противставиме на тоталитарниот режим кој сее страв, закани и говор на омраза. Тоа е режим кој поттикнува јавен линч. Тоа е режим кој дозволи тепање на студенти, малтретирање на ограбените млекари, на стечајци и на просветни работници.

Време е пак да се роди ново сонце за силно да светне денот кога Македонија ќе стане членка на НАТО и ЕУ. Време е да се победат политичарите кои прогласуваа победи само кога Македонија катастрофално губеше. Време е Македонија да се избори за достоинствен компромис.

Почитувани сограѓани, без внатрешна интеграција нема интеграција во ЕУ и НАТО!

Грујо го даваме, Македонија не ја даваме!

Да живее Европска Македонија!

Да живее антигруевистичкиот фронт за Европска Македонија!

Фотографија: Иван Илиев

Добар говор. Ако смеам да

Добар говор. Ако смеам да забележам, особено ми се допаѓа ова делче: „Грујо го даваме, Македонија не ја даваме!“ кое може (и треба) да се однесува на секој поединец што би сакал да се стави себеси над општото добро, над заедничкото добро, било да е тоа Бранко (Црвенковски или Героски), јас лично, па и самиот Жаре. Само околу една работа нема да се сложам: за слободата и за општото добро нема време и простор за компромиси, особено кога се наметнуваат со зли намери. Да за ЕУ и НАТО, но онакви какви што сме, како Македонија, а не според желбата на некој друг. Нашата земја има само едно име, а тоа име е Македонија и тоа никому не наштетува и не претставува никаква закана. Ако се направиле грешки, време е да ги исправиме, да и покажеме на европската јавност дека ние заслужуваме да бидеме дел од нивните организации како Македонија, затоа што со тоа никому не наштетуваме. Да покажеме дека нема простор и основа за компромис, а уште помалку аргументи  за неразумнитеи и неосновани грчки барања. Да покажеме дека признаени и прифатени само како Македонија (нашето вистинско и единствено име) на Балканот ќе се затворат сите основи и извори на конфликти, нерешени прашања, историски недоумици и ќе може да живееме во мир, без повампирување на големодржавните уништувачки идеи. Тоа би било околу компромисот, во се друго се сложувам! Треба одлучно да се спротиставиме на линчот, насилството, омразата, кои никогаш не може да водат кон добро. Толку од мене. Искрен и пријателски поздрав.
П.С. Од една другарка чув дека кај вас во Менада имало бесплатни фотокопирани изданија од разни книги, па бидејќи утре ќе одам до факултет да земам оценки, можно е да поминам од кај вас да ве посетам и да разгледам какви изданија имате,  (особено би ме интересирале некои што се поврзани со Македонија).

Во ГЕМ клубот, над Менада,

Во ГЕМ клубот, над Менада, има десетина бесплатни изданија, книги и брошури, главно за ЕУ, но има и други. На пример, достапна е, без пари, книгата (не фотокопирано издание!) „Темната страна на револуцијата“ од Едмунд Берк. (поднаслов: „Што е слободата без мудрост и без доблест? Таа е најголемото од сите можни зла.“)

go pocituvam zarko, no krajot

go pocituvam zarko, no krajot na govorot e so ista retorika kako onaa sto izleguva od ustite na vlasta. too bad.

Популистички, демек поетски,

Популистички, демек поетски, изрежиран, нарачан говор...
Ве молам "ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ" бидете независни ако сакате да бидете почитувани.
p.s. само четири години Македонија тоне во духовна и економска беда??? Со претходната влада луѓето не мачеа мака да си ги платат основните сметки, тогаш сите живеевме во задоволство и изобилие...

Убаво е да се чујат

Убаво е да се чујат аргументирани критики, ко за промена. Сепак, ова беше говор ко за на протест, а не говор ко за на критичка дебата.
Бездруго, претходната влада на СДСМ падна затоа што не ги постигна очекуваните резултати и затоа што ја игнорираше аргументираната критика. Бев еден од најголемите критичари на владите на Црвенковски, Хари Костов, и на Бучковски. Ја пишував првата верзија на месечните извештаи на Хелсиншкиот комитет. ДПМНЕ објавуваше цели парчиња од извештаите како платена политичка пропаганда. Застанавме во одбрана на отпуштените работници од ЕСМ, во одбрана на луѓето што добија социјални станови кои им беа нелегално поништени, во одбрана на лавовите (кога беа малтретирани од МВР), во одбрана на Тарчуловски (кога беше противуставно екстрадиран во Хаг).
Тогашните власти арогантно ја игнорираа критиката, но никого од нас не прогласија ниту за предавник, ниту за ВМРО-овец, ниту за државен непријател, ниту пак имаше таков говор на омраза кој кулминираше со повици за јавен линч.
Од сегашна дистанца, многу е јасно дека Македонија од 2002-2006 направи големи чекори - од нестабилна земја на која и се закануваше босанско сценарио, до кандидат членка за ЕУ.
Уште појасно е дека во последниве четири години тапкаме во место - најоптимистички кажано. На план на човековите права има големи уназадувања, посебно во областа на демократските слободи.
Се инсталираше „тоталитарен режим кој сее страв, закани и говор на омраза“.

Мора прво да го деинсталираме груевизмот, за да изградиме демократски  институции и ефикасен систем за заштита на човековите права. Идеологијата на груевистите нема ништо заедничко со идеологијата на човековите права.

Најлоши се лицемери кој

Најлоши се лицемери кој немаат храброст да застанта зад тоа што веруваат. Нема ништо лошо да си дел од нечија идолошко партиска структуира но, и при тоа да тупи дека си независен интелктулец е навредливо за тие на кој им се обраќа тој.
Како што се вика Не ми ја навредувај интигенција тоа иритира и има контра-ефект.

Господине XXX, велиш

Господине XXX, велиш „Најлоши се лицемери кои немаат храброст да застанат зад тоа што веруваат.“ (извини, малку ти ги поправив коректорските грешки)
А да застанеше со име и презиме зад твојот коментар. Или, анонимно е најлесно да се критикува и плука?
Ако не се лажам, Данило Коцевски, Бети Шелева и Александар Станковски застанаа зад проектот Скопје 2014. Нивно право, иако анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани е против проектот. Дали некој ги прогласи за инсталации на ВМРО-ДПМНЕ? Дали некој подготвуваше пропагандни клипови за нивно оцрнување и дали ги ставаше на списоци за отстрел?
Свестете се, ова што се прави е мрачен тоталитаризам. Прашање на ден е кога ќе зачукаат и на вашата врата.

Конфликтот помеѓу мене и тебе

Конфликтот помеѓу мене и тебе не е во рушењето на оваа погрдна власт. И двајцата сме „за“ по тоа прашање. Јас и ти имаме проблем тогаш кога ќе почнеш да се залагаш за насилното поставување на уште помрачна, дури и наказно-тоталитаристичка и перверзно-елитистичка, алтернатива, од/со која Македонија - со сигурност - ниту некогаш има видено, ниту некогаш ќе види абер, бериќет, солидарност и пристоен живот.
 
Инаку, анонимноста е право на избор, а кај тебе лично мене не ме тангира начинот на кој што блиските те навикнале да се нарекуваш, туку твоите неприродно дрски, провидни и користољубиви ставови. Ако имаш проблем со тоа, тоа не е мој проблем.

ОкоБоли главаВицФото