Милијарда причини за крај!

23.02.2017 11:24
Милијарда причини за крај!

Израснав во дворот на Драмски театар во Карпош 2, гледајќи ги со другарите, во есенските и зимските вечери, по десетици пати „Црнила“, „Солунски патрдии“, „Болва во уво“…, стоејќи или седејќи на столче отстрана, во полната сала… Обземен од магијата на  играта, наизуст ги знаев репликите на дел од актерите, кои за мене тогаш, беа идоли, а тоа чувство, барем за некои од нив, не ме напушти ни подоцна, кога ги запознавав без костими и шминка, и пиев со нив, на некои теми, во театарските бифеа…

Но, тоа е дел од една поинаква, далеку поубава приказна, од времињата во кои добро се знаеше кој е еснаф, а кој е фукара (зашто, и чаршијата веднаш ги соголуваше обидите за маскирање на празнотијата низ пенавење/курчење). Откако последниве десетина години се урнисаа сите норми, критериуми и стандарди, а криминалот под партиско знаме стана главна содржина на македонската хорор-приказна, проретчив и со театарот…

За жал, речиси четири децении по прекрасните актерски изведби во Драмски, и Карпош, и Скопје, и Македонија – сè уште живеат во налудничавото самозалажување дека Итaр Пејо од „Патрдиите“, навистина е поербап од сите поедуцирани и побогати од него, од чаушите, заптиите или валиите, и дека на крајот на секоја приказна ќе испадне нај-мангуп, не оти нешто знае и работи, туку дека е чаламџија и дубарџија, кој зад грб ќе изведе некој марифет… Цела Македонија и денес како да живее според сценариото на „Македонските народни приказни“, зацапана во преминот од 19 во 20 век. И јас, сè до скоро, бев циник, како Фезлиев од „Црнилата“, и единствено што можев да правам е да врескам, да пишувам, да се обидувам да ги раскринкам неморалните сечикеси кои здушно работат против интересите на својата држава и нација. Да ги тргам маските од лицата на заталканите статисти без име и семселе, кои катапултирани од некоја недојдија, како папагали ги повторуваат лагите – за кои почнаа и да веруваат дека се единствената, од Партијата-судбина, нели, подарена вистина. Да се обидувам да останам нормален, во каков-таков обид да ги осветлам причините за македонските црнила. Секој ден, сè потемни и помрачни. Како и предвидувањата за иднината…

За, последниве недели, веќе да се чувствувам како оној Камил Шандебиз од „Болвата“, и да си повторувам: „Јас сум луд!“.

И да се шетам како шашардисан… Оти, мора да сум луд, мора да сум споулавел, обидувајќи се да трчам во спротивната насока од зомби-самоубијците, кои чипирани и отруени од лагите, во јуриш се тркалаат кон работ на амбисот. Мора да не сум токму, кога во 21 век, во Европа, се соочувам со предвоена хистерија, со закани на хушкачи, сепнат од страв од „нож в плеќи забиен“ – „од рака своја“! До кое дереџе нè исклоцаа?

Во почетокот беше смешно, оти беше глупаво до балчак! И се смеев, оти погрешно мислев дека нема да може да помине. Иако признавам, се прашував – на што дрога е власта? И, што се случува со моите комшии, роднини, кои ѝ ги голтаат лагите? И, се мислев, како да се реагира, кога пензионери, на Денот на вљубените, се грбавеа со полициски специјалци за бесплатно патување со воз до Демир Капија, каде ќе имале шанса за бесплатни залак-мезе и голтка-вино или ракија. Осиромашени до болка, со вграден еластичен рбет. Но, и со ретка можност да заиграат во исто оро на турбо-фолк песна, со евроамбасадорот во Македонија…

Во каква претстава е главен лик кутрата Македонија? Битова драма? Водвиљ? Научна фантастика? Се плаќале нуркачи да ги чистат фонтаните од ѓурултијата – „Скопје 2014“ од ѓубре?! Се плаќале „свирчиња“ да ги бркаат птиците, оти не им личеле нивните фекалии врз главите, на стотиците ѓоа-херои, скаменети на скопските плоштади? Од наши пари? Накотени бедници, нè правеа сите нас сè победни, арчејќи ги нашите пари. Во држава која е сè позапустена, од која стотици илјади жители избегаа задник преку глава, ама која е и „вај-фај кантри“, нели, и безвремена и библиска, и вечна… Во „сапуницата“ на власта и во недугавите скапоцено платени реклами… А, во која истовремено, илјадници луѓе немаат пристап во вода и до тоалети, и умираат луѓе, деца умираат, поради немање лекови или поради негрижа.

Помина времето кога власта беше карикатурална, кога сè беше толку смешно, што не беше ни за подбив, единствено, можеби, за сожалување… Сега е морничаво! Се закануваат со војна, уште пред да дојде вистинската сметка за тешкото, еднодецениско пијанство… А тогаш? Допрва нè чека зимата…

Ај, да не станувам параноичен за сè што може да се случи со оние 318 амандмани, поднесени од главно, грчки и бугарски европарламентарци на Предлог-резолуцијата за Република Македонија, изготвена од известувачот Иво Вајгл и претставена пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент. Додека фукарата од петни жили сакаше да се етаблира во еснаф, кој да арчи време за дипломатија? Во времињата на големото лицемерие, во кое бездушниците крадеa без исаф? Кој да води сметка за Македонците во Албанија, кога ги баталил Македонците во Македонија?

А, за да опстане државата, некој ќе мора да остане и да живее во неа. И да јаде, ако има што…

А, на новата влада ќе ѝ треба најмалку една милијарда евра за подмирување долгови и заживување на стопанството! Или, појасно, за да се вратат долговите на државата кон јавните претпријатија и компаниите, за малку од малку да профункционира зачмаеното стопанство, новата владата ќе треба да се дозадолжи за уште една милијарда! Нели, одамна се навикнавме, секој вторник, буквално секоја седмица, да ни врзуваат уште еден камен (тежок десетици милиони евра) околу вратот – за процесот на што поуспешно тонење на Македонија. Сè подлабоко… Ама, тие задолжувања се трошеа за „покривање“ на најбројното гласачко тело во државата и за небулозните бенефити за истите граѓани – највозрасниот дел од популацијата. (За естетското злосторство и вулгарниот криминал околу панаѓурот „Скопје 2014“, и да не зборуваме). Кога ќе стигне вистинската сметка за лудилото, допрва ќе боли, ќе виеме од болка…

Веќе сега, бизнис-заедницата „авансно“ си бара дијалог со идната влада – за подобра имплементација на законите и вклучување на бизнисмените во заздравувањето на стопанството. Иако, „милијардата евра обврски кон нивните компании може да се обезбеди преку конфискација, која ќе се реализира токму со помош на бизнисмените“ (Суад Мисини), ако до тоа не дојде, ако не се врати во буџетот – украденото од арамиите, на Македонија ќе ѝ требаат децении да ги закрпи дупките, да ги залечи раните од колективната халуцинација за сопствена моќ, историја, важност во светски рамки, немерливи можности за развој…

Македонија има милијарда причини за спуштање на завесата на оваа трагикомедија, и за нова, сосема поинаква претстава, со целосно поинаква режија на нов, далеку поквалитетен текст.

Извор: civilmedia.mk
Слики: Блејк Нојберт