Американскиот ПЕН и 65 писатели и уметници бараат од Трамп да ја укине забраната за муслиманите

23.02.2017 12:01
Американскиот ПЕН и 65 писатели и уметници бараат од Трамп да ја укине забраната за муслиманите

Шеесет и пет писатели и уметници се здружија со ПЕН ценатарот на Америка и испратија заедничко отворено писмо до претседателот Трамп, во кое, тие ја критикуваат неговата извршна наредба за забрана на граѓаните од седум муслимански земји да влезат во САД. Тие бараат укинување на сите понатамошни мерки кои се против „слободата на движење и глобалната размена на уметност и идеи“.

„Живиот, отворен меѓукултурен дијалог е неопходен во борбата против тероризмот и угнетувањето“, стои во писмото. „Неговото ограничување не е во согласност со вредностите на САД и слободите кои ги афирмира“.

„Спречувањето на меѓународните уметници да придонесат за американскиот културен живот, нема да ја направи Америка побезбедна, туку ќе ѝ наштети на нејзиниот меѓународен углед и влијание“, се додава во отовореното писмо.

Потписниците на писмото се светски познати автори, меѓу кои писателите: Чимаманда Аидичи, Мартин Амис, Џонатан Френцен, Сири Хастевит, Џон Куци, Џампа Лахири, Азар Нафиси, Орхан Памук, Филип Рот, Алис Себолд, Зејди Смит, Колм Тоибин и Ана Тајлер. Кон овие автори се придружија и уметникот Аниш Капур, композиторот Стивен Сондхајм, ќерката на Џони Кеш, пејачката Розан Кеш, фотографката Сали Ман и актерот Патрик Стујарт.

„Во момент како овој, за јавнста е важно да ја согледа тежината на различните случаи и на овие политики и да ја препознае длабоката загриженост“, изјави Сузан Носел, извршна директорка на ПЕН – центарот на Америка, која го напиша писмото и планира да го постави на социјалните мрежи.

Во писмото се наведува како првчната забрана за влез, минатиот месец го нарушила културниот живот. Иранскиот режисер Асгар Фаради, чијшто филм „Продавач“ е номиниран за Оскар, во категоријата најдобар странски филм, изјави дека овој викенд нема да присуствува на церемонијата на Оскарите. Во писмото се наведува дека сирискиот пејач Омар Соулиман нема да биде во можност да настапи во Њујорк во мај, а не е јасно ниту дали 87-годишниот сириски поет Адонис, кој живее во Париз, ќе може да присуствува на фестивалот „World Voices Festival“, во Њујорк, во мај, кој го организира американскиот ПЕН центар. Тоа е книжевниот фестивал кој го основаше Салман Ружди, за да се поттикне литературниот дијалог преку границите и да се промовира слободата на изразувањето.

Џорџ Пакер, автор на „Њујоркер“, изјави дека нема илузии во врска со ефектите на потпишувањето на писмото. „Не очекувам тоа да го предомисли врвот на администрацијата на Трамп, но можеби ќе ги охрабри оние во пониските редови на адмнистрацијата и странците кои се прашуваат дали Америка го губи она што ја прави голема“, рече тој.

„Многу бегалци од забранетите земји престојуваа во мојата куќа и знам дека тие се токму оној вид луѓе, кои треба да се добредојдени“, додава Пакер. „Отвореноста на Америка за странците, ни донесе љубов и почит од целиот свет, дури и во мрачни времиња. Зошто го отфрламе тоа?“

Писателот Рик Муди се надева дека писмото ќе помогне во „одржувањето на отпорот“, или, како што вели – „да ѝ се бодат очи на политиката“.

И писателката Сузан Орлеан е со сличен став: „Мислам дека е време да се биде гласен - треба гласно да не се согласиме за прашањата за суштинска неправедност“.

Карикатуристот Жил Фајфер вели дека потпишал писмото, бидејќи на 88 години, „стар сум да марширам“. Тој рече дека тоа го одржува во живот. „Лекарите велат борбата за животот или смрт на оваа нација влијае на духот како чудотворен лек.“

Писателот Џефри Јуџенедис рече дека ова писмо е „викање во празно“, но сепак, тој сè уште се надева. „Сум се изненадувал колку често празнината знаела да врати“ , рече тој.

Извор: The New York Times
Фотографии: Алисон Џексон, Тајниот живот на Доналд Трамп