Неколку тези за причините за гласањето на албанскиот електорат за СДСМ

24.02.2017 02:35
Неколку тези за причините за гласањето на албанскиот електорат за СДСМ

Предверемените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември 2016 и нивниот исход предизвикаа широк спектар реакции во јавноста при што посебно се издвојуваат оние кои се однесуваат на масовното гласање на албанскиот електорат за условно кажано „македонска“ партија т.е. за СДСМ. Додека во македонскиот кампус главнината на анализите се движеше по правецот на плиткото дневно-политичко препукување на режимските интелектуалци за оцрнување на СДСМ како проалбанска партија која ќе ги издаде македонските интереси сè со цел доаѓање на власт, во албанскиот дел освен реакциите на некои партии кои шокирани од резултатот се обидоа истиот да го прикажат како резултат на (според нив) непринципиелната пропаганда на т.н. либерални интелектуалци и пропагандисти, се развија интересни дебати во кои настанатите промени отворено и суштински се анализираа. Во мноштвото изнесени тези и теории во овој текст ќе се задржам на неколку од нив кои по мое мислење ќе можат да дадат добро објаснување на овој феномен.

 

1. Гласот за СДСМ на изборите во декември е даден поради проценката дека истиот ќе има поголема тежина за симнување на ДПМНЕ од власт отколку ако се даде на некоја албанска партија


Оваа теза изречена од страна на Артан Садику за време на емисијата „Програм 200“ на Алсат на 14.02.2017 се темели на претпоставката дека дел од албанскиот електорат сериозно и детално ги анализирал состојбите во Македонија и притоа правилно воочил дека клучната карика за смената на владејачката коалиција е СДСМ. Ова секако звучи убаво, но реално, тешко може да се претпостави дека граѓаните посветуваат толку многу време во анализирање на политичките прилики во земјата и суптилните комбинаторики за идните пресложувања. Би било разумно да се претпостави дека есенцијалната причина за гласањето за СДСМ е тоталната разочараност од владеењето на коалицијата помеѓу ДПМНЕ и ДУИ кои потфрлија на полето на подобрувањето на животот на граѓаните кое се огледа во зголемувањето на сиромаштијата, влошувањето на општите услови за живот, лошото образование и социјална заштита и сè подалечната надеж за скоро зачленување во ЕУ која кај албанското население е една од клучните претпоставки дека ќе дојде до позитивен пресврт во развојот на земјата. Од друга страна, негативните гореспомнати тенденции на уште појасно светло го потенцираат фактот дека одредена група луѓе инкорпорирана во владејачките структури или одржувајќи блиски односи со неа мошне лукративно го искористи овој период на заедничко владеење. Претставата, пак, која двете партии ја играа пред своите гласачи како единствени заштитници на националната кауза со објавувањето на бомбите беше целосно разоткриена, со што се одзеде една значителна полуга во рацете на ДУИ со која се тврдеше дека само албанските партии се кадри да ги заштитат и одбранат правата и дигнитетот на албанците во РМ и да им обезбедат економски напредок.

2. Дали давањето глас на „неалбански“ партии е погрешен чекор и дали се работи само за моментална разочараност од албанските партии?

Кај поголемиот дел од албанските интелектуалци преовладува мислењето дека оваа појава е позитивна од неколку аспекти. Прво, тоа е порака до албанските партии (тие кои беа и кои во иднина претендираат да бидат на власт) радикално да го променат своето делување во правец на подобрување на животот на граѓаните и демократска преобразба на општеството со што ќе се оствари суштинската рамноправност на нив како етничка заедница, но и на сите граѓани на Македонија. Втората компонента на анализите е посветена на самиот чекор на СДСМ да се отвори кон албанскиот електорат со понуда за решавање на горливите прашања кои ги тангираат граѓаните, а се однесуваат на економската состојба, на условите за живот во локалните заедници и за прашањата кои се однесуваат на т.н. етнички корпус. Дилемите за искреноста кај СДСМ се присутни и тие имаат упориште во неодамнешната историја кога гласањето за македонските партии (СКМ-ПДП, Демократска Алтернатива) и обратно (гласањето на етничките Македонци за Имер Селмани на претседателските избори во 2009 година) не предизвикаа значителни промени на приликите во општеството и имаа кратко времетраење. Дали оваа тенденција ќе продолжи во голема мерка зависи од однесувањето на СДСМ и тоа како ќе ги реализира своите ветувања. Ако разумно претпоставиме дека општите реформи и економскиот напредок се работи кои немаат етнички предзнак и дека способноста да ги спроведат (или не) ќе ја реши иднината на СДСМ кај македонскиот електорат, од решавањето на прашањата на фактичката рамноправност на албанската заедница ќе зависи иднината дали и понатаму ќе се зголемува процентот на гласови за нив или за некоја друга сегашна или идна партија. Иако кај албанската заедница реално има поместување на приоритетите (економски вс. етнички) во суштина овој позитивен процес ќе биде осуден на неуспех ако не се промени генералната клима дека обезбедувањето права на една заедница (ако истите се разумни во однос на историските и сегашните прилики во Р. Македонија) не значи уназадување на правата на останатите заедници и нарушување на унитарноста на државата. Овој процес ќе изискува од СДСМ голема храброст и умеење, без притоа да губи време со непотребното балансирање кое неминовно ќе го одведе во пад предизвикан од едната или другата страна. Како што напоменав во една колумна, само оние кои победиле пред да ја започнат битката ќе ја остварат целта која во моментот нејасно се наѕира на хоризонтот.

3. Поголема свест и прагматичност на Албанците за состојбите во Р. Македонија

Оваа теза (употребен е и поимот самовиталност) има историско упориште. Несомнен е фактот дека на изборите во декември албанскиот електорат изгласа пратеници од дури 5 партии (ДУИ, Беса, Алијанса, ДПА и СДСМ), додека мнозинскиот македонски електорат сè уште цврсто гласа за само две партии при што континуираната монолитност на десните поддржувачи на ДПМНЕ веќе слободно може да се карактеризира како елементарно игнорирање и отфрлање на основните демократски вредности на самиот електорат. Што се однесува до албанскиот електорат, тој реално покажа поголема зрелост во оценувањето на досегашниот учинок на владејачките партии при што со голема прагматичност се одлучи во значителен дел да го поддржи субјектот кој вети конкретни решенија за остварување на очекуваната промена. За појаснување, оваа прагматичност е една од основните карактеристики на албанскиот етникум и е манифестирана во разни облици во историјата, а кои често погрешно се окарактеризирале како сервилност и подаништво. Така, на пример, за време на Отоманската империја мнозинството Албанци од „практични“ причини го прифаќаат исламот (ова сепак е сложен процес кој бара поширока елаборација) со што успеале релативно добро да се позиционираат дури и во највисоките нивоа на тогашното царство давајќи дузина големи везири и други влијателни личности како што се Али Паша Тепелени и Мухамед Паша од Египет. Во поново време тој прагматизам, кој помеѓу останатото, се состои од умеењето на избор на стратешки пријатели ќе доведе до формирањето на Албанија (1912) и Косово (1999-2007). Назад кај нас, таа прагматичност како последица ја има сегашната состојба каде што значителен дел од албанските гласови (тој број според најновите анкети дури и се зголемува правејќи ја СДСМ партија со најголема доверба) ја препозна таа партија како елемент од клучно значење за потребната промена.

Како заклучок можеме да кажеме дека гласањето на делот на албанскиот електорат за СДСМ е позитивен чекор напред во развојот на приликите во Република Македонија. Иако не може да се каже дека тоа е пионерски потег, бидејќи слични процеси на македонската политичка сцена се одвивале и во минатото, можеме со сигурност да кажеме дека овој пат се созреани условите за започнување на процесот на замена на устројот на политичките партии од етнички кон граѓански и како логичен резултат на тоа, постепено „граѓанизирање“ на Република Македонија. Како и дали ќе се развива тој процес во иднина останува да се види, бидејќи истиот е тотална непознаница за приликите кои владеат во регионот, каде сè почесто се појавуват идеи дека мултиетничките државни заедници се нефункционални и треба да се заменат со етнички големи творби кои ќе бидат функционални и кои ќе обезбедат некаков мир и развој. Оваа „благородна“ идеја за жал би морала да биде платена со нови крвави војни при што исходот не може да се предвиди. За да ги избегне овие црни сценарија, Република Македонија мора да преземе чекори за зацврстување на нејзината стабилност низ изградба на демократско општество во кое владее правото и се почитуваат човековите права. Самата мултиетничка структура на нејзиното население и приликите кои владеат изискува решавање на т.н. етнички права со воспоставување рамноправен однос помеѓу двете најголеми заедници кои се столбовите на стабилност на државата. Решавањето на тие прашања треба да обезбеди втемелување на граѓанскиот концепт каде при решени етнички проблеми примарниот фокус ќе се стави на напредокот на граѓаните-носители на државноста и развојот на системот кој ќе обезбеди втемелен и континуиран развој.

Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.



Слики: Gonzalo Fuenmayor