Кристина Божурска: искажувањето незадоволство е морална обврска

24.02.2017 13:05
Кристина Божурска: искажувањето незадоволство е морална обврска

Кристина Божурска е македонска уметница, родена 1984 година во Куманово. Дипломирала сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Божурска се изразува во повеќе медиуми - освен со сликарство, се занимава и со видео арт, реди мејд објекти, цртежи... Во своите дела таа ги третира проблемите на современото општество, како конзумеризмот, масовното производство, идентитетот, работничките права... Има реализирано повеќе самостојни изложби, добитничка е на наградата „Денес“ за млад уметник во 2010, а во 2008 има добиено и награда за видео на Меѓународниот видео фестивал во Бразил.

Во своите слики и цртежи, Кристина Божурска внесува суптилни, но моќни критички и сатирични тонови. Подолу претставуваме десетина нејзини цртежи, а со цел подобро да ја запознаеме, ѝ поставуваме и неколку прашања.

На пуст остров

 

Како се доживувате себе? Како уметник, сатиричар, активист?

Уметник кој преку своите дела се обидува да искритикува или предочи нешто проблематично и нефункционално, а истовремено и како совесен граѓанин кој смета дека протестот и искажувањето незадоволство од актуелните политики е морална обврска.

Што влијаеше на вашиот уметнички развој?

Она што ме опкружувало отсекогаш ми давало повод за уметничка реакција, тргнувајќи од ѓубрето по улиците до работничките права и секојдневното сивило.

Индоктринација

Како ги восприемате последниве десетина години во Македонија?

Последните години во Македонија ги сметам за прилично депресивни. За среќа, протестите покажаа дека кај нас сепак има останато малку живост, енергија и желба за промена. Луѓето не се целсоно зачмаени, и секој изблик на самоорганизација и самоиницијатива ме охрабрува и ми влева надеж дека сепак има можност за промени на подобро.

На улица

Би издвоиле нешто од ликовно-сатиричната продукција, овде или во светот?

Во Македонија постојано се одушевувам одново и одново на повеќе уметници и дела, дали станува збор за еден цртеж, графит, видео, слика или цел опус на еден уметник, секогаш има нешто што знае да ме изненанди. И покрај тоа што на локалната уметност не ѝ се придава поголема важност во јавниот дискурс, верувам дека токму онаа која се случува некаде на маргините како мала, тивка борба со кичот е онаа која е значајна и веродостојна за ова време. Нема да издвојам неколку уметници од Македноија, затоа што ако почнам сигурно ќе заборавам некого, но во моментов што ми паѓа на памет и веќе подолго време ми стои во глава е дело на еден германски уметник. Имено, Кристоф Шлингензиф во 1998 година создава политичка партија „Последна шанса“ (The Last Chance Party), каде сите граѓани можат да се кандидираат за политичари и да гласаат за самите себе. Една од кампањите за сопствената политичка партија е отворен повик до сите невработени од Германија да се соберат во областа околу езерото Волфганг во Австрија, каде што тогашниот канцелар Хелмут Кол оди на релаксација во сопствената викендичка. Идејата на Шлингензиф е сите невработени одеднаш да влезат во езерото и со тоа да го подигнат нивото на водата и да ја поплават викендицата на Кол. И покрај тоа што на акцијата се појавиле само стотина граѓани, кои не биле доволни за реализацијата на ваквата невообичаена идеја, сепак акцијата генерално се смета за успешна, затоа што на неверојатно автентичен начин ја доловува метафората за демократија и потенцијлната моќ на колективизмот. Веројатно не случајно ова дело на Шлингензиф ми дава толку многу повод за размислување токму во овој момент. Сè додека не сфатиме дека треба да делуваме колективно и дека доколку сакаме нешто да смениме, треба ние самите да бидеме промената, дотогаш, секогаш ќе имаме вакви епозоди на насилие и самоволие директно од центрите на моќ, кои одвреме-навреме само ќе ја менуваат формата.

Портрет

Немаме пари за леб, а трошиме на чоколадо

ПМ 10

Punching Bag

Портрет 2

Селфи

Шампита

Во срцето, имам тетовирано