КОНЕЦ ФИЛЬМА

24.02.2017 14:36
КОНЕЦ ФИЛЬМА

Дечки, филмот заврши. The end, Ende, Fine, Filmin sonu, Fundi e filmit. Правевте што правевте, го правевте дури и тоа што не смеевте да го направите и, ете, и на тоа му дојде крајот. СДСМ и ДУИ ќе формираат парламентарно мнозинство, кое ќе изгласа Влада. Истата таа Влада ќе има сизифовска работа земјата да ја врати во нормала. Повторувам – во нормала, бидејќи мојата држава е сè, само не нормална. А таква е, да ми извините, затоа што е неправедна. Неправедна е затоа што една мала група луѓе ги окупираа институциите и започнаа да спроведуваат ексклузивитет според мафијашко – партиски принципи.

На пример, згаснаа една телевизија затоа што беше против нив, а сопственикот и целата структура околу него, ја испозатворија.

На пример, во класична местенка, уапсија и експресно осудија еден опозициски лидер.

На пример, со гротескно извртување на правото, осудија и еден новинар.

На пример, ниеден нивни функционер не е осуден за злоупотреба на функцијата или за, не дај боже, криминал.

На пример, праќаа тепачи против опозициски градоначалници.

На пример, три пати организираа прегласување во општина каде што нивниот кандидат за градоначалник губеше.

На пример, организираа и довезуваа контингенти гласачи со лажни лични карти, а нивните потчинети истражители истражуваа изборни криминали во општини со опозициски градоначалници.

На пример, тие се 11 години на власт, а за сите проблеми во државата ја обвинуваа опозицијата, која 11 години не е на власт.

На пример, ако лидерот на владејачката партија го клевети, навредува и обвинува лидерот на опозицијата за криминал, тоа е никому ништо, а ако е обратно, тогаш судот на лидерот на опозицијата му изрекува казна од 50 илјади евра за „клевета и навреда“ на лидерот на партијата на власт.

На пример, ако партијата на власт девет години коалицира со ДУИ, тоа е државен интерес, а ако тоа го направи СДСМ, е предавство.

На пример, ако пијан министер управува службено возило, прави сообраќајки и бега од полицијата, тоа е режија на опозицијата, а ако брат на поранешен пратеник на СДСМ е уапсен под сомневање дека дилал дрога, тоа е доказ дека опозицијата се финансира од наркотрговија.

На пример, ако лидерот на владејачката партија е помилуван за пет дела за кои е осомничен, а за едно е обвинет, тогаш никому ништо, ама ако лидерот на опозицијата е помилуван, тој е „аболициран криминалец“.

На пример, ако поради лекарска негрижа и несовесност почине пациент, тогаш никому ништо, а ако претседателот на лекарскиот синдикат повика на протест, тој се осудува за примање поткуп.

На пример, ако авторот на првиот македонски роман, Славко Јаневски, постхумно се лустрира како полициски кодош, или ако Кочо Рацин се нарече „џуџето од Велес“, а Блаже Конески – „џуџето од Небрегово“, тоа не се вести, ама ако СДСМ и ДУИ преговараат за употребата на албанскиот јазик, тоа е злосторство против македонскиот јазик.

Дечки, има уште многу примери, ме мрзи да ги набројувам сите перверзни интервенции на груевизмот во чистата логика, здравиот разум и правниот систем, кои од мојата држава направија ненормална држава. Знам дека повеќемина од вас сè уште сметаат дека нивниот лидер е олицетворение на државата и веруваат дека е исправно и праведно да бидат негови бодигарди. Арно ама, Груевски не е Македонија. Ликот имаше шанса да си замине како компромитиран политичар и да потоне како рибарско кајче, ама тој реши да тоне како Титаник. И да повлече со себе многу луѓе, да упропасти многу кариери, да зацрни многу семејства и да им ја прокоцка иднината на многу млади.

Тоа беше негов избор, а вашиот избор, дечки, е дали ќе одлучите да се удавите со него. Знаете добро дека не бива ништо од повиците за војна, од востанијата за заштита на Македонија или од заканите со разноразни ќосиња. Тој одамна е минато, само еден ден тоа некој мораше да му го соопшти.

Кино претставите секогаш завршуваат со најавата за крајот на филмот, а потоа се палат светлата во салата. Магијата се губи, остануваат само нашите обични ликови. Отворени пред другите. Секој со својот образ.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото