Преправај се дека ме нема

27.02.2017 03:28
Преправај се дека ме нема

Љубовна песна

Не се одомаќинив ни во една твоја варијанта.
Имајќи го предвид пијаницата кој сега е освестен
во капијата и со снег си го трие лицето. До половина
сум тој. Во џебовите барам пари,

се обидувам да се сетам од каде овде сум се нашол,
од сеќавањето, во мене ѕурат два големи гаврани.
Можам бесконечно да се преправам дека имам куќа,
дека некој ме чека. Иако знам дека

живеам под своите мостови,
на секоја железничка станица.
Дека срцето сосема ми е исушено,
а умот е сеуште месест, топол.


Преправај се дека ме нема

Преправај се дека ме нема. Замисли ја
постелата со вдлабната трага од мене.
Со обликот на ништо не потсеќам. Собата,
во која бев, остана недопрена.

Теснецот, во кој не се сместувам,
се нарекува тело. Го оксидирав со вода,
сакав да попливам негде другде,
однатре да ги набљудувам рибите.

Преправај се дека ме нема. Замисли
најдлабоко сонце и зима.
Толку за белината, како сегде да е снег.

 


Прецизност

Имам чисти сништа. Во сништата станувам
проѕирна личност. Кога влегувам
во себе, имам избраздено лице. Така тоа го гледам

однадвор: човек облечен во тело
се соблекува. Кожата блеска, крвта брзо испарува.
Некој однатре вика, за да се покаже

во полн сјај.


Повремено некој овде чука

Сонцето пренесе овде од исток некоја
необична болест. Сè покусите денови исполнети се
со белата кашлица на луњите. Помалку има време за живот.
Морам да бидам на неколку места едновремено, за
себе да не се предадам. Имам сенка цврсто завиткана
во фолија, од подрумот направив куќа.

Повремено некој овде чука ‒ тогаш гледам
низ пукнатината меѓу циглите. Како таму
цвета прашина? Наполно е исто како кога пајажина
се ткае во ќошиња ‒ па фино. Направена е
голема џева. Понекогаш некој овде чука
и тенкото прозорско стакло потреперува, светилката се ниша
на жицата како мал череп.

Кога ќе прегори, ќе исчезне.

 

Превод: П. В.
Слики: Slawomir Elsner

Славомир Елснер (Slawomir Elsner, 1976), полски поет и ликовен уметник. Ликовна академија завршил во Касел. Подеднакво е ценет како уметнички фотограф и поет, иако објавил само една збирка: Антиподи. Еден е од главните претставници на шлеската поезија.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото