Лудилото да го сопреме со разум и логика

27.02.2017 04:51
Лудилото да го сопреме со разум и логика

Деновиве ДПМНЕ преку своите соопштенија, режимските медиуми и слугите претставени како „експерти и уметници“, а водена од паниката дека по 11 години треба да оди во опозиција и сè што тоа значи за врхушката, продуцира голема тензија, неизвесност и лажна загрозеност на државата од СДСМ, Албанците и странците. Она што навистина виси над Македонија е можноста ДПМНЕ да произведе некаков конфликт, откако преку својата пропаганда на мнозинството граѓани ќе им го исклучи разумот и ќе им ги загрее страстите, а со цел да ја задржи власта по секоја цена. Прашањето ми е: какво злодело се спремни да направат за да можат на улиците наместо 200 тврдокорни да имаат барем 20.000?

Затоа сметам дека е корисно да се одговори со разум и логика на „тезите“, со кои нивната пропаганда ќе нè труе во периодот кој следува. Не дека во ДПМНЕ ќе речат „така е, згрешивме“, туку да одржиме што поголем дел од јавноста трезвена и будна.

1) Тезата „ДПМНЕ е победник и мора да биде дел од власта“ не смее да помине! Има многу аргументи и примери, сега ќе набројам само два: Мнозинство во Собранието прават најмалку 61 пратеник, односно 67 претставници на граѓаните е повеќе од 51 преставник на граѓаните. Второ, да ги потсетиме во ДПМНЕ за примерите од Србија, кога Демократска партија на Борис Тадиќ како втора партија на изборите правеше Влада, а радикалите на Шешељ како „победници“ остануваа во опозиција затоа што не можеа да обезбедат мнозинство. Прашањето до Груевски е: Зошто ДПМНЕ не е во состојба да направи мнозинство во Собранието? Или да го преформулирам прашањето: Зошто ДПМНЕ во очите на западот е слична на радикалите на Шешељ?

2) Тезите „закана за Македонија од двојазичност и федерализација“ не држат вода. Прво, и од СДСМ и од ДУИ кажаа дека сите договори ќе бидат во рамки на Уставот. Второ, Македонија е одамна двојазична, во некои општини тројазична и ништо не ѝ фали, напротив, така е поубава. Впрочем, сè ќе се регулира со закон, а и денес е на сила законот кој го донесе ДПМНЕ во 2008 година, а со кој се регулира употребата на јазиците. Да, на ја-зи-ци-те. Приказната за федерализација е само во главите на вмровците, таму некаде до оџите.

3) Гледам дека повторно се актуелизира тезата „Албанците се под 20% од населението“, а во отсуство на попис на населението, кој - да потсетам - го прекина ДПМНЕ. Веднаш да кажам дека на Македонија ѝ е потребен час поскоро кредибилен и транспарентно спроведен попис, од многу посуштински причини. А на овие кои се палат на глупавата теза дека Албанците се под 20% и немаат време да го чекаат новиот попис на населението, ќе им предложам да проверат каква е структурата на ученици и новороденчиња, може да им бидат доволни индикатори да намалат доживљај.

Тоа е нашиот предизвик сега, да не паднеме на нивните провокации, да одговориме со разум и логика, да најдеме начин да ги сопреме во намерата да ги сопрат промените.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото