Како да се преживее Трамп

27.02.2017 13:43
Како да се преживее Трамп

Новиот американски претседател од своето доаѓање на власт предизвика толку хаос и неизвесност, што би можеле да му позавидат и вистинските терористи. Затоа не изненадува затеченоста на граѓаните, претприемачите, цивилното општество и владата кои вложуваат големи напори да најдат соодветни одговори на сето тоа. Секој план е привремен, зашто Доналд Трамп сè уште не изнел детални предлог закони, додека Конгресот и судовите допрва треба да одговорат на поплавата од негови уредби. Но прифаќањето на неизвесноста не значи порекнување на сериозноста на ситуацијата.

Напротив, сега е јасно дека сè што Трамп кажува или објавува на Твитер е сериозно. Многумина се надеваа дека тој по изборите ќе ги напушти екстремните ставови од својата кампања. Некои мислеа дека овој крал на реалното шоу ќе се промени кога ќе ја преземе веројатно најмоќната позиција на светот. Нешто слично му се случуваше на секој нов американски претседател - без оглед дали сме гласале за него или не, јасно му порачувавме каков сакаме тој да биде. Но, додека многу функционери сакаат да им се допаднат на сите, Трамп недвосмислено покажува дека има намера да ги исполни своите изборни ветувања: забрана за имиграција на муслиманите, ѕид на границата со Мексико, нови преговори за Северноамериканскиот договор за слободна трговија, отповикување на Дод-Франковите реформи на финансискиот пазар и уште многу нешта со кои не се согласуваат дури ни неговите поддржувачи.

Повремено критикував одредени аспекти и безбедносната и економската политика на поредокот воспоставен по Втората светска војна, заснована на ОН, НАТО, ЕУ и низа други институции и односи. Но, постои голема разлика помеѓу реформирањето на овие институции и односи, за да стане светот подобро место за живеење, и планот тие да се разорат. Трамп го дели светот на победници и губитници. Всушност, глобализацијата, ако е добро водена, е позитивна сила: на Америка ѝ е подобро ако им е добро на нејзините пријатели и сојузници, Австралија, ЕУ или Мексико. Но пристапот на Трамп се заканува да го промени сето тоа, а тогаш и Америка ќе загуби.

Овој пристап е јасен уште од неговиот инаугуративен говор, во кој инсистирањето на мантрата „Америка на прво место“ со провејување на фашистички тонови, ја потврди неговата посветеност на најподмолни замисли. Претходната администрација секогаш ги застапуваше американските интереси, но нејзината политика сепак беше водена од просветено сфаќање на националниот интерес, зашто веруваше дека американските граѓани имаат корист од успешната глобална економија и мрежата сојузи со земјите посветени на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

Ако постои трошка светлина во мракот на Трамп, тоа е новото чувство на солидарност за суштинските вредности како толеранцијата и еднаквоста, втемелено на свеста за прикриената или отворената нетрпеливост и мизогинија која ја отелотворуваат Трамп и неговиот тим. Ова единство се претвори во глобален феномен, зашто Трамп и неговите сојузници ги дочекаа протести во целиот свет. Американскиот сојуз за граѓански слободи (ACLU), предвидувајќи дека Трамп ќе почне со кршење на човековите права, покажа спремност да ги брани клучните уставни начела како правото на правично судење, еднаква заштита и забрана на верска дискриминација. Во изминатите неколку месеци, американските граѓани на ACLU донираа милиони долари.

Ширум земјата, вработените и потрошувачите искажуваат загриженост поради директорите на компаниите и членовите на управните одбори кои го поддржуваат Трамп. Американските корпоративни лидери и инвеститори станаа лакеи на Трамп. На годинешниот Светски економски форум во Давос, многумина одушевено зборуваа за ветувањата на Трамп за мали даноци и дерегулација, додека свесно избегнуваа критика на неговата нетрпеливост и економски протекционизам. Она што најмногу ме загрижи е кукавичлукот. Многу луѓе вознемирени од потезите на Трамп одлучија да замолчат, во истрав од пад на акциите на своите претпријатија под рафалната стрелба на претседателските твитови. Сеприсутниот страв е главно обележје на авторитарните режими, а првпат го чувствувам и во САД.

Владеењето на правото, некогаш апстрактен поим за многу граѓани на Америка, добива конкретни контури. Владата во правна држава, кога има намера да ги спречи компаниите да го изнесат производството од земјата, донесува закони кои создаваат соодветни поттици и го обесхрабруваат непожелното однесување. Таа не ги малтретира и не им се заканува на одредени фирми и не ги претставува загрозените бегалци како безбедносна закана. Водечките американски медиуми како Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост засега одбиваат да го нормализираат презирот на Трамп кон американските вредности. Ненормално е што САД имаат претседател кој не верува во независноста на правосудството, кој највисоките воени и безбедносни функционери ги заменува со екстремно десничарски фанатици и ги промовира деловните потфати на својата ќерка додека Северна Кореја врши балистички проби.

Кога постојано сте опсипани со неприфатливи настани и одлуки, лесно е да отрпнете и да преминете преку досегашните злоупотреби на власта во очекување на полоши кои допрва доаѓаат. Најголем предизвик е како да се остане буден и спремен кога ќе чукне часот за вистински отпор.

Извор: The Guardian, 20.02.2017.
Слики: Роберт Сикорјак

ОкоБоли главаВицФото