Магичното, исконското и бизарното – Богдан Богдановиќ

28.02.2017 03:16
Магичното, исконското и бизарното – Богдан Богдановиќ

Споменикот на Еврејските гробишта во Белград, 1951.

Познат првенствено по величествената меморијална архитектура, Богдан Богдановиќ беше архитект, урбанолог, професор, писател, градоначалник – единствен ум во европски размери. Создаваше споменици со неутрална симболика кои повеќе потсетуваат на праисториски светилишта отколку на меморијали на жртвите од Втората светска војна. Под силно влијание на надреализмот во раната младост и отсекогаш со бунтовнички дух, беше противник на тогашните политички идеологии, заради што крајот на животот го дочека во егзил. Доколку сакате да се забавувате со критика на политичарите и властодршците од нашето блиско и далечно минато и да дознаете нешто повеќе за неговиот живот, делата и размислувањата, автобиографијата на Богдановиќ „Заколнатиот градител“ е топла препорака, интригантно четиво проткаено со одличен хумор.

Спомен-гробиштата на жртвите на фашизмот во Сремска Митровица, 1960.

Бизарното...

Богдановиќ го изградил првиот споменик во 1951 година на Еврејските гробишта во Белград, а самиот го дефинирал како првиот антисоцреалистички споменик во Југославија. Без ритуална патетика, овој архаичен споменик ги испраќа жртвите достоинствено и со надеж во вечно обновување на животот. Оваа симболика дополнително ја нагласил со користење делови од фасади срушени во војната. Обликот на спомениците истовремено може да се толкува како отворање пат кон вечноста, како две Мојсиеви плочи или како крила на ангел зашто за Богдановиќ симболот мора да биде повеќезначен и отворен за интерпретации. Познатиот критичар Мирослав Крлежа за ова дело рекол само „бизарно...“, што младиот Богдановиќ го сфатил како најголема пофалба. Употребата на камен на барање на еврејската заедница влијаела да се заљуби во овој материјал, кој ќе го користи во речиси сите подоцнежни дела. Проучувањето на кабалата во подготвителните фази од неговото дело исто така оставило голем белег на неговата идна животна филозофија.

Слободиштето во Крушевац, 1965.

Следните изградени споменици во Сремска Митровица и Прилеп привлекле големо внимание од западот, што ѝ одговарало на новата политика на Тито за одвојување од советскиот модел и презентирање на југословенскиот либерален социјалистички режим. Отсуството на патетика и политичка симболика кај делата на Богдановиќ им давало универзална вредност и квалитет. Заради уредување цели пејзажи и комплицирани промени на тлото, спомениците на Богдановиќ можат да се сместат во најраните примери на Land art-от (терминот, како и практиката на уметничко преуредување на пејзажот постојат во светот од крајот на шеесеттите години!).

Градовите на живите и градовите на мртвите

Можеби најголемите измени во теренот се направени за време на изградбата на Слободиштето во Крушевац 1965 година. Намерата била да се направи место со сакрален карактер кое има функција на отворен театар. Влезот е обележан со премин во облик на превртена буква омега. Последната буква од грчката азбука е симбол на крајот, но поставена обратно според принципот анаграм може да има значење на обновување на природата и нов почеток. Од него до амфитеатарот се стигнува под ведро небо – долината на живите, а десно од неа е долината на сеќавањата – кратер со длабочина од 16 метри и 6 пара камени крила. Овие птици со рогови, како што ги нарекол, полетуваат од длабочината на земјата кон небото како симбол на слободата и надежта.

Партизанската некропола денес, поглед кон Мостар.

Во своите споменички целини Богдановиќ често употребува плоштад-светилиште кој претставува град на мртвите, а е поставен наспроти градот на живите, како негов одраз во огледало. Партизанските спомен-гробишта во Мостар 1966, инаку уште една мошне радикална интервенција во просторот, е вистински пример за тоа. Меѓу уредениот јавен простор, меморијалните гробишта и land art-от, Партизанската некропола е копија на град, со мостови, тесни улици, кули и капии кои треба да создадат дијалог со градот на живите. На врвот е поставено кружно светилиште со вода наместо оган, а на ѕидот одзади има кружна плоча со соларни симболи. За жал, овој споменик за време на последната војна претрпе тешки оштетувања, а иако се обиделе да го реконструираат, верно обновување на неговиот изглед е речиси невозможно зашто занаетската практика што била применета исчезнала.

Партизанската некропола, панорама и деталите на соларните симболи.

Танцот на архитектурата: мермерни весталки, митски суштества и неолитско цвеќе

Некрополите претставуваат гробишта од периодот на стариот век кои се од сакрален карактер, а оние на Богдановиќ најчесто содржат неолитски елементи; така продираат во заедничкото минато на сите луѓе и нации, што ги прави разбирливи за различни културни кругови и временски периоди. Централната фигура на Симболичната некропола во Лесковац е 12 метри висока стилизирана амфора која со своите витки пропорции евоцира фигура на жена со бакарна круна на врвот. Шумската божица е опкружена со 42 кенотафи (антички надгробен споменик) декорирани со спирали и кириличен текст. Архитектурата на замрзнатиот танц на Богдановиќ ја толкува со фасцинацијата од младоста на едно девојче кое го потсетувало на балерината Ана Павлов и која го поттикнала да размислува за скриените сличности помеѓу човечкото движење и архитектурата.

Симболичната некропола, Лесковац, 1971.

Обликот на нејзиното тело бил честа основа и инспирација за цртежите и спомениците на Богдановиќ. Споменикот Групни кенотафи на паднатите борци на отпорот во Прилеп се состои од 8 витки камени блокови во облик на „женолики урни“, повторно во некаков вид танц. Обликот на жените-врачови во играта го истакнува паганскиот презир спрема класичните култури, а единствената поголема, машка фигура дава дополнителен впечаток на сцена од далечната паганска историја на Балканот. Слично, на Светилиштето на паднатите борци во Власотнице мотивот на космичко растение, како што го нарекувал Богдановиќ, и кружниот облик на целината ѝ даваат моќно чувство на праисториско место на култ. Мошне изразената космолошка симболика се препознава на централниот столб кој претставува капија отворена кон небото, украсена со соларен симбол. Пред него има мал амфитеатар, опкружен со камени блокови со неправилни облици со врежано неолитско цвеќе, (Богдановиќ сакал да измислува зборови, во склад со своето надреалистичко минато).

На групата кенотафи кај Травник во Босна, главен мотив е амфибена, двоглава змија која често ја користел како симбол за двојност и континуитет. По оштетувањето во војната состојбата на споменикот станала интересна за Богдановиќ и барал да не се средува зашто тогашниот изглед уште повеќе го евоцира изгледот на исчезнатата цивилизација.

Мермерните весталки на споменикот во Прилеп, 1961. 

Спомен-паркот на борбата и победата во Чачак од 1980 година е меѓу последните дела на Богдан Богдановиќ. Доминантен облик претставува еден вид мавзолеј, минувачки храм или три капии богато украсени со грифони и простор меѓу кој пропуштаат светлина при движење. До капијата водат киклопски скали, што ги евоцира надчовечките напори од стравовите на војната на чиј крај се наоѓа светлина, надеж и воздигнување кон небото.

Сличните скали на Мавзолејот посветен на првите паднати антифашистички востаници од Попина кај Врњачка Бања водат до три масивни камени прстени со отвор со пречник од 3 метри. По нив следува пирамидален облик со отвор од 6 метри и уште еден прстен сличен на првите, поставен во однос на положбата на Сонцето – детал кој го искористил и на други дела. Посветата на паднатите борци на камениот квадрат е удвоена како одраз во огледало, што остава отворена можност за читање на композицијата од двете страни на оската. Со обратните пропорции на призмата на комплексот кај Попина и просторот помеѓу камените плочи на споменикот на Еврејските гробишта својот последен споменик го поврзал со првиот, на тој начин затворајќи го творечкиот круг.

Светилиштето на паднатите борци за слободата, Власотинце, 1975.

Заколнатиот градител

За симболиката на споменикот во Јасеновац, најпознатото дело на Богдановиќ (и единствено направено во бетон) веќе пишувавме, па овде ќе се осврнеме на другите негови интересни аспекти. Неутралната симболика на лотосот не повикувала на омраза и освета, што било неопходно во кревката мултиетничка држава. И покрај бројните критики, Тито го препознал значењето на овие идеи. Меѓутоа, за време на војните во деведесеттите повторно се отворени прашањата како: зошто српски споменик на хрватска земја, зошто хрватски споменик на српска земја, зошто „хрватска роза“, а не некој српски цвет? Со вакви забелешки го малтретираа во јавноста, дури и со анонимни повици на домашен телефон.

Спомен паркот на борбата и победата во Чачак, 1980.

Војната и разбрануваната приказна околу спомениците впрочем беше кулминација на претходниот политички конфликт. По истекот на мандатот како градоначалник (не баш омилената функција на Богдановиќ од 1982-1986) го одбил местото во Централниот комитет, а неговите антивоени говори и писмото упатено до Милошевиќ му навлекле константни закани, надзор на куќата и прислушкување на телефонот, кои наскоро се претвориле во обиди за упад и повици на линч. Споменикот ја преживеа војната со помали оштетувања и покрај барањата да се сруши, но неговиот творец во 1993 година морал засекогаш да ја напушти саканата татковина, прогонет од обвинувањата дека е државен предавник, дека ги мрази србите и дека е архитект-рушач. За иронијата да биде поголема, Богдановиќ беше еден од интелектуалците кои го задржаа својот интегритет – одби да биде пион на Милошевиќ и впрочем се бореше за зачувување на мирот и општата благосостојба на Србија и нејзиниот народ. Ситуацијата добро ја илустрира еден детал од пишувањето на Богдановиќ:

Го затекнав (Милошевиќ) мошне расположен, во улога на мал Демиург, творец на сè што е видливо и невидливо или, поедноставно кажано, во својство на оној кој кој до бескрај може да доделува и да насочува кариери и судбини. Со еден збор, грееше како сонце. Навистина личеше на Хелиос зашто, веројатно од некаков внатрешен развеселен магнетизам, кратката коса му беше накострешена на сите страни...

Хелиос одлучи да не ги сфати сериозно моите зборови кои, сè на сè, беа навреда за Величеството...

„Е, не може така. Веќе ти е наменето да раководиш со Комисијата за идејни прашања во културата!“

Веројатно можев само кисело да се насмеам.

„Се плашам дека не се разбираме. Ви одработив и изгубив четири драгоцени години...“

„Пријателе, јасно кажи ми што мислиш. Не сакаш да се компромитираш. Така?“ Одговорот беше на ниво на прашањето. „Пријателе, кога убаво прашуваш, убаво и одговарам... и не сакам.

Мавзолејот посветен на првите паднати антифашистички востаници, Попина кај Врњачка Бања, 1981.

Проклетството на големиот ум

По граѓанските војни и прогонствата овие генијални споменички остварувања паднаа во заборав, додека некои од нив претрпеа големи оштетувања. Дури по смртта на Богдановиќ, ширум Југославија почнаа да се организираат ретроспективни изложби и да се враќа интересот за овој великан и неговата безвременска уметност. Лишени од политичка симболика и необјасниви идеолошки, апстрактните остварувања на Богдан Богдановиќ во средината и времето на создавањето за многумина биле несфатливи. Неговите дела претставуваат синтеза на класичното и модерното со доза романтизам и искуство на надреализам, што ги прави единствени и неповторливи. Повеќезначноста и богатството на изразот, кои им даваат универзална вредност надвор од времето и просторот во кои се создадени, ја сместија споменичката архитектура на овие простори во светските текови.

Партизанската некропола во Штип, 1974.

Како професор и декан на Архитектонскиот факултет, но и со отворањето на својата приватна експериментална школа за архитектура во Мали Поповиќ, Богдановиќ несомнено изврши големо влијание на помладите генерации архитекти. Исто така, неговото значење се согледува и во теоретските текстови и политичките и филозофските ставови. Неговите размислувања се актуелни и во денешно време зашто продираат во сржта на српските проблеми во текот на историјата. За жал, ја доживеа злобната судбина на интелектуалец кој е прогонет од земјата, како и проклетството на големите умови да согледаат што се случува околу нив, да ги сфатат тешките ситуации низ кои минува општеството, но, и покрај своите напори и големи ризици, не можат да променат ништо.

Извор: http://kulturkokoska.rs

ОкоБоли главаВицФото