Како Волт Витман станал поет: откриен досега непознат роман

28.02.2017 03:40
Како Волт Витман станал поет: откриен досега непознат роман

Во архивите на Конгресната библиотека во Вашингтон пронајдена е книга на Волт Витман, која досега била непозната. Насловена е „The Life and Adventures of Jack Engle“ (Животот и авантурите на Џек Енгл).

Одмазничката фантазија на Волт Витман (1819 – 1892), „Животот и авантурите на Џек Енгл“, ги доведува во прашање претходно востановените идеи за преминот на славниот американски писател од проза кон поезија. Книгата сега е објавена онлајн, бесплатно.

Ед Фолсом, уредник на магазинот „Walt Whitman Quarterly Review“, изјави дека делото пронајдено во Конгресната библотека ќе промени сè што досега се знаело за почетоците на кариерата на Витман.

„Сега гледам дека романот и поезијата се преплетувале на, за нас, непознат начин“, вели Фолсом.

Закари Терпин, постдипломец на Универзитетот во Хјустон, го открил романот во неделното издание на дневен весник. Приказната се случува во Њујорк и била објавувана како фељтон, во текот на 1852 година, во време кога Витман почнал да работи на својата најзначајна поема „Стракови трева“, која е објавена три години подоцна.

„Животот и авантурите на Џек Енгл“ е класична приказна „од трње до ѕвездите“, за еден расипан адвокат, господин Каверт, кој се обидува да ја лиши од наследството својата штитеничка Марта. Џек, кој работи за Каверт, ќе ѝ помогне на Марта и патем открива дека судбините им се испреплетени (и двајцата се сираци). Во вистински стил на Дикенс, Витман како да ги израмнува сметките: и неговиот татко бил жртва на измама на некој њујоршки адвокат.

Овој роман од 36.000 зборови, Терпин го пронашол додека го прелистувал обемниот интегриран каталог на книжевните ракописи на Витман, во кој има негови нацрти, скици, белешки и разни други записи. Помеѓу белешките тој забележал низа имиња на разни ликови: Каверт, Џек Енгл, Виглсворт и Смајт. Темелното детективско истражување го довело до една мала белешка од 1852 година, од „New York Daily Time” (сегашниот весник „New York Times”), во која се најавуваат продолженија на автобиографијата на Џек Енгл.

„Сè се поклопи. Името Џек Енгл, годината, весникот. Не можев да верувам дека неколку минути јас бев единствениот човек на Земјата кој знае за таа книга“, открива Терпин за „Гардијан“. Ова дело на Витман тој го опишува како „забавна, весела, креативна, откачена, бизарна книга“.

Иако е објавена анонимно, книгата сосема се поклопува со заплетот од белешките на големиот поет, за проект за кој досега научниците тврдеа дека го отфрлил.

Но, ова откритие е значајно заради други причини. Обемот на прозниот материјал на Витман не беше многу познат. Оваа книга открива дека се борел со желбата да пронајде вистинска форма преку која ќе ги изрази своите идеи.

„Витман што го читаме во 'Џек Енгл', сè уште не е самоуверен, посветен поет, како што денес се мисли дека отсекогаш бил таков. Токму во тоа време, тој експериментирал, се обидувал во различни жанрови и модели на пишување, трагајќи по оној што ќе биде доволно широк за неговиот израз“, вели Терпин.

Фолсом се согласува дека романот ја открива борбата на Витман со формата и прецизно го покажува моментот кога преминал во поезија. Во 19-то поглавје, нарацијата одеднаш се прекинува, додека Џек се шета низ гробиштата и приказните на погребаните се стопуваат во бескрајни приказни за изгубени животи. Додека размислува за тие заплети, Џек чувствува како тревата му го прекрива лицето.

„Мислам дека уште во тој момент, Витман открил зошто конвенционалните заплети повеќе не му се корисни за она пишување што сакал да го постигне. Овој роман ни овозможува да го искусиме тој момент во процесот, кога Витман сфаќа дека прозата едноставно веќе не може да ја поддржи онаа креативна работа на која ќе ѝ се посвети до крајот на животот“, вели Фолсом.


Извор: Блиц

ОкоБоли главаВицФото