Се огласи и НАТО, радикализирањето на ВМРО ДПМНЕ го запали безбедносниот аларм!

28.02.2017 04:41
Се огласи и НАТО, радикализирањето на ВМРО ДПМНЕ го запали безбедносниот аларм!

Токму во време кога потпалувачката и радикална реторика на ВМРО-ДПМНЕ ја достигнува точката на „вриење“, во моментите кога првиот човек на (сè уште) владејачката партија, Никола Груевски не се ни воздржува јавно да го повика народот во одбрана на криминалното владеење, но и на сопствената кожа, пристигна и студениот туш од НАТО.

И тоа, пораката од Брисел не дојде од некој портпарол, служба за односи со јавност, туку преку изјава на првиот човек на најмоќниот воено-политички сојуз на планетава, генералниот секретар Јенс Столтенберг, лично и персонално.

Потсетувајќи на изјавата на Алијансата од последниот самит во Варшава во јули 2016, со која се повикуваат политичките лидери во земјава да ги исполнат обврските од Договорот од Пржино, што се карактеризира како рамка за одржливо решавање на кризата, Столтенберг се осврнува на декемвриските избори. Нив ги смета за нужен предуслов за надминување на кризата кои, според него, добија преодна оценка, но и констатира дека во согласност со барањата на претседателот Иванов, сега се собрани доволно потписи за составување на нова влада.

„Очекувам од властите во Скопје да го исполнат следниот чекор во демократскиот процес. Ги повикувам сите страни да демонстрираат воздржаност во нивните изјави и дејствија, и да донесуваат одлуки за доброто на сите граѓани“, се потенцира во изјавата на генералниот секретар на НАТО.

Има многу причини за палење на безбедносниот аларм во Брисел. Тие, пред сè, може да ги пронајдеме во односот на ВМРО-ДПМНЕ кон евро-атлантските интеграции во текот на сите изминати години, а особено по самитот во Букурешт во 2008 година. За начинот на кој власта си играше „топло-ладно“ со оваа стратешка определба која е есенцијална за безбедноста и сигурноста на Македонија, можеме да напишеме томови. Но, на крајот, целото дејствување на оваа партија и на државните институции окупирани од неа во последнава деценија, може да се сведе на следнава констатација: Во формалната комуникација и соработка со меѓународните институции и јавност, ВМРО–ДПМНЕ и Груевски постојано играа улога на конструктивен партнер и верен сојузник, додека во домашната јавност и во секојдневното институционално и вонинституционално дејствување, правеа сè што е во нивна моќ да ја оддалечат земјата од тој курс.

Последниве неколку месеци, особено за време на предизборната кампања, но и во овој постизборен период, ја видовме и „суштината“ на оваа стратегија, соголена до бруталност. Транспаренти на митинзите на партијата со која Алијансата се прогласува за терористичка организација, маици со ликот на Путин, некролози со странски амбасадори, обвинувања дека странците се дел од сценарио за уривање на државата, директни закани кон претставниците на дипломатскиот кор, јавно прераскажување на средбите со дипломатите што е надвор од секоја дипломатска пракса, барања за дополнителни објаснувања на јасни и недвосмислени изјави кои доаѓаа од амбасадите или од ЕУ… Сето тоа, се разбира, за „јакнење“ и „храбрење“ на сопствените редови и следбеници.

А, од друга страна, интересно, во комуникацијата со меѓународната заедница и меѓународната јавност, ВМРО-ДПМНЕ имаше сосема поинаков пристап од „цврстината“ и „непоколебливоста“, која се спроведуваше како стратегија за домашна употреба. Наместо тоа, се употребуваа сите можни меѓународни политички врски, пари, лобирања, состаноци, посети…, за да се „одоброволи“ Запад да „замижи“ пред она што се случува во земјата, нудејќи за возврат продолжување на „конструктивното партнерство“.

Но, пораката на Столтенберг е јасен сигнал дека таа приказна не поминува во Брисел. Таа подгреана, бајата чорба веќе не ја јадат ниту кучињата покрај празните македонски контејнери, а камоли една структура како НАТО, која е добро информирана за она што се случува во Македонија, далеку подобро отколку што си мислат „спин докторите“ на Груевски или пак неговите разгракани мегафони, кои деновиве интензивно и повторно повикуваат на „одбрана на Македонија“, користејќи ги сите можни простори, од националните телевизии, па сè до маалските штабови и „кооперации“.

А што е она што е најбитно, а што можеме да го заклучиме читајќи го она што е запишано во најновиот абер од генералниот секретар НАТО, но и меѓу редовите?

Прво и најбитно: Фактот дека за кризата во Македонија се огласува Алијансата и нејзиниот прв човек, го поместува битно тежиштето и начинот на кој меѓународната заедница ќе реферира кон кризата во Македонија во иднина. Имено, сега слободно може да речеме дека и за меѓународната заедница, тоа што се случува во Македонија не се третира само како политичка, туку и како безбедносна криза. А, тоа значи дека и вниманието на Брисел кон Македонија, сега нема да се рефлектира само преку прилично стерилните пораки „во ракавици“ кои доаѓаат од бирократските и политичките структури на ЕУ и Европската комисија. Таквите и досега, прилично неуспешно, ги адресираа токму оние „движења“ и „процеси“ што најмногу придонесоа земјата да се најде во ќорсокакот за кој толку многу се зборуваше во извештаите за напредок на ЕК.

Тоа, секако, значи дека Македонија влегува во една деликатна фаза, во која се возможни секакви сценарија, но и дека земјата, во недостаток на соодветен институционален одговор на повиците за насилство и конфликт меѓу граѓаните, треба да ги мобилизира сите продемократски сили за да не дозволи ефектуирање на стратегијата на Груевски за внесување на земјата во состојба, која ќе значи уште повеќе страдања и одложување на евроатлантските перспективи на подолг рок.

Констатацијата на Столтенберг дека се собрани потписите за формирање влада, јасно упатува на ставот на НАТО околу тоа какви чекори треба да следат понатаму, во поглед на разрешување на кризата, која ја окупира земјата веќе подолго време. Што се однесува до јасниот повик за воздржување од насилничка реторика, тој е секако упатен кон оние, кои таа реторика ја употребуваат најмногу и најчесто.

Кои се тие насилници, веќе знаат и врапците во Брисел, а камоли Столтенберг…

Извор: civilmedia.mk

Слики: Александар Дојранлиев

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото