Изложба на фотографии на Ерина Богоева

28.02.2017 06:24
Изложба на фотографии на Ерина Богоева

На 1 март (среда) во кафулето Wonderlust на улица Македонија во Скопје, со почеток од 20 часот ќе биде отворена третата самостојна изложба на фотографии на Ерина Богоева, со наслов „Четири годишни времиња и малку љубов“.

Ерина Богоева за некого е позната од Инстаграм како @poison_grl, додека други ја знаат од прекрасните фотографии на зајдисонцата во Скопје.

Нејзините почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата се во програмата на Меѓународната матура, во склоп на средното образование во гимназијата „Јосип Броз- Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007 година. За тоа време Ерина била дел од многу изложби („Плоштад Фотографика“, „Денови на Македонска Фотографија“, „Урбан Пејзаж“, „Хуманоста за Јоце не познава граници“, „Микро Изложба“, „Инстаграмџии“), како и креативни групни и самостојни проекти во Македонија и надвор од неа.

Во 2009 година таа е добитник на награда во младинската категорија на Деновите на Македонската Фотографија, а во 2012 добива прва награда за фотографија на тема „Скопје од мој агол“. Во 2013, Богоева е дел од „Fearful visions“ проектот во Берлин со своја фото-поставка. За време на нејзините студии во Нотингам (2013-2014) по филм, телевизија и екранска индустрија, таа станува фотограф за „The New Theater“ при Нотингам Универзитетот и нејзини фотографии се појавуваат во тамошното списание „Impact“. Во 2015 година се приклучува на жирито на проектот „Фото на неделата“ организиран од ЏаБест и станува дел од уредувачкиот тим на македонскиот фото-блог Revoshot.

Во мај 2016 ја има својата прва самостојна изложба под наслов „Животот на улиците во Европа“ во изложбениот простор на ЕУ Инфо Центарот како дел од програмата на Денот на Европа. Оваа изложба беше организирана и во рамки на серијата „Културни приказни“ на ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во октомври 2016, Ерина ја има својата втора самостојна изложба, насловена „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата Бела Ноќ.

Ерина Богоева е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р.Македонија и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Таа освен како фотограф работи и како театарски продуцент.

Фотографии од Ерина Богоева на Окно можете да погледнете овде и овде.

ОкоБоли главаВицФото