Операција: „Факторизирање“

28.02.2017 12:03
Операција: „Факторизирање“

Ќе дојде денот кога ќе се дознае кој е авторот на оваа монументално глупава, самоубиствена постизборна политика на ДПМНЕ. Би било тешко некого и на сила да го натерате да направи толку грешки колку што направи ДПМНЕ од 11 декември наваму – за различни аспекти од десетгодишната катастрофа пред тоа веќе се напишани томови анализи – но тоа, по изборите, да се случи без никаква видлива принуда е, практично, остварување на сите „најмокри“ соништа на мнозинската демократска јавност во Македонија!

Во првата минута по пребројувањето на гласовите на 11 декември стана јасно дека која македонска партија и да сака да состави влада, тоа ќе мора да го направи со деликатно преговарање со една или неколку албански партии, помогнато од „олеснувачкото“ посредување од „меѓународната заедница“, кон која требаше да се испратат сигнали дека приказната со СЈО и понатаму ќе може да се „менаџира“. Значи, тоа беше во првата, долга минута по изборите.

Веќе во втората минута по пребројувањето на гласовите, „фитилот“ на ДПМНЕ изгоре побрзо од кинески новогодишен огномет: буквално немаше пцовка на која не се сетија и што не се изговори на албанска и на западната дипломатска сметка, со долги пламени јазици исфрлени кон СЈО и кон „предавниците“! И тоа, за да нема забуни, и општите и клетвите на лична сметка стигнаа како од највисоките персонални и колективни партиски раководни тела, така и преку најпростачките пропагандистички кучиња пуштени од ланец, сѐ до најниските ешалони на лумпенпролетерските поддржувачи на „победникот на изборите“. Партијата од арогантен десетгодишен, технократски костумосан, владејачки апарат, за едно деноноќие, морално-политички тотално се распадна и регресираше во добро познатата жолчна провинцијална поднапиена багра на очајни изборни губитници, кои го кршат кафеанскиот мебел бидејќи шанкерот одбива да продолжи да им дава пиво на вересија. Вакво молскавично политичко „авто-дефакторизирање“ не е забележано на овие географски широчини.

Деновиве тој круг и симболично се затвора, со вадење на улица и на тврдокорниот шовинистички партиски талог облечен во црни кошули, соодветно поддржани од друштвото на лицемерни милионери во Синодот на МПЦ. Очекувам лично г.г. Стефан да ги освети опозициските шатори кога ќе ги постават да демонстрираат пред зградата на владата.



ТРАМП ВО ТУПОЉЕВ

Сепак, има едно плаузибилно објаснување за ваквото неодговорно, хазардерско однесување на партијата, сѐ уште, на власт. Имено, во онаа прва постизборна ноќ, попарени од вкупните губитнички изборни резултати, на Фамилијата во една минута ѝ стана јасно (погледајте ги само траорните фотографии од атмосферата во Белиот дворец на ДПМНЕ!) дека борбата веќе нема да биде за повторно тие да формираат влада и така да се спасува кожата под притисоците за кривична, политичка и материјална одговорност; туку борбата се сели во партијата, за таму, по секоја цена, да се опстои на чело на таа губитничка политичка групација, за таа да даде каква-таква стреа од накиснувањето во врнежливите опозициски денови што им претстојат. За тоа беше неопходно ургентно да се елиминира можноста некој да помисли дека ДПМНЕ, под цврстиот услов да биде исчистена од Фамилијата, би можела да биде дури и перспективен владејачки партнер со некој албански политички фактор во Македонија. Затоа се турна целата партија во антиалбанска и антизападна хистерија, за да ѝ се потроши потенцијалот за внатрешна реформа и за чистење на подрумските простории преполни од пленот на илјадниците владејачки криминали.

На тој начин се елиминира можноста празните политички шминкери, како Никола Поповски, на пример, да можат да се шетаат наоколу и да се претставуваат како „реформска“ лидерска иднина на ДПМНЕ, туку внатрепартиски се забетонира вредносниот систем на Фамилијата: ние презираме Албанци, ги мразиме западните либерално-демократски вредности и остануваме верни на клептоманската какофонија од Путиновиот христијански национал-конзервативизам. Ах, да: и парите што ги испокрадовме – не ги даваме, наши се! … А кој не ни верува, еве го Трамп, Јолевски телефонски ни потврди дека Доналд само што не слетал со руски тупољев во Скопје за да нѐ спаси од разновидната пропаст пред која сме исправени!



СТАРИ МУШТЕРИИ

Така, за само два месеца, почнувајќи од „ноќта на долгите ножеви“ пред ДИК и од читањето на апсолутно најглупавиот и најконтрапродуктивен политички проглас во историјата на светските глупави политички манифести, ДПМНЕ ефикасно ги поништи сите еднодецениски флертови со сопственото партиско модернизирање и „десно-конзервативно европеизирање“ и си се врати на своите проверени балкански национал-шовинистички корени, креирани пред триесетина години делумно од УДБА и делумно од искрениот политички романтизам на тогаш скромниот, но чесен Љупчо Георгиевски (кај него, б-то во името, заедно со бугарскиот пасош, и заработените милиони „на еден просечен македонски бизнисмен“ ќе дојдат нешто подоцна).

ДПМНЕ во февруари 2017 година си е старата, добро позната „муштерика“ на СДСМ, онаа партиска фрајла – беззабата распуштеница е бајаги подостарена и здебелена, но сега е барем добро нафатирана (што „сликом и приликом“ потполно наликува на една нивна забегана пропагандна баба која ги блуе најбудалестите заговорнички сценарија на пролупаните полноќни телевизиски ток-шоуа кај оној доживотен преварант) – која се заканува наоколу со ширење ретроградни идеи и нестабилност, која се тетерави по „жицата“ на своите внатрешни просрпски и пробугарски (а, во суштина, кумулативно проруски) влијанија и која од фазата на привремено скроениот антиалбански прагматизам, тукушто повторно си влезе во прегратките на активната, комотна антиалбанска омраза. Пристигнаа на местото од каде што тргнаа: некогашните надежни вмро-шовинисти во куси панталони и со излижани ѓонови од деведесеттите, денеска, дваесетина години подоцна, се облекуваат во скапи одела, „шмркаат“ од најквалитетното на пазарот и летаат по сите светски островски дестинации – дигресија: ве молам, колку за илустрација, погледајте го повторно официјалниот имотен лист на г. Борис Змејковски, па кога ќе се освестите можеме да поразговараме – но иако испокрадоа стотици милиони народни пари, во политиката не напредуваа ни за еден сантиметар.



ТРЕТО НЕМА

Знаете ли кога ваквата ДПМНЕ, предводена од Фамилијата, повторно ќе дојде на власт во демократска Македонија? Никогаш, а најверојатно ни тогаш. Всушност, за фамилизираното ДПМНЕ некогаш да се врати на власт постојат само две можности: или ќе ја исчистат Македонија од политичкото и изборното влијание на албанските гласачи во неа (и тука ќе застанам, за да не ширам алармантни сценарија како може тоа да се направи); или со албанското гласачко тело ќе ја поделат Македонија, па ДПМНЕ ќе си владее во „својата“ етнички подзачистена половина (и тука ќе застанам, за да не ширам алармантни сценарија како може тоа да се направи). Трета, правна и демократска варијанта за ова ДПМНЕ нема.

Ете, затоа, додека ја чекаме веста дека новата македонска влада на Зоран Заев конечно е и изгласана, си седам и си мислам кој може да е авторот на оваа монументално глупава, самоубиствена постизборна политика на ДПМНЕ? Кој ли ги храбри на овој начин да се „факторизираат“, пред трагично да заминат во историјата…

Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат