Фирми на Сеад Кочан и Љубисав Иванов – Ѕинго под истрага на СЈО

28.02.2017 13:44
Фирми на Сеад Кочан и Љубисав Иванов – Ѕинго под истрага на СЈО

Сопственикот на фирмата „Транс Мет“, Сеад Кочан, е првоосомничен во најновиот случај „Труст“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство. Втор и трет осомничени се директорот на „Силекс неметали“ Василије Авировиќ и управителот на фирмата „ВАТО“ од Скопје, Сафет Ватиќ.

Според истрагата на СЈО, обвинетите фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Овие три фирми на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Транс мет“.

Тендерот бил распишан на 7 октомври 2011 година, а биле наведени неколку услови кои фирмите што сакале да аплицираат за зделката требало да ги исполнуваат.

Осомничениот Кочан како доказ за поседување на градежна механизација, кој бил еден од условите за учество во тендерската постапка, доставил лажни документи дека поседува повеќе градежни машини. Тој, како што соопшти обвинителката Фатиме Фетаи, фалсификувал договори за наводна купопродажба и фактури дека ја набавил механизацијата, неопходна за добивање на тендерот.

Вториот осомничен, Василије Авировиќ, кој е син на екс-пратеничката, Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија на Љубисав Иванов-Ѕинго, исто така направил фалсификувани документи дека „Силекс неметали“ поседува градежна механизација и товарни возила за транспорт, како и лажни документи за кадровска екипираност.

Третиот осомничен Сафет Ватиќ од фирмата „Вато“ од Студеничани исто така доставил фалсификат документ дека во јули 2011 година купил дробилица за јаглен.

Сите овие документи биле доставени до ЕЛЕМ, каде комисијата извршила бодување и во конкуренција од шест фирми кои се јавиле на тендерот, зделката од 16 милиони и 260 илјади евра ја добил конзорциумот предводен од „Транс мет“ на Сеад Кочан.

Договорот со ЕЛЕМ бил склучен на 10 јануари 2012 година, а по истекот на договорот, РЕК Битола заради потреба од поголема количина јаглен, спровел постапка за јавна набавка без објавување оглас.

Зделката повторно била склучена со „Транс мет“ и со истата лажна документација Кочан, Авировиќ и Ватиќ добиле дополнителни милион евра.

Вкупната сума која овие три фирми ја искеширале со фалсификувана документација е 17 милиони и 200 илјади евра.

Против тројцата поднесени се кривични пријави за злоупотреба на постапка за јавен повик, дело за кое се предвидени казни од најмалку 5 години затвор. СЈО ќе побара да им се одреди мерка притвор на две од осомничените лица.

Во прислушуваните материјали што ги објави СДСМ, во 14 „бомба“ објавени се разговори меѓу екс премиерот Никола Груевски со поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, каде Груевски споменува „кратовчанец“ и „Сеат Ибица“.

Обвинителката Фатиме Фетаи соопшти дека случајот е отворен врз основа на прислушувани разговори, дел од оние кои се објавени, а дел кои јавноста не ги слушна.

Разговор помеѓу Влатко Чингоски и Никола Груевски

НГ: Вчера се видов со кратовчанецот.

ВЧ: Со…?

НГ: Со кратовчанецот, од Кратово.

ВЧ: Кратовчанецот!? Ааа, да, да, да, добро, добро. Јасно ми е.

НГ: Се видел и со тебе.

ВЧ: Да, беше кај мене, разговараме, му дадов некои идеи.

НГ: Се видовте и со оној…

ВЧ: Од Битола, така?

НГ: …што има кола Сеат Ибица, знаеш? Сеат, Сеат Ибица….

ВЧ: А да, добро, добро.

НГ: Се видов, и двајцата…

ВЧ: Ало…

НГ: …да им помогнеш некако…

ВЧ: Па еве денеска…

НГ: Они ги вртат… они кажуваат дека најверојатно оној Страшо и тој битолчанецот дека ќе бидат…

ВЧ: Да, за тоа, да. Таму сигурно ќе се пријават, ама му реков јас дека може он слободно да се јави, да направи некој конзорциум и да се јави.

НГ: Најбоље е ти тоа да го организираш, да е предвидливо. Они се вака збунети…

Извор: НоваТВ