Заедничка или чиста Македонија?

01.03.2017 07:51
Заедничка или чиста Македонија?

Одбивам. Одбивам мојата Македонија да е „чиста“ Македонија. Одбивам да продолжам да живем во Македонија, каде „лошите“ се луѓето од друга етничка заедница, а не криминалците. И одбивам бе луѓе, да бидам сунѓер за пропагандата на еден поранешен корумпиран владетел, чија цел е само, и ништо повеќе од спасување на сопствена кожа од затвор!

Секој/а граѓанин/ка има право на ненасилен начин да изрази протест. Но, тука завршува моето разбирање за најновиот бран на „бранење на унитарноста и името“ на државава. Ништо друго не разбирам – ниту протестот, ниту организацијата, ниту тајмингот, а најмалку од сè ја разбирам целта на вчерашниот настан.

Не може на протест под мотото „Заедничка Македонија“ да се скандира „чиста Македонија“, „Македонија на Македонците“, и „За Шиптари, гасна комора!“. Прво, ова е контрадикторно и во најмала рака збунувачки. Второ, ваквите контрадикторности и тоа како значат дека вистинската цел не е таа која ѝ е презентирана на јавноста.

Организацијата – ова е партиски, или непартиски собир? Зошто има списоци за присуства? Зошто има партиски команди за собирање пред штабови? Нема ништо граѓанско, ниту надпартиско во вчерашниот марш. Во #ШаренаРеволуција, ние не правевме списоци ниту кога купувавме бурек едни за други.

Морам директно да прашам – Зошто сега? Ако сакавте да протестирате против двојазичност, тоа требаше да го сторите во 2008. Тогаш беше донесен Законот за употреба на јазиците, како резултат на таен договор помеѓу Груевски и Ахмети. Знаете, оној договор со кој Груевски им исплати пари и им даде вработување и на војниците на ОНА. Да де, истиот договор со кој Груевски ги искористи своите пратеници за да ги амнестира хашките случаи.

Ама не, во 2008 вие се подготвувавте да тепате студенти по архитектура во 2009 година. Еден од вас дури и беше помеѓу тие студенти, ама изгледа премногу силно го удривте по глава.

По дефиниција, унитарна држава значи држава во која законодавната, извршната и судската власт се организирани во единствен, централизиран државен систем. Овој концепт отсекогаш бил и ќе остане во Македонија. Општините не можат да донесат акт спротивен на законите кои се носат во Собранието. Единствениот Врховен Суд е над сите Основни, а Владата има огромна улога во управувањето со општините. Тоа е унитарност. Тоа што вие одбравте да го расфрлате овој збор каде што ќе стигнете, само со цел вашата пропаганда да има поголема тежина е сосема друга работа.

Навистина мислите дека некој, кој било, може да го промени името на Македонија без широка општествена дебата и најширок општествен консензус? Не, не може. Дури ниту Груевски, во своите најславни и најпреродбенички денови не можеше, иако се обиде.

Но, исто како и со унитарноста, Македонија отсекогаш била, е и ќе биде – мултиетничка држава. Доволно беше омраза, чија единствена цел е политичка добивка на елитите на власт. Премногу беше.

Груевски ја стави етничката компонента на маса, кога во кампањата почна да користи националистичка пропаганда и лаги за да го сокрие својот криминал. Добро, Никола, доволно беше и бегањето од вистинските проблеми – го постави етничкиот проблем на маса, разгори проблеми кои ти ги одржуваше цела деценија – ќе ги решиме. Ќе ги решиме како што треба, а не како што ти со години ја лажеше јавноста со твојот таен договор.

Четврт Илинден?! Е, тоа е уништување на националниот идентитет, Никола!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Seir