Упатените странци за СК014 (3): „Скопје 2014“ е урбицид

01.03.2017 17:59
Упатените странци за Скопје 2014 (3): „Скопје 2014“ е урбицид

Марое Мрдуљаш: „Скопје 2014“ е урбицид

Хрватскиот архитектонски критичар Марое Мрдуљаш она што се случува во Скопје го опиша како „урбицид“: „Навистина не ми е јасно како е возможно такво нешто. Кои закони важат, а кои не важат?“

Мрдуљаш, кој предава архитектура на Универзитетот во Загреб, изјави дека Скопје по земјотресот било жариште на архитектонски експерименти во кои учествуваа многумина архитекти од Европа и од поранешна Југославија, собрани околу иновативната визија за новото градско јадро на јапонскиот архитект Кензо Танге. Планот на Танге бил само делумно реализиран, но „Скопје во то време навистина било голем урбанистичко и архитектонски експеримент, се разбира, прогресивен“, вели тој. „Денес присуствуваме на нов вид експеримент, кој е бизарен. Не се сеќавам дека некаде сум видел нешто слично.“

 

Стеван Кацин и Јуриј Принцес: Објектот на МОБ е отсечен од градскиот живот

Една од последиците на обновата на Скопје е што острите бели агли на зградата на Македонската опера и балет сега се сосема скриени и невидливи. Таа зграда е репрезентативен пример на југословенскиот модернизам, проектирана од словенечката архитектонска група „Биро 71“. Била замислена како дел од поширок културен комплекс што се спушта кон реката Вардар, но проектот останал незавршен. Зградата на Операта и Балетот сега е отсечена од брегот на реката со низа неокласични градби со римски колонади и лажни канделабри. Според постојните планови зградата на Операта и Балетот ќе биде опколена од сите страни, иако ниту со еден од архитектите кои работеле на овој објект немало претходни консултации за промена на оригиналните планови и за интервенции во непосредното опкружување на зградата.

„Ниту една градска или републичка институција не контактираше со нас, ниту пак побарала мислење од нас, како автори“, изјавија Стеван Кацин и Јуриј Принцес, двајца од четворицата автори од групата „Биро 71“, кои работеле на оригиналниот проект.

„Разбирливо е инвеститорот да сака да го заврши комплексот, но мислиме дека со проектот требало да се опфати и зградата на Операта и балетот и самиот плоштад, за да им се овозможи да излегуваат на Вардар“, напишаа двајцата архитекти, родени 1939 и 1933 година.

„За жал, со новите ’еклектични’ згради на брегот на Вардар, тоа е оневозможено, а објектот (МОБ) и плоштадот се отсечени од градскиот живот и променадата.“

Маја Иваниќ : Скопје имаше иновативна архитектура многу пред да се појави Заха Хадид

Маја Иваниќ, претседателка на Здружението на архитекти на Љубљана, вели дека била восхитена од зградата на Операта и балетот кога прв пат ја видела.
„Беше убава, чиста, комплексна и едноставна во исто време, важен архитектонски споменик“, рече таа.
“Скопје ја имаше таа иновативна архтектура уште многу пред во светот на архитектурата да се појави Заха Хадид. Навистина ми е жал што владата на Македонија не е во состојба да го согледа тоа“, рече Иваниќ.

 

Владимир Кулиќ: Во МОМА ќе биде прикажан проектот за МОБ како важен пример на југословенскит модернизам.

Музејот на модерна уметност во Њујорк „МоМа“ за 2018 година најави изложба со која ќе му се даде признание на југословенскиот модернизам. Еден од кустосите, Владимир Кулиќ, изјави дека на изложбата ќе биде прикажана и реконструкцијата на Скопје по земјотресот „како еден од важните моменти во интернационализацијата на архитектурата во времето на Студената војна“. Меѓу експонатите ќе се најде и зградата на Операта и балетот и оригиналните цртежи и моделот на планот на Танге за центарот на градот.

Некои од објектите што ќе бидат претставени на изложбата сеуште не се „обновени“, но “некои значајни примери на архитектурата на тоа време се изменети до непрепознатливост“, рече Кулиќ, вонреден професор по архитектура на Универзитетот Флорида Атлантик.

Меѓу нив е зградата на Владата, која претходно била зграда на Централниот комитет на Комунистичката партија. Зградата била изградена во седумдесеттите години и била проект на архитектот Петар Муличковски, кој користел елементи на традиционалната македонска архитектура. Тој јавно им се спротивстави на интервенциите врз објектот.

Кулиќ вели дека оригиналната зграда била „исклучително значаен и важен пример на модернистичкиот регионализам“.

„Иронијата е во тоа што зградата којам според барањето инспирација во локалната народна архитектура, го артикулирала модерниот македонски идентитет, сега се преоблекува во смешна и неука верзија на интернационалниот класицизам, наводно со намера да се зацврсти некаков ’македонизам’“, вели тој.

Подготвила: Александра Бубевска
Слики: Свирачиња
Извор:
Jutarnji List, БИРН

ОкоБоли главаВицФото