„Тричковски, како не ти е срам предавнику!“

02.03.2017 06:15
„Тричковски, како не ти е срам предавнику!“

Во 9.10 само што не бев тргнал на работа во кафето „Корзо“, кога, тирулитирула, слушам некој ми ѕвони на вратата. Гледам низ шпиунката едно момче. Помислив дека е некој од оние што собират помош за лечење на тешки болести кај своите блиски. Побрзав да отворам, кога - што да видам: тоа момче во високо поставената рака држеше некаква батериска ламба, а на касата на мојата врата се беше потпрело едно друго момче.

Е, тоа другото, полупокриено со некаква качулка, ми вика: Тричковски, како не ти е срам предавнику!

И тука се случува едно интермецо од можеби две-три секунди, не повеќе, знам дека веднаш ги проценив на по пет-шеснаесет години, дека останав спокоен над сите мои очекувања, можеби затоа што ми се видоа и ми звучеа како некакви коледари, такви беа децата во тонот, во интонацијата, ми се стори дека и тие самите знаат дека тоа што го изговорија им е снимено како обврска пред некоја инстанца, имаше нешто шеговито во нивниот настап, дури со идеја да си ја подигнат наградата, а на жртвата истовремемо да ѝ кажат дека сè е тоа само едно утринско срање!

И решив да не реагирам, никако, освен со затворање на вратата. Почувствував мал отпор од ногата на едното момче и толку. Заминаа. Ги гледав од терасата. Качулки и забрзан чекор. Исчезнаа зад аголот. Можеби отидоа пред некоја друга врата.

Веднаш потоа се јавив во Центарот за странски јазици и порачав дека се запишувам на интензивен курс по албански јазик. Ако сум предавник, да бидам вистински предавник. Со тапија, петти степен. Подобро е, си реков, да си предавник отколку прдавник како децата.

Тоа е!

П.С.

Им се извинувам на другарите од „Корзо“ за доцнењето, но во овие околности навистина не можев да дојдам на време!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња