1018 hPa
77 %
18 °C
Скопје - Сре, 15.07.2026 07:05

Oдлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да не го довери мандатот на кандидатот на партиите што имаат мнозинство во Собранието, претставува директно кршење на Уставот на РМ и е пречекорување на неговите уставни овластувања, а спротивно на волјата на граѓаните. Оваа одлука истовремено е директно негирање на волјата на мнозинството граѓани за формирање мнозинска политичка влада, со 67 мандати во Собранието.
Во својот говор Претседателот не даде ниту еден уставно-правен аргумент за ваквата одлука. Напротив, обраќајќи се единствено на дел од македонскиот народ - поддржувачи на ДПМНЕ - и исклучувајќи ги сите други граѓани, припадници на малцински етнички заедници во државата, говореше за фиктивна повреда на унитарноста и суверенитетот на државата, за заговори од странски држави и ја повика меѓународната заедница на воздржување од наводно, како што тој видел - мешање во внатрешните работи на Македонија.
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост дека со овој свој гест Претседателот има намера да ја продлабочи политичката криза во државата, додавајќи и безбедносна и интеретничка опасна димензија. Тоа би можело да произведе ситуација на темелна загрозеност на човековите права на сите граѓани во Македонија во ситуација на длабока политичка и безбедносна криза.
Од тие причини, Хелсиншкиот комитет повикува на отповикување на оваа одлука на Претседателот, сè со цел брз излез од политичката криза и влез во тешкиот реформски период кој ѝ претстои на Македонија.
Извор: mhc.org.mk
Слика: Александар Ковачевски