Ден плус

02.03.2017 14:46
Ден плус

Велат тоа што нема да не убие – ќе нè направи посилни. Можеби, зашто, реално, нас десет години полека нè убиваа(т), но уште сме тука. Па и вчерашниот ден, ако сакате, не беше ништо друго туку последниот рѓосан клинец во мртовечкиот сандак на македонската демократија. И тоа од раката на првиот лудак, кој осум години континуирано ја егзекутира секоја надеж, секој демократски зрак, комплетно ја маргинизализира државава и го понижува народот. И со самата негова појава и со секој изречен збор. А сепак, денес, сите, или барем она мнозинство кое се гледа себеси како сериозни граѓани на оваа држава, некако се чувствуваат зачудувачки добро, можеби малку разочарано но никако демотивирано, веројатно со извесни ситни пукнатини во цврстината на определбите дека криминалната банда е поразена, но сигурно со уште поголема решеност дека ако не вчера, тогаш утре ќе има нов ден. За нас ден плус, за нив ден минус! И општа решеност дека само темелни промени можат да ја спасат оваа држава!!!

На таквото расположение веројатно влијае и дури неверојатната смиреност кај опозицијата и кај сите оние кои цели две години, па и повеќе, издвоија за решавачката битка против целосното разнебитување на државата. Зашто, веројатно, и оваа варијанта била очекувана – можеби и повеќе од првата, добрата? Што впрочем и не е важно, но важно е дека опозицијата и граѓаните покажуват неверојатна зрелост и мудрост. Можеби и неочекувана од другата страна? Но сигурно единствено можна зашто сè друго би значело слепо влетување во сценарија посакувани од бандата и лудакот. Да, во напливи на нервоза многумина велат дека не можеш со криминалци да се бориш џентлменски или гандиевски, ама против сила можеш да се бориш со ум, против неправда со правда, против криминал со чесност! Друго нема. Зашто тоа се оние драгоцени нешта, оружје што бандитите го немаат. И не можат да ги имаат зашто нивниот профил, нивната генетска структура е пореметена, извитоперена, разорена. Затоа и велам: за нас ден плус, за нив ден минус! И тие денови само ќе се множат, во наша полза и на нивна штета, до конечната разврска. И тоа е така и никако поинаку не може да биде, зашто тоа е единствена можна варијанта, тоа е историски потврден факт, бидејќи злото никогаш и никаде не надвладеало. Особено не денес и во овој дел од светот!

Она што, веројатно, подеднакво односно паралелно се засилува со напливите на оптимизам, решеност и истрајност, е – срамот. Срамот пред светот кој што запрепастено и со неверување гледа што се случува во оваа некогаш пристојна земја и мрачните небиднини што ѝ ги плетат дел од нејзините „политичари“. Срамот од некултурата, недостатокот на демократски потенцијал, од уличарското и провинциското однесување на политичкиот врв на државата … срамот од ксенофобијата, од нетолерантноста, од саможивоста. Срамот од бесрамноста! Некој ќе рече: што има ние да се срамиме за нив? Па немаме зошто, се разбира, ама тие нè резилат и нас, ја резилат државата, нејзината култура и минато … Не’ поистоветуваат. Ги гледаат како некакви некогаш легитимно избрани народни претставници, иако и таа бајка сè повеќе им се разјаснува. И прашуваат: каков е тој народ кој застанува зад вакви претставници. И сепак, стигмата останува. Останува она чувство дека утре ќе треба да им објаснуваш на некои пријатели дека не сме баш сите исти – криминалци и лудаци – дека во земјава останал и некаков разумен и креативен потенцијал, дека не баш сите ги гледаме странците како чума што доаѓа да нè покори… Докажувањето нема да биде лесно, промените – кога и да дојдат – ќе бидат макотрпни и од таа гледна точка. Ќе нè гледаат низ лупа, ќе го мерат секој наш збор, потег, чекор. Диктаторско-фашизоидните и криминалните стигми се најтрајните во историјата, речиси неизбришливи. Затоа и оваа лакомост и лекоумност, оваа политичка и демократска незрелост и човечка беда продолжуваат да ги испишуваат најцрните страници во современата македонска историја. Страници кои така видовито – или стратешки планирано – ни ги навести налудничавана што хистеризираше за „ноќта на ножевите“!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото