1032 hPa
86 %
1 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 02:02
Не ме напушта и никогаш нема да ме напушти оптимизмот дека македонската политичка криза ќе заврши на единствениот можен начин – со одење на ДПМНЕ во опозиција и со кривичен прогон на нејзината криминална врхушка која ја уапси сопствената држава, ги окупираше нејзините институции и ги погази сите можни закони. Со таа мала разлика што од вчера, бројот на осомничени за сторени кривични дела против државата и нејзиниот уставен поредок, се зголеми за уште еден човек. Ѓорге Иванов, познат под прекарот Хорхе, на официјална функција – претседател на државата, со неофицијална мисија да го штити и брани осомничениот и обвинетиот криминалец Груевски и неговата Фамилија до последниот граѓанин на Македонија. Лидерот на државата свесно си ја облече одората на дворски шут, престорувајќи се во партиски ЛУДЕР и со своето 10-минутно пелтечење и леење крокодилски солзи за судбината на државата која била загрозена од албанската платформа кроена во Албанија, под покровителство и суфлирање на албанскиот премиер, кажа дека нема да му го даде мандатот на Заев за формирање влада.
Вмровскиот лудер привремено поставен за ѓоамити некаков шеф на држава, се одлучи Македонија да ја претвори во кобајаги држава, свесно и намерно игнорирајќи го нејзиниот највисок законодавен акт – Уставот. А во него, во членот 90, напишано е дека тој е ДОЛЖЕН (обврзан) да го даде мандатот на кандидатот на партија или партии што имаат мнозинство во Собранието. Арно ама, Хорхе не ѝ должи ништо на сопствената држава, на нејзините граѓани и на нејзините закони, туку на Никола Груевски. И долгот мораше да го врати. А, цената ќе си ја плати. И тоа како ќе си ја плати.
Всушност, на еден или на друг начин, цехот од хорхевите лудории ќе го платиме сите, без оглед дали сме од оваа или од онаа страна на барикадите на умот и разумот. Ќе го платиме и преплатиме, не само поради пролонгирањето на кризата, туку и поради нејзиното прелевање од државни граници. Од вчера, Македонија веќе има проблем и со соседна Албанија, но и со ЕУ и НАТО, бидејќи лудерот Хорхе сите по ред ги прозва и обвини за заговор против неговиот наредбодавец. Па, дури и им се закани, ги предупреди и пет пари не даде на укажувањата на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, или на нејзиниот колега, еврокомесарот Хан.
И така, по подбуцнувачкото интервју на Груевски, по појавата на тврдокорните на улиците и по импровизираниот обид за државен удар на Иванов, работите се ставени во исчекување на ескалација. И внатрешна и надворешна. Македонија е целосно блокирана, иако има техничка влада со лимитиран мандат за носење одлуки, со четворица пратеници во неа, но и со министри од ДУИ - партијата која преговара со СДСМ и која е обвинета за обид за разнебитување на земјата. Лидерот на ДПМНЕ бара нови избори, а нив може да ги распише само Парламентот, во кој неговата партија нема мнозинство. Веројатно последниот и единствен легален излез од ситуацијата е СДСМ и ДУИ да го заобиколат Иванов и да побараат свикување седница на Собранието на кое ќе се избере негов претседател и мандатар за формирање влада. Но, и тоа е тешко остварливо бидејќи за очекување се блокади од актуелниот претседател, Вељаноски, како и улични протести и оневозможување да се одржи таква седница. Владините медиуми и портали, под полна пареа, шират хистерија и паника за одбрана на Македонија, месните комитети на ДПМНЕ ги активираат списоците, а на ФБ профилите сѐ почеста е милитантната реторика и симболика, што укажува на свесно и планирано манипулирање со чувствата на граѓаните.
Единствената можна опција за смирување на страстите е да не се долева масло на огнот. Оттаму, целосно го поддржувам Заев и неговиот вчера крајно воздржан настап, со што покажа дека одбива да влезе во сценариото на Груевски. Останува да се одработи уште последната клапа од долгокилометражниот филм за декриминализирање на Македонија, а тоа треба да се изведе мудро и трпеливо. Груевски ги потроши сите лудери и лузери во одбраната на неговото недело, му преостанаа уште оние неколку стотици или илјади изманипулирани и заблудени луѓе, оставени сами на себе во борбата против измислениот непријател.
Денес е посебно бистар денот, нели?
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња