Колку сме?

29.06.2010 13:48
Колку сме?

Колку сме, навистина? Онолку колку што нè избројаа лидерите на неодамнешниот митинг на „опозиционерскиот блок“ или онолку колку што нè изброја Груевски на неодамнешната прослава на „роденденот на ДПМНЕ“?

Емилијан Станковиќ изјави дека целта на собирот на СДСМ е да „покажеме дека од денес почнува делегитимирањето на оваа власт“ и да „покажеме дека има една поинаква, многу побројна Македонија од онаа што отиде на митингот на Груевски од десетина илјади граѓани“.

По дваесетгодишното пустошење на македонското основно разбирање за демократските процеси, веќе е дури и мачно да се вадат цитати од говорите на македонските „спасители“. А уште помачно е постојано да се потенцира суровоста со која се подмитува македонскиот граѓанин во рингот во кој единствено се мери големината на политички мотивираната лична самодоволност.

Денешната власт, прво и основно, самата одамна се делегитимира со своите тактики на поделба на населението, буџетски и економски линч на македонската економија и со политиката на популизам и внатрешно-партиско распарчување на општествено-економското наследство на македонските граѓани. За да се укаже на тоа, не е потребен ниту СДСМ, ниту опозицијата. А дека не се потребни докажуваат токму бројките со кои се расфрлаат лидерите на двата најголеми политички табори.

Четириесет илјади присутни на митингот на СДСМ и значително помалку присутни на „роденденот“ на спротивната гарнитура. Тоа се граѓаните на кои им е потребна помош во проценувањето на капацитетот на македонската политика. Останатите седеа дома, одамна помирени со бездната во која се осудени да гувеат.
 
Поддржувачите на СДСМ ќе ви кажат дека народот кој остана дома е „исплашениот, демотивиран народ“ кој го заплашуваат денешните власти. ВМРО ќе ви каже дека дома останаа оние кои се уморни од политиката на Црвенковски кој неколкупати до сега (и како премиер и како претседател) имаше шанса да се покаже. А оние кои останаа дома најверојатно нема ни да ви одговорат зошто не се појавија ниту на првата прослава, ниту на вториот „бунт“, зашто веќе одамна и двата политички блока успеаја да ги демотивираат и фрлат во апатична политичка, но и сеопшта депресија која ја крепат во обидот да се прехранат.
 
По сè изгледа никој не гледа причина поподробно и систематски да го мотивира апатичниот народ. Зашто, се чини многу полесно се чекори кон Европа (фигуративно) и низ Европа на туѓ трошок (реално) со многу помало стадо зад себе кое попатно бара вода за да преживее.
 
А не е точно дека „силите“ зад Црвенковски се единствените со погледот свртен кон хоризонтон наречен Европа. Не е вистина, зашто токму славениците на роденденот на ДПМНЕ и смртните противници на Црвенковски последните четири години го цицаат буџетот на македонскиот граѓанин за шетање и сликање пред „скулптурите“ на Европа. Како вистински европски туристи. И не само Европа. Ја преораа и Америка и Австралија во „обид“ да донесат инвеститори или да го решат спорот со името, додека во пракса работат на осигурување на својата иднина по политичкиот пад. Подеднакво неточно, како што не е точно (како што укажа Црвенковски) дека само ДПМНЕ-вци го бранат  името македонско.
 
 
И оттука поделбите - на овие и оние десет или педесет илјади кои ќе успеат да го побутнат својот избраник на подиумот наречен власт.
 
Доколку некому оваа реторика звучи демагошки и апатично, тогаш својот елан и мотив може слободно да го употреби за анализа на говорите на последните (и повторни) спасители од разорната политика на моменталната власт. И нека објасни, како се стигнува до Европа заедно, и како се оди контра политиката на поделба која ја води моменталната власт, кога притоа се заклучува, индиректно (како што заклучи Станковиќ) дека напред ќе оди само една „поинаква и побројна Македонија“ од онаа „која се појавила“ на митингот на ДПМНЕ?!
 
Попатно може да ни објасни како се менува дваесетгодишна политика на политичка партизација на држава, и како се воспоставува демократски начин на владеење и општествено наградување без придружен обид за менување на политичките ставови и идеолошки посветености на заслепените граѓаните кои одбрале да го поддржат противникот?! Како се оди напред, кон поинаква, демократска Македонија без повик за промена на очекувањата (и давање причина за менување на видувањата) на граѓаните кои сеуште ја поддржуваат самоубиствената политика на моменталната власт?
 
Еден пријател неодамна заклучи дека за бунт и „револуција“ е потребна маса народ; но незадоволна маса народ. Иако на последниот „опозиционерски“ собир навидум се собра маса незадоволен народ, станува збор за практично неполезно незадоволство – барем кога станува збор за менување на дискурсот на политичко-општественото уредување во практика.
 
За бунт и револуционерно менување на општествените поставености е потребно многу повеќе од незадоволство од политичките лидери на власт. Потребно е незадоволство од политичките тактики на делување. На последниот митинг, за жал, вакво незадоволство не видовме. Видовме четириесет илјади презадоволни граѓани од политичката тактика на лидерот кој се најде на подиумот пред нив, кој го нема капацитетот да спознае дека е време да се повлече и делува од позадина.
 
Големите промени го побаруваат тоа.
 
Груевски ќе падне од власт. Но кога тоа ќе се случи, медалот за истото ќе си го додели сам, а покрај присутните четириесет илјади на завчерашниот митинг, за тоа многу позаслужни ќе бидат останатите милион и кусур гласачи кои како и секогаш ќе бидат полни надеж, но далеку од задоволни. Оти задоволството не се слика со боите кои ги потенцираат недостатоците на противникот – тие се очигледни – туку преку боите кои ги потенцираат сопствените капацитети.
 
Капацитетот на СДСМ и опозицијата за жал не е во партиската бројност, туку кај сеуште недоволно мотивирниот македонски граѓанин кој реши да остане дома,  и покрај целокупната некадарност и глупост на моменталните власти. Што тоа зборува за капацитет на претендентите за власт, нека проценат сами, за свое, но да се надеваме и за наше добро. Можеби, следствено, ќе успеат да најдат начин да ги мотивираат апатичните граѓани навистина да посакаат да видат промени, и кај властите, но и во нив самите. Оти лидерството и чекорењето кон промени не се пресликува само во желбата и потребата да се „води“ (и биде воден) и да се биде на „чело“ на „преродбените“ јавни говори, туку многу повеќе во желбата (и сфаќањето на потребата) да се помага во остварувањето на промените низ активно работење на трибините и собирите наречени политичко-општествено секојдневие.
 
фотографии: Andrea Galvani  

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото