Сопственикот на ДМ го изненади светот: целото богатство го подарувам, сакам да бидам слободен!

03.03.2017 11:38
Сопственикот на ДМ го изненади светот: целото богатство го подарувам, сакам да бидам слободен!

Малопродажниот германски трговски ланец ДМ по многу нешта се разликува од денешните либерално капиталистички компании: платите на продавачките се движат од 850 до 950 евра, примаат четиринаесет плати и четири пати годишно добиваат подарок-пакети со производите на ДМ.

И баш кога се чини дека фирмата го достигнала врвот во спроведувањето „капитализам со човечки лик“, светот остана запрепастен од нова вест: Гец Вернер, сопственикот на ДМ, се откажа од богатството и целокупниот удел во сопствеништвото го подари на една добротворна фондација!

Со тоа е потврдено она што многумина кои го познавале го зборуваа - Гец Вернер е многу необичен човек, па не е чудно што и неговата компанија е таква. Тој сам потврди со зборовите: „Не е срамота да се стане богат, но срамота е да се умре богат“.

Јалов одзив на повикот на Бил Гејтс

Се проценува дека вредноста на неговиот имот е поголема од милијарда евра, кои во случај на смрт би ги наследиле неговите седум деца. Меѓутоа, од тоа нема ништо. Сепак, им обезбедил на децата квалитетно образование и им дал темел и самите да станат богати.

„Децата имаат право на добар почеток во животот, но не и на тоа родителите да им обезбедат доживотна благосостојба“, ја објаснува Вернер својата необична одлука.

Повеќето богаташи во светот не се откажуваат од своите пари, што неодамна го покажа и лошиот одзив на повикот на американските милијардери Бил Гејтс и Ворен Бафет. Имено, тие пред десетина дена упатија јавен повик до богаташите во светот да се откажат од половина од своето богатство во корист на добротворните организации.

Меѓутоа, повеќето го одбиле повикот правдајќи се дека и онака често донираат значајни суми во добротворни цели. Некои стручњаци сметаат дека причината е сепак малку пореална: глобалната рецесија која ги уплаши дури и најбогатите.

Успешни и во рецесија

Со инсистирање на повеќе од пристојни плати и работнички права за сите свои вработени, а сега и откажување од богатството, Вернер докажа дека компаниите со задоволни вработени се поуспешни. Имено, ДМ е една од ретките компании на која приходите во рецесија не ѝ се намалија, туку дури се зголемија.

Вернер: На секој човек по 1000 евра основна плата

Гец Вернер (66) е и професор по претприемништво на Институтот за технологија во Карлсруе, а коавтор е на книгата „1000 евра за секого“, во која се залага за тоа секој граѓанин да добива основен приход од 1000 евра, зашто тоа придонесува за ослободување на човекот. Го критикуваше новиот систем на социјална помош во Германија, според кој се соединува помошта за долгорочно невработените и помошта за сиромашните, нарекувајќи го „затвор за спиење дома“. Според Вернер, тоа е кршење на човековите права.

Извор: Јутарњи лист

ОкоБоли главаВицФото