Современите американски војни како книжевни публицистички наративи

03.03.2017 11:18
Современите американски војни како книжевни публицистички наративи

Франциско Гоја, Трети мај, 1908

Воената тематика отсекогаш била присутна речиси во сите видови уметности од сликарството (Франциско Гоја, Third of May, 1908; Пабло Пикасо, Guernica, 1937.) преку музиката (Боб Марли, War; Боб Дилан, Masters of War) до книжевноста (Ерих Марија Ремарк, На запад ништо ново; Ернест Хемингвеј, За кого бијат камбаните). И покрај одредениот тематски континуитет дури во поново време почнува посериозно да се пристапува кон анализа на наведената тематика во книжевни рамки. Анализирајќи ги книжевните дискурси кои се занимаваат со војната како општествено-политичка појава, Кејт Меклофлин истакнува дека „воената литература“ е полна со парадокси. Во тој контекст се наведува дека војната како феномен на деструкцијата и експлоатацијата се перпетуира со елементите на сочувствителност, па дури и нежност.

Изминативе години сведоци сме на своевидна хиперпродукција на воената тематика, првенствено онаа што се создаде во рамки на прокламацијата на војната против тероризмот на Буш која се одвива во публицистички и книжевни рамки. Имено, овие изданија можат да се дефинираат како публицистички, но исто така во теориската рамка што ја постави Кејт Меклофлин, можеме да им пристапиме и во книжевни рамки. Една од таквите книги, која побуди голем интерес, секако е American Sniper (2011) од авторот кој е поранешен припадник на единицата SEAL, Крис Кајл, кого на почетокот од 2015 го уби Еди Рут. Освен книгата на Кајл, која стекна легендарен статус, во овој контекст секако вреди да се издвои и книгата на уште еден припадник на SEAL, Марк Овен (псевдоним) во коавторство со Кевин Мауер, под наслов No Easy Day: The Firsthand Accont of the Mission That Killed Osama Bin Laden (2012.) како и изданието на Маркус Лутрел во коавторство со Џејмс Д. Хорнфишер, Service: A Navy SEAL at War (2012.).

Во рамки на „воената литература“ изразено е важна појавата на војници/автори кои своите воени искуства ги претставуваат во наративни линии. Во таквиот вид изданија предничат американските војници кои по враќањето од боиштето своите искуства ги врамуваат во лични исповеди, а врз нивна основа потоа се создава целокупната слика, за она што Буш го дефинираше како „war on terror“. Читајќи ги таквите дела можеме да откриеме дека во нив доаѓа до сублимацијата што ја наведе Кејт Меклохлин. Наведеното особено се согледува во перпетуирањето на главниот лик и раскажувачот со што се реализира субјективниот наратор кој не ја претставува објективната реалност. Затоа во самото претставување на книгите на Марк Овен и Кевин Мауер се истакнува дека читателот се поставува рамо до рамо со припадниците на американската единица SEAL, која учествуваше во ликвидацијата на американскиот државен непријател број 1. Ваквата структура на книгите пружа еднообразна визура на ситуацијата во која се прикажува „исклучителната жртва која довела до една од најголемите победи во војната против тероризмот“. Исто така, книгата е претставена и како оддавање чест на сите мажи, интересно е да се забележи, но не и на жените, кои ризикувале сè за својата татковина. Целта на вака структурираната фабула е „на читателот да му се остави длабока сочувствителност за војниците кои Америка ја прават сигурна земја“.

На тој начин на читателот, војната и нејзината неминова деструкција, му се претставуваат како нешто крајно потребно. Ако се осврнеме на претходните дела од светската книжевност со воена тематика, како романот За кого бијат камбаните (објавен 1940) кој ја тематизира Шпанската граѓанска војна (1936-1939) или пак на сатиричниот роман на Јарослав Хашек Добриот војник Швејк (1923), ќе согледаме одредено отстапување во самиот приказ на војната и убивањето. Така стариот Анселмо на прашањето на Роберт Џордан дали некогаш убил некого, одговара: „Да. Повеќепати. Но, не се веселев. За мене е грев да се убие човек. Па, дури и фашистите, кои мораме да ги убиваме.“ Во овој контекст, војната, односно убивањето, не се глорификува како нешто што самото по себе е потребно за да се „заштити земјата“. Убијците не се претставуваат како извршители на волјата на народот, а „другата страна“ на жртвата не се лишува од човечноста. Тематиката на војната во романот на Хемингвеј е претставена како нужност на „големите играчи“. Од друга страна, пак, во книгата American Sniper авторот не жали за своите постапки туку секое негово дејство се поставува во рамки на нужноста за да се направи „поголемо добро“ што може да се согледа уште на почетокот од книгата кога ликот првпат убива ирачка жена која под облеката носела граната. Имено, уште во првото поглавје по приказот на убиството, Крис Кајл пишува: „It was my duty to shoot, and I don't regret it“ (Ми беше должност да пукам и не жалам за тоа). Во склад со тоа Кајл понатаму наведува дека Американците впрочем се борат против дивјаци и пишува „I only wish I had killed more“ (Посакувам да убиев повеќе).

Во поновата литература, без разлика дали се работи за публицистика или книжевност, исто така, нема траги од преиспитување на политичкото лидерство. Имено, современите ликови не ги преиспитуваат своите лидери како оние на Хемингвеј кои за La Pasionaria наведуваат дека го испратила синот во Русија за да не мора да се бори во Шпанија. Сличен, некротичен однос е креиран и спрема самата војна. Имено, во претходните прозни остварувања војната или револуциите во поголем дел од случаите биле преиспитувани преку разни контексти. Така во споменатиот роман на Хемингвеј, иако главните ликови ѝ припаѓаат на Револуцијата тие не ја претставуваат како морално неизвалкано движење за слобода. Последново се согледува во репликата на старата Пилар која наведува дека на почетокот во неа влегувале обични пијаници. Опишувајќи го нивното тетеравење и излежувањето на улиците, Пилар истакнува, „Пијаниците наоколу нудеа шишиња со анасонка и коњак, што ги крадеа во барот на фашистичкиот клуб“.

Со ваквите епизодни целини и подтекст се истакнувала целата бесмисленост на конфликтот во кој луѓето подеднакво гинеле независно на која страна од конфликтот ѝ припаѓале. Меѓутоа, во поновите дела кои ги обработуваат војните во Ирак и Авганистан не се откриваат ужасите на војната кои подеднакво ги зафаќаат сите страни од конфликтот. Нема прикази на политичката хипокризија и дволичност. На тој начин ваквиот вид прозно творештво престанува да ги дефинира текстовите како поле за испитување на реалноста. Војната се презентира без никакви етички девијации, без анализа на односите спрема репресијата. Односно, доаѓа до симбиоза на делото и политиката. Така, битките како онаа за Фалуџа во книгата No True Glory: A Frontline Account of the Battle for Fallujah, се претставуваат како „вистинска славна борба“ додека самиот град е претставен како „пекол на омразата“.

Секако треба да се истакне фактот дека нема ни обид да се изедначат наведените автори со најголемите писатели од минатиот век, туку едноставно да се укаже на промената на наративната практика која во рамки на поновата воена литература длабоко го дефинира досегашниот начин на односот кон деконструкцијата што ја содржи војната, на тој начин создавајќи образец на хероизмот кој полека преминува во мит.

Занимавајќи се со идеалот на хероизмот, во теоретската рамка што ја поставил В. Р. Траск 1953 година, а според кој хероизмот е човечки идеал како светоста, поголемиот дел од поновата американска литература која се занимава со војните во Ирак и Авганистан создава херојска парадигма во „братското заедништво во борбата за слободна Америка“. Иако наративниот модел за создавање херојски ликови, како што објаснува Ендру Рутерфорд, кој е својствен на приказните од детството, портретирањето на храброста во овој вид литература добива примарен статус. Создавањето парадигми на хероизам во рамки на очигледната деструкција особено се согледува во случајот на покојниот Крис Кајл кој стана национален јунак благодарение на подвигот кој се темелел на 166 ликвидации кои ги потврди Пентагон.

Слична приказна се развива и во книгата на Маркус Лутрел, која го прикажува неговото враќање во Авганистан после ранувањето. Тежиштето на фабулата е во истакнувањето на „военото братство“ додека прашањето на војната односно нејзината евентуална смисла/бесмисла не е подложено на речиси никаква критичка анализа, туку го редуцира исклучиво на патриотските рамки и хероизмот на поединецот. Целото дејство впрочем е филтритано преку етикетата на отпорот и благородноста.

Ова секако е условено и од фактот на феноменот на автобиографската воена граѓа која создава личен дискурс кој отскокнува од објективната хистографска подлога и кој како таков претставува плодно тло за митологизација на ликовите. Последново се остварува во рамки на претставувањето на дејството од еден ракурс и тоа оној „ослободителскиот“ и дека другата страна добива секундарен статус во облик на безимени ликови, чија смрт се прикажува речиси како историска нужност. Така, американските маринци се опишуваат како млади и храбри мажи, кои дошле во Ирак да ја ослободат земјата од Садам Хусеин додека Ирачаните се претставуваат само како луѓе кои „ги обземало злото“. Мотивите на страдање се поврзани исклучиво со едната страна. Во согласност со тоа, авторите повеќе го прикажуваат сопственото страдање, како Марк Овен, кој пишува: „As I pulled off my kit, I could feel pain shoot through my shoulder...“ Меѓутоа, страдањето и ранувањето на другата страна речиси никогаш не се прикажани. Во прилог на едноличноста на ваквата литература односно за квази потребата од ваков субјективен ракурс сведочи и изјавата на поранешниот поранешен американски потпретседател Џон Мекејн кој истакна дека ваквите приказни го претставуваат лицето на војната кое можат да го опишат некои од оние кои се бореле. Со таквата изјава се елиминираат жртвите како потенцијални субјекти на самите публицистички или книжевни остварувања, со што се создава подлога за еднострана интерпретација на она што се случува во Ирак и Авганистан. Според наведеното се стекнува впечаток дека целта е да се создаде едноличен наратив, чија цел се исцрпува во оддавањето чест на сопствените војници без премногу преиспитување на карактерот и оправданоста на самата војна. Последното исто така може да се согледа во фактот дека повеќето вакви остварувања пред објавувањето ги одобрило американското Министерство за одбрана.

Крис Кајл

Сепак, дојде до одредено преиспитување на ваквиот вид прокламиран хероизам. Така новинарот Макс Блументал мошне иронично реагираше на истоимениот филм кој е снимен според книгата на Кајл, велејќи дека не го гледал филмот, но дека претпоставува дека се работи за главен лик кој убива безлични Ирачани, но вистинската жртва е токму неговата измачена душа. Исто така, во овој контекст е потребно да се осврнеме на фикциските приказни, како приказната на Бен Фаунтин, со наслов Billy Lynn's Long Halftime Walk (2012.) која критиката ја нарече „финта 22 на војната во Ирак“. Една од таквите е и збирката кратки приказни со наслов Fire and Forget (2013), која се занимава со тематиката на војните во Ирак и Авганистан и потешкотиите со кои се соочуваат војниците по враќањето дома, чиј коуредник е американецот Мет Галагер. Кевин Пауерс, авторот на The Yellow Bird (2012) нагласува дека неговите приказни се за луѓето кои всушност настојуваат да бидат добри но се наоѓаат во тешки ситуации кои едноставно не ги разбираат, односно за кои не се подготвени. Во согласност со структурата на книгата на Пауерс е и нелинеарното дејство кое на симболично ниво го претставува воениот хаос. Повеќето од овие автори, како што наведува Фаунтин ја илустрираат војната „со сета нејзина глупост“, неразбирање и катастрофални последици. На тој начин се одвива и своевидно преиспитување на оправданоста на самата војна кое не постои и во претходно споменатите дела. Имено, Галагер е еден од ретките кои во рамки на своите приказни го поставува прашањето за одговорноста на лидерите кои не барале решенија надвор од рамките на војната.

Врз основа на наведеното професорот Маргот Норис предупредува дека литературата која се однесува на војната во Ирак не смее да биде креирана во рамки на претставувањето на невините доброволци кои се борат со неименувани непријатели додека Фаунтин заклучува „This was a bullshit war“ со што се создава одредена дискрепанција во интерпретацијата на војната како „нужен патриотски повик“, кој засега доминира барем во мејнстрим публицистиката.

Извор: http://www.noviplamen.org

ОкоБоли главаВицФото