Победата на Трамп ги охрабри противниците на Сорос во источна Европа

04.03.2017 13:36
Победата на Трамп ги охрабри противниците на Сорос во источна Европа

Протест во Букурешт против корупцијата на властите. Лидерот на владејачката партија, Ливу Драгнеа, инсистира на поголема контрола врз невладините организации. 

 

Oхрабрувачките сигнали на администрацијата на Трамп ги осилија популистичките лидери во централна и источна Европа, кои, речиси истовремено, презедоа жестоки и обесхрабувачки активности против невладините организации, досега заштитени од Вашингтон, а кои промовираат отворена влада, им помагаат на бегалците и често служат за проверка на авторитарните влади.

Во Унгарија, ова движење достигна степен на трескавичност, приврзаниците на премиерот Виктор Орбан ги навредуваат невладините организаци финансирани од странство - особено оние од Џорџ Сорос, либералниот американски милијардер. Приврзаниците на Орбан ги обвинуваат невладините дека сакаат да ја преплават Европа со муслимански бегалци и да ги трансформираат „христијанските“ народи во мултикултурна чорба на левичарскиот глобализам. Оваа недела, Золтан Ковач, портпарол на Орбан за меѓународни прашања, ги опиша овие организации како „странски агенти финансирани од странски пари“.

Поранешниот автократски премиер на Македонија, Никола Груевски, повика на „десоросоизација“ на општеството, етикетирајќи ги своите противници како „соросоиди“ и инспирирајќи го движењето „Стоп операција Сорос“, формирано во јануари.

Лидерот на владејачката партија во Полска, Јарослав Качински, вели дека групите финансирани од Сорос сакаат „општества без идентитет“ и прави интензивни обиди за нивно ограничување.

Во Романија, каде што последниве неколку недели стотици илјадници демонстранти излегоа на улиците протестирајќи против корупцијата, лидерот на владејачката партија обвини дека Сорос „финансира зло“ и вети дека ќе го порази.

Откако победи Трамп, слични вакви движења започнаа или се засилија и во Србија, Словачка и Бугарија.

„Овие организации мора да се истуркаат надвор со сите достапни средстства“, изјави пред новинарите Силард Немет, заменик претседател на владејачката партија Фидеш во Унгарија.

„Мислам дека тие мора да бидат збришани и верувам дека сега, со изборот на новиот претседател, меѓународните услови се погодни за тоа“, изјави тој.

Повеќе од половина век, колку што Европа се бореше, прво, да излезе од пепелта на Втората светска војна, а потоа да ги отфрли советските окови, невладините организации активни во Европа, а кои беа поддржани од Америка, имаа цел да им го објаснат западниот демократски капитализам на луѓето на кои не им беа познати неговите принципи. Нивното присуство често им беше препрека на авторитарно ориентираните лидери од континентот, за кои овие организации и групи во најдобриот случај беа иритантни, или, во најлошиот случај, претставуваа закана.

Традиционално, администрациите на САД на двете партии го промовираа ширењето на демократијата и упорно ги бранеа овие групи за застапување. Но, Трамп изјави дека нема да го им го натура политичкиот систем на САД на други земји и ги прифати екстремно десничарските европски лидери. Тој ја критикуваше Европската унија и имаше негативни забелешки за некои демократски принципи, вклучувајќи ги и неговите чести критики на медиумите.

Популистичките лидери како Орбан, кој цврсто владее со Унгарија, носејќи ја кон т.н. нелиберална демократија, овој нов тон од Белата куќа, го сметаат за голема можност.

„Тие ова го гледаат како историски момент“, вели Јозеф Петер Мартин, извршен директор на унгарското претставништво на „Транспаренси интернешнал“. Геополитичката ситуација се промени.

Со години, во многу делови од светот, од Кина, Индија, до Русија на Путин, мета на популистичките и авторитарните влади беа „странски финансираните“ организации. Слично се зборува и во централна и источна Европа, но, владите во Унгарија и на други места излегоа надвор од рамките на политичките говори и сега предлагаат закони.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, за време на неговото обраќање до нацијата во Будимпешта. Неговиот портпарол ги опиша невладините организации како „странски агенти“.

„Орбан рече дека времето на Трамп е нова меѓународна можност за Унгарија“, вели Марта Пардави коосновач на Хелсиншкиот комитет на Унгарија, кој добива околу 30 отсто од финансиските средства од фондации поддржани од Сорос. „Тој рече дека ова е подарок за нас.“

Гергели Гулијас, заменик претседател на владејачката партија во Унгарија, се согласува дека победата на Трамп креираше поатрактивна геополитичка клима за сегашните лидери на Унгарија, но тој предупреди дека тоа не е пресудната причина за големите казни за невладините.

„Мислам дека ќе го направевме ова дури и ако победеше Хилари Клинтон“, рече тој.

Тој и другите поддржувачи на унгарската влада велат дека негодувањето од страна на граѓанското општество е, во голма мера, претерана реакција на она што е само разумен обид да се принудат организациите да бидат „потранспарентни“ - ефикасно превртувајќи ги зборовите на групите за застапување против нив.

Уште во 2013 година, во Унгарија, партиските функционери на владејачката партија први почнаа да ги критикуваат невладините организации финансирани од странство. Следната година, мета на државните инспектори беа организации кои добиле пари од Норвешка, грантови кои скандинавските држави ги даваат за промовирање на социјална и економска еднаквост во поранешниот комунистички Исток. Инспекторите извршија рации во канцелариите на три организации во Будимпешта и побараа документација од десетици други. Но, според конечниот извештај, објавен минатата есен, не се најдени сериозни прекршувања на унгарските закони и немало основа за парични казни.

Но, наскоро по изборот на Трамп, лидерите на Фидеш ги обновија нападите врз „странски финансираните“ невладини организации. Новите негативци се организациите спонзорирани од страна на Сорос. Истовремено, се предлагаат нови закони што ќе бидат ограничувачки за овие организации. Официјалните претставници на Фидеш, сè уште не ги претставиле своите предлози, но велат дека имаат намера да направат регистар на таквите организации и да ги принудуваат да ги откријат сите финансиски детали. Некои официјални лица предложија и лидерите на локалните невладини организации, да бидат принудени да ги откријат и своите лични финансии.

„Се работи само за транспарентност“, вели Гулијас. „Ова е дебата што се случува во целиот свет. Дебата важна за иднината на демократијата“, додава тој.

Но, групите за застапување велат дека повеќе се работи за малтретирање и заплашување. Стефанија Капрончај, извршен директор на унгарската Унија за граѓански слободи, која повеќе од половина од своите средства ги добива од фондациите на Сорос, вели дека унгарските власти прават „тестирање“ за да видат „колку далеку можат да одат“. Новите ограничувања ќе имаат „обесхрабрувачки ефект“, вели таа.

„Некои помали невладини организации едноставно се откажуваат. Се намалува подготвеноста и волјата на луѓето да соработуваат со нас“, рече таа.

Роден во Будимпешта во 1930 година, г-дин Сорос и неговото еврејско семејство ја преживеале нацистичката окупација благодарение на лажните лични документи. Тој на крајот стана финансиер на Волстрит и заработи милиони со својот инвестициски фонд „Soros Fund Management“. Ги основал фондациите Отворено општество, како чадор групација на неговата филантропија и до денес има донирано повеќе од 12 милијарди долари. Неговата филантропска цел е да ги промовира демократијата, одговорноста на владите и слободата на изразување - и како што има речено, е водена од неговите сеќавања на животот под нацистичка окупација.

„Не може да најдете подобра фигура на непријател, денес“, вели Јан Орловски, директор на словачката фондација Отворено општество. „Џорџ Сорос ги претставува сите стереотипи со кои сме живееле целиот живот - за Евреите, за банкарите и, во Словачка, за Унгарците“.

Крис Стоун, претседател на фондациите Отворено општество, ги опишува жестоките мерки што ги спроведуват владите како „кампања на лидерите на влади кои се нетрпеливи кон демократските институции“.

Џорџ Сорос во канцеларијата на Фондацијата Отворено Општество во Њујорк, 2014 година.

Во Македонија, која се бори за формирање на нова влада врз урнатините на двегодишната политичка криза, се формираше можеби најнасилниот анти-Сорос став. Кампањата „Стоп операција Сорос“ ја турка идејата дека меѓународниот притисок од невладините организации и од западните влади е причината за неодамнешниот пад на десничарската влада на Никола Груевски, кој се надева дека повторно ќе се врати на власт.

„Веруваме дека, во овие матни времиња, навистина е важно да се симне маската на т.н. граѓански организации и јасно да се откријат нивните политички цели и активности, како и нивното финансирање“, вели Ненад Мирчевски, основач на движењето.

Во Полска, против зголемувањето на анти-Сорос расположението, како што изјави премиерката Беата Шидло, нејзината влада има намера да формира ново тело за координација на државно финансирање за сите невладини организации. Во Словачка, партијата на екстремната десница предложи невладините организации што се „финансирани од странство“ да се принудат да бидат регистрирани од владата. Предлогот не беше усвоен, но тоа ни малку не го намали бранот на на анти-Сорос говори.

„Демонските сили на злото, кои ги претставаат Сорос, Клинтонови, семејството Буш и другите, не се помируваат со поразот на изборите, па тие продолжуваат да го напаѓаат Трамп и сакаат да се ослободат од него“, се наведува во еден неодамнешен напис објавен во „Hlavne Spravy“, десничарски словачки дневен весник.

Од моментот кога Социјалистичката партија во Романија се врати на власт, во декември, нејзиниот популистички лидер, Ливиу Драгнеа, врши притисок за поголема контрола врз невладините организации.

„Јас имам нешто против Сорос“, изјави Драгнеа во интервју, во јануари.

Во Бугарија, и г-дин Сорос и организациите кои ги бранат човековите права станаа мета на напади. Локален весник, кратко по победата на Трамп, го опиша Сорос како „либерален терорист.“

Во Србија, локалните десничарски и проруски весници го поврзуваат Сорос со Ротшилд, го истакнуваат неговото еврејство и ги опишуваат неговите активности како „радикално анти-Трамп движење“.

„Ние сме само почеток на приказната“, вели Ласло Мајтенеи, директор на Еотовос Кароли Институтот во Будимпешта, организација основана од Сорос и кандидат за претседател на коалицијата на левицата, на изборите во април. Откако Владата ги стигматизираше организациите како „финасирани од странство“, вели тој, во иднина ќе биде полесно да се применуваат остри мерки против нив.

Всушност, секогаш постои можност авторитарните влади да бидат доволно охрабрени едноставно да ги отфрлат организациите што им пречат.

„Ова е местото каде што ќе се бранат европските демократски вредности, вели Горан Булдиоски, директор на Иницијативата Отворено општество за Европа. „Во Унгарија и Полска, а не во западна Европа. Демократијата е повеќе од гласачката кутија, таа е повеќе од нешто што се случува на секои четири години.“

Извор: The New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото