Нели ви е срам?

06.03.2017 00:30
Нели ви е срам?

Поминаа две и кусур години откако се обелоденија прислушкувани аудио-материјали кои индицираа на масовна злоупотреба на власта во Република Македонија. За да се расчистат, докажат и, ако е потребно, да се санкционираат горенаведените злоупотреби на власта, се формираше Специјалното јавно обвинителство. Тоа, пак, во периодот од година дена, со сите можни препреки и подмнетнувања, успеа да отвори неколку истражни постапки. Првата од нив – Титаник, се однесува на неправилности во изборните процеси во текот на истражуваниот период. Засегнатите од овој случај, од петни жили се обидуваа да продолжат да владеат, со пуста надеж дека ќе ја укинат, можеби и нихилираат работата на СЈО. Тоа – не им успеа.

Неколкукратно осомничениот Никола Груевски, пред недела дена, го повика народот да го заштити од служење затворска казна. Народот не се затрча нешто посебно на неговиот повик. Меѓутоа, истиот момент, почнаа да циркулираат партиски повици за задолжително присуство на „спонтаните“ и „непартиски“, ѓоа- граѓански протести, ширум нашата малечка и убава Македонија. Ми вели еден пријател: „Морам да одам. Не можам да се движам, ама морам да одам. Кој ги знае какви зулуми можат да направат, скроз се полудени.“ И покрај веќе видените список-притисоци, последниве денови на улица излегуваат едните те исти луѓе. Понекој истрошен уметник и понекој ексклузивен жител на оваа држава, силно загрижени и потресени за нејзината иднина и нејзината унитарност. Не знам каде беа и што правеа овие луѓе до пред шест дена. Не знам ниту дали и самите знаат кои се нивните барања. Не знам дали истите стравувања ги мачеа во периодот кога Груевски се обуваше и мислеше дека може да состави парламентарно мнозинство, а со тоа и нова влада.

Паралелно со демократските протести, во општата мобилизација беа вклучени и третопозивците – пензионерите и младите. Децава се организирани во ванчовистички формации „тројки“. Двајца од нив приоѓаат на целниот лик „предавникот“ и го/ја провоцираат со прашањето – Нели Ви е срам што ја продадовте Македонија? Третиот, снима со мобилен телефон за да се објави реакцијата на затечените, агресивните, нервозните и, пред сè, изненадените „предавници“. По малку звучи како комичната серија „Скриена камера“, со тоа што ова е сè само не е смешно. Не само што не е смешно, туку е и опасно.

Затоа, сакам да им порачам на иницијаторите и организаторите: Помислувате ли што ќе се случи, ако некое од децава настрада? Независно од мотивот да се ставаат во таква недостоинствена и опасна улога, како мајка, како професор и како граѓанка, од приоритетна важност ми е безбедноста на тие млади луѓе. Мене нема да ме исплашите. Јас нема да престанам да зборувам гласно и да пишувам уште погласно. Можете да викате, да плукате, да колнете, ама имајте три чисти и направете го тоа - лично. Очи во очи. Не праќајте деца во оган, во ваше име и на ваша сметка. Нели е тоа крајно кукавички? Нели ви е срам?

Извор: Фејсбук профилот на авторката