Пресекот на чипот „за заедничка Македонија“

06.03.2017 02:38
Пресекот на чипот „за заедничка Македонија“

Во што се состои материјалот на чипот вграден во главите на некои мои сограѓани? Тоа може да се илустрира преку објаснувањето како суштествата од втора димензија ја восприемаат третата димензија.

Да замислиме дека суштествата од втората димензија се прави или точки кои постојат на една површина. Сè што тие гледаат се точки и други прави или отсечки. За нив не постојат дури ни геометриски површини (немаат висина за да гледаат од горе), а камоли тела. На пример, кога еден квадрат лежи на нивната површина, тие гледаат само отсечка. Кога коцка е поставена на таа површина, суштествата од втора димензија го перципираат само она што се сече или допира со нивната површина: отсечка која чудно се однесува на аглите, таму нешто трепери, или само точка ако коцката ја допира површината со едниот врв. Ако топка ја сече површината, тие суштества нема да видат кружница ниту круг (а камоли топка како волумен), туку некоја права која „чудно се однесува“, бидејќи овие суштества дури ни крива не можат да видат, ниту цик-цак отсечка. Значи, чипираните идиоти, бидејќи живеат во втора димензија, го примаат само она што се сече во нивниот чип. Тоа е привилегијата која ја имаат со оваа власт. Нив не ги интересира телото топка, бидејќи, да се разбереме, „не постои“ за нив топката или коцката или пирамидата од цел еден систем кој ги манипулира. Тоа за нив не постои. Или, „пресек“ за нив е вработувањето кое го добиле. Пресек е реализирана изложба на некое Биенале, ете, добиле можност и финансии за таква една активност која им носи бодови, престиж или слава. Нив не ги интересира „Топката“, наречена Министерство за култура, која чудно се однесува во допир со нивната дводимензионалност, односно со површината која е сиот нивен свет. Не. Не ги интересира дека таа Топка гради некаков проект Скопје 2014. Нив ги интересира само пресекот. И да не ги набројувам сите други примери, кои може да се добијат по оваа аналогија и така да се редат до бескрај.

Ова го раскажувам инспирирана од некои работи кои ги истражувам овој период. Уште поинтересен е допирот, односно, пресекот меѓу третата и четвртата димензија, кој го истражувале и сè уште го истражуваат некои научници и уметници. Но, за тоа можеби ќе пишувам во друга прилика.

Сакам да кажам: чипот се активира по потреба. За разни дејствија. Со далечинско управување.

И, друга една поединост треба да ни стане јасна. Некоја фина госпоѓа овие денови излегла на улица и повикува на заедништво. Дури и Албанците ги повикува таа фина госпоѓа да се приклучеле на протестите. Таа госпоѓа е пример за тоа дека во чипот (значи во „пресекот“) се вградуваат некои нови информации (додуша тие постојано се апдејтираат ) кои се имитација на веќе видени настани. Бидејќи вработените во Министерството за пропаганда на оваа власт не се некои креативци, туку само имитатори. (За ова пишував и во друга прилика - кога се пушти во промет провладината телевизија ТВ Нова.) Значи, да се разбереме, со овие протести сега, се имитира Шарената револуција. Сепак, сведена е на две бои, толку може да се пресече. Бидејќи тие (Министерството за пропаганда), за разлика од нас, учат од другите и крадат туѓи искуства и идеи за свои цели. Сега госпоѓата (која ја спомнувам како претставник на понапредните чипирани), го добива пресекот кој се состои од идејата дека Западот е декадентен, а Истокот (Русија, Византија итн.) е нашата духовна татковина + новата идеја за заедништво која е малку апстрактна, како некое туѓо тело, но сепак се вградува, некако. И, тоа е пресекот.

 

Другиот, огромен дел од Топката: дека Русија денес е неслободна земја, и како таква не смее да ни биде пример за државата која треба да ја градиме, не се прима. Овој пример го давам затоа што јас сум шокирана од поведението и на некои мои пријатели, интелектуалци–русофили кои се така заслепени во својата дводимензионална рецепција. Едно е да се восхитуваш од универзалните достигнувања на една култура , а друго да извлекуваш идеја од контекст и со злонамерна цел да ја вградуваш во чип. Сите земји или култури и цивилизации имаат и добри и лоши страни. На пример, добрите страни на Западот се уредените и средени држави, силните институции, потоа дисциплината и фантастично креативниот однос кон работата, кои доведоа до висока естетизација во сите сегменти на нивното општетвото итн. во што се пример за цел свет. Но, исто така, неспорна е нивната декадентност. На пример, филм во продукција на Иран или Ирак има повеќе хуманост и повеќедимензионалност од актуелната продукција на филмови од „западот“ кои се произведуваат според дводимензионалната матрица добро-зло или слично. Од друга страна, Русија, се разбира, не е само Путин и неговата олигархија. Но, факт е дека Русија-денес е далеку од сите свои духовни и културни придобивки. Таа исто како нас е заробена држава. Интелигенцијата во Русија е заробена како што, на друг начин, стана заробена интелигенцијата во САД, на пример. (Но, во САД се раѓа големо движење, нешто како „Децата на цвеќето“ што ќе го видиме наскоро, што е многу помала веројатност за Русија.)
Значи вакви слични тродимензионални гледања, гледања о,д повеќе агли, не се вградуваат во чипот. Чипот е просто набиен со материјал кој лесно се запалува и толку. Оти во чипот се зипувани максимум зли намери преку минимум информации. Бидејќи таму (во втората димензија) сè е некако многу тесно, како сите да се во тесна кожа. Секогаш е потребна нова „територија“ и нови точкасти добра да се поседуваат, и пари. Жителите таму сè нешто се исплашени дека друг им ја краде територијата итн. Значи, има една таква постојана потреба за освојување нов посед и страв од губење на веќе стекнатиот, бидејќи тие таму не знаат за слободата во третата, а уште повеќе за неоткриените пространства на четвртата димензија, и така, сè им е тесно.

Затоа, ова што се случува денес на улиците во градовите на Македонија треба така да се сфати. Мене, на пример, ми се допаѓа слоганот „За заедничка Македонија“. Но, тој слоган е, исто така, „пресек“ од тешка манипулација, како што е опишано погоре. Ех, уште само да гледаат сеопфатно, да го видат криминалот кој владее тука, да посакаат правда и слобода и вистински културен и секаков друг напредок, и сè ќе беше во ред. Но овие идеи се научна фантастика за овие протестирачи. ПРЕСЕКОТ во нивниот чип е сè што гледаат и добиваат!

Мирно, спокојно и воздржано треба се помине овој период. Но, не смее да се дозволи со молк и така пасивно да се следат настаните, туку со разумно посматрање аргументирано да се раствораат лагите. Значи, сега за интелигенцијата се бориме, за сеопфатно гледање на нештата и за вистина, светлина и правда. Ако сме мудри ќе учиме од туѓите искуства и грешки, уште повеќе и од сопствените. И од Западот ќе прифатиме некои доблести и привилегии, исто како и од Истокот, додека негативните ќе ги отфрлиме. Така како млада нација имаме шанса да изградиме автентичен систем на вредности, кој, еден ден, кој знае, можеби ќе стане и пример за други...

П.С. Клучно е да се спознае вистинската природа на капиталистичкото устројство и системот кој владее со светот денес (нивната дводимензионалност). Во таа смисла градењето на социјална држава и хумано општество е стожер (вертикалата) на сите реформи.

Фотографии: Лин Јунг Ченг