Против универзалниот приход

06.03.2017 04:19
Против универзалниот приход

Идејата за безусловна исплата на универзален основен доход е сè попопуларна меѓу економистите, менаџерите, активистите и претприемачите како алтернатива за традиционалните социјални политики. Наместо пружање социјална помош во вонредни ситуации, за невработените и старите, германската држава на сите возрасни би им исплатила ист паушален износ - приближно 1.000 - 1.200 евра месечно. Така би се укинале постоечките мерки на социјална заштита, како што е програмата Харц IV (германска програма за помош на невработените), а веројатно повеќе не би имало ни старосни пензии и осигурувања во случај на невработеност.

Универзалниот основен доход секому дава прилика да одлучи дали сака да се вработи, да волонтира - или да не работи ништо. Политичарите така би се ослободиле од грижата за стапката на невработеност. Компаниите би добиле елегантен начин да ги оправдаат своите отпуштања. Работните места кои исчезнуваат под притисок на технолошките промени или глобализацијата веќе нема да бидат проблем, зашто отпуштените работници се финансиски згрижени и можат да се посветат на грижата за децата или некое хоби.

Сепак, универзалниот основен доход е ќорсокак. Најчесто користен противаргумент е, секако, проблемот на финансирање. Трошоците не се квантифицирани, но нема сомнеж дека ќе бидат високи. Уште не е извесно како би требало да се оданочат вкупните доходи и богатства за да се обезбедат потребните средства. Радикалната трансформација на системот на социјална заштита со воведување универзален основен доход би била финансиски ризик без преседан.

Но финансискиот аспект на прашањето дури и не е најважен аргумент против основниот доход. Тоа е заводлив и сладок отров кој на луѓето од маргините на општеството им донесува корист на сметка на средната класа. Основниот доход го укинува притисокот и ја намалува мотивацијата за активно барање работа меѓу сиромашните и долготрајно невработените. Тоа веројатно нема да ги чини богатите повеќе од стариот систем, а сигурно ќе им помогне да ја смират социјалната совест. Во тој случај, понатамошниот раст на на социјалната нееднаквост повеќе не би бил скандалозен, зашто секој би имал основен приход, макар и на граница на сиромаштија. Токму тука се кристализираат трите клучни аргументи против безусловниот основен доход.

Прво, основниот доход ги продлабочува поделбите во општеството и ја намалува општествената мобилност. Оние кои благодарение на потеклото и статусот имаат изгледи да дојдат до добри работи и високи приходи би ја сочувале стекнатата работна етика и би продолжиле да се залагаат во училиштата и на работа. Тоа е добро. Меѓутоа, за младите луѓе од оние сегменти на општеството кои се веќе ускратени во областа на образованието - за оние кои доаѓаат од работнички и мигрантски семејства, животот би бил потежок. Слаткиот отров на основниот доход ќе ги следи на секој чекор низ училиштето и обуката за работа. Кога ќе ги прашаат што би сакале да работат, децата од деловите на Берлин во кои живеат голем број работнички и мигрантски семејства, како што е Нојкелн, одговараат дека планираат да живеат од социјална помош. Во иднина ќе одговараат: „Ќе живеам од социјален доход“. Со растот на основниот доход ќе се зголеми и нивниот број. Веќе разнишаната мотивација на таа група да вложува во себе и да го подобри својот живот со работа ќе се најде пред нови искушенија. А остатокот од општеството многу помалку ќе се грижи поради таквите трендови отколку денес, зашто сите луѓе се згрижени.

Второ, на концептот на безусловен доход му недостасува социјален легитимитет. Моментално не е можно да се замисли модел кој на сите делови од општеството ќе им донесе еднаква корист. Затоа основниот доход најверојатно би подразбирал редистрибуција од центарот на општеството кон невработените или само делумно вработените. Опфатниот систем на социјална заштита кој ја надминува задачата на сузбивање на сиромаштијата се легитимриа со прифатените концепти на социјална правда. Како би било инаку? Нормите на социјалната правда ја вклучуваат и идејата дека сите треба да добијат еднаква шанса за успех на пазарот на труд. Така, на пример, се оправдува вложувањето на државата во образованието или оданочувањето на наследството. Или социјалната заштита која придонесува за невработените или пензиското осигурување се врзува за социјалните трансфери.

Идејата за безусловен основен доход се потпира на правото на граѓанинот на остварување доход, но не дава одговор на прашањето зошто би требало да им се исплаќа на оние на кои не им е потребен. Концептот на основен доход е всушност спротивен на идејата за солидарност со загрозените членови на општеството. Средната класа, која ќе го финансира основниот доход, но од него нема да има материјална корист, таквата „безусловна“ редистрибуција веројатно нема да ја препознае како социјална правда. Затоа програмите за редистрибуција се непопуларни кај гласачите, дури и оние кои од тоа би имале корист. Затоа швајцарските граѓани на минатогодишниот референдум со големо мнозинство го отфрлија предлогот за воведување универзален доход.

Трето, безусловниот основен доход се коси со потребите на општеството во услови на зголемена имиграција. На голем број странски работници и други доселеници им се потребни повеќе, а не помалку механизми кои придонесуваат за интеграција во општеството. Искуството од секојдневниот живот е многу важно: луѓето на работа среќаваат други луѓе, така се запознаваат и учат да се почитуваат едни со други, така го учат и јазикот. Имајќи го тоа предвид, би била голема грешка да им се даде на луѓето добар повод да се откажат од работата, стекнувањето знаење и да останат во своите четири ѕида. Во секој случај, потребна ни е расправа за добро општество која нема да се ограничи само на проблемот со невработеноста. Потребен е голем труд за да се подобри општеството со мерки кои нема да се остваруваат само преку пазарот на труд. Таа идеја сè уште не е пошироко прифатена. Но безусловниот основен доход сигурно не е вистинскиот пат за нејзино остварување.

Извор: Social Europe, 01.03.2017.
Слики: Бо Бартлет

ОкоБоли главаВицФото