Бунило во десет слики

07.03.2017 02:37
Бунило во десет слики

Слика прва: Претседателот на државата, Ѓорге Иванов не му го дава мандатот за формирање Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, затоа што тоа би значело прифаќање на Платформата на албанските партии, ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците.

Слика втора: Граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ организира протести ширум Македонија за заштита на унитарноста на државата загрозена од Платформата на албанските партии.

Слика трета: Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека доколку СДСМ ја отфрли Платформата на албанските партии, неговата партија ќе му дала поддршка на Заев како малцинска Влада.

Слика четврта: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за ХРТ изјави дека Заев има два начина да се реши кризата – да оди на предвремени избори, или да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ за отфрлање на Платформата.

Слика петта: Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, на последните избори, граѓаните гласале за оваа партија, а не за Тиранската платформа. Тиранската платформа, според ВМРО-ДПМНЕ, не смее да биде услов за формирање Влада на Македонија, бидејќи таа би била Тиранска.

Слика шеста: Митрополитот повардарски, Агатангел на протестот во Велес, побара да се спроведе попис за да се види кои се тие што бараат поделба на Македонија. Според него, Бог ни го избрал за претседател Ѓорге Иванов, бидејќи тој бил разумен човек кој си ја сака својата земја.

Слика седма: Еден српски портал во руска сопственост, објави вест дека на границата меѓу Косово и Македонија се забележани три илјади вооружени лица во црни униформи. Веста молневито е преземена од огромен број владини медиуми и портали.

Слика осма: Организирани групи од по тројца млади луѓе, од кои едниот снима на мобилен, им приоѓаат на истакнати опозиционери, им плукаат в лице или ги прашуваат дали не им е срам што се предавници. Веќе се случи еден инцидент со професорот Фрчкоски.

Слика деветта: СЈО го отвори случајот Труст против лица од компании блиски до власта, за изигрување на тендери и оштетување на државата за една милијарда денари. Кривичниот суд, како и во сите претходни предмети на СЈО, ги одби барањата за притвор.

Слика десетта: Американскиот Стејт департмент во својот годишен извештај за состојбите со човековите права, во делот за Македонија наведе дека во земјата постои широко присуство на корупција, дека свесно е попречувана работата на СЈО, дека е ограничена слободата на медиумите и дека судскиот систем во земјата го карактеризираат политички мешања и неефикасност, како и дека во сите јавни сфери постојат огромни недостатоци.

Толку од моите слики кои илустрираат едно сериозно бунило во кое е западната мојата држава, Македонија. Поимот „бунило“ означува состојба на полусвест, која во комбинација со висока температура, доведува до бладање, што пак, значи изговарање нејасни и неразбирливи зборови.

Јас, на пример, имам сериозен проблем да разберам зошто Иванов не му го даде мандатот на Заев. Неговото бладање за некакви албански платформи едноставно не е негова уставна надлежност. Колку што знам, Уставниот суд е надлежен за оценка на политички програми и документи, ама претседателот на државата – не!

Уште поголем проблем имам со хистеријата околу албанската Платформа. Намерно не навлегувам во елаборацијата на нејзината содржина, бидејќи колку што успеав да прочитам, таа во најголем дел е веќе објавена како официјален документ усвоен од Владата на Република Македонија во 2015 година, а е изготвена од Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор и носи наслов „Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјална кохезија“. Во секој случај, спорната Платформа претставува документ наменет за ПРЕГОВАРАЊЕ со идниот коалициски партнер, СДСМ. Тој документ може да се нарече „Барања“, „Услови“, „Точки за разговор“ и не знам уште како, ама суштината е дека станува збор за список на желби за кои допрва треба да се преговара. Документот може да биде прифатен во целост, може да биде одбиен во целост, или пак, може делови од него да бидат дел од идната Програма на Владата. Програмата на Владата веќе е официјален документ за кој се произнесува Собранието, а доколку во неа има одредби кои го загрозуваат суверенитетот, политичкото уредување, унитарноста или територијалниот интегритет на Македонија, тогаш настапува Уставниот суд. А не Иванов, Агатангел или Здружението „За заедничка Македонија“.

Исто така, имам голема тешкотија да сфатам зошто сега Заев се условува да ја отфрли Платформата, а истото не се бараше од Груевски кога го доби мандатот од Иванов. Тоа не го бараше ниту самиот Иванов, ниту владиката Агатангел, ниту Здружението „За заедничка Македонија“.

Од друга страна, не знам зошто толку се инсистира на фактот дека истата таа Платформа е изготвена во Тирана, кога нејзините потписници го тврдат спротивното, а како што наведов погоре, голем дел од нејзините одредби се веќе содржани во еден официјален владин документ. Ако на Иванов, Агатангел или на здружението „За заедничка Македонија“ им пречи тоа (доколку е точно, а не е), тогаш дали ќе бараат и од ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од своите основни програмски документи кои се пишувани во една кафеана во Берлин?

И конечно, имам суштински проблем да ја најдам логиката во барањето на Груевски за нови избори. Не знам каква врска би имале тие со Платформата на албанските партии, а уште помалку знам дали со евентуално нови избори, ДУИ, Беса или Алијансата на Албанците ќе се откажат од своите барања изнесени во нивната заедничка Платформа. Колку што знам, парламентарни избори се спроведуваат за да се формира власт, а не за да се отфрли некаква платформа која не им се допаѓа на одредени политичари, владици или граѓански активисти.

Бунилото ќе помине. Ова што сега се блада, пелтечи и брбори како аргумент со кој се блокира и загрозува целата држава и многу нејзини граѓани, многу брзо ќе го покаже своето вештерско лице на добро осмислена стратегија за спас на една мала група криминалци и велепредавници на сопствената држава и народ. Да се разбереме – некои „мајстори“ опасно ја испокрадоа мојата земја. Токму затоа, имам сосема легитимно човечко и граѓанско право да си прашам: Каде се парите, бе, мајстори?

А сликите, тие никогаш нема да избледат.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Били Даркарт

ОкоБоли главаВицФото