Не во мое име!

07.03.2017 04:04
Не во мое име!

Деновиве сме сведоци на разноразни прогласи од Унии на млади сили од Дијаспората, од Црковни општини во кои „загрижените“ за татковината се собираат и остро ја осудуваат албанската платформа, ги осудуваат и ВМРО и СДСМ за тајни преговори со албанските партии, за разнебитувањето на државата, за зачувување на унитарноста на земјата.

Навистина, во моментов државата е втурната во една голема криза во која владејачката партија со неколку стотици највисоки функционери се соочуваат со тешки обвиненија и никој во државата не може или не се осмелува да им изрече пресуди затоа што целокупниот судски и административен систем е под директно влијание на партијата. Последниот бедем за заштита од криминалот кој го направија и за кој МОРА да одговараат го наоѓаат во вредните и чесни иселеници како вас, искористувајки ја вашата несебична љубов кон својата татковина.

Унитарноста на државата е загарантирана со највисокиот закон, а тоа е Уставот на државата. За да се промени некој закон или амандман тоа мора да помине преку 2/3 од пратениците во парламентот.

Нашата држава по уредување е Парламентарна демократија, (не е претседателски систем) каде што ние сме се договориле дека ке избереме 120 пратеници да нè претставуваат и решаваат за сите работи што нè засегаат. Партијата што добила мнозинство или овозможила мнозинската коалиција има право да го назначи премиерот и да ја води државата. Претседателот на државата е важен но има ограничени права, а негова ДОЛЖНОСТ е да го даде мандатот на партијата што овозможила парламентарно мнозинство.

ВМРО-ДПМНЕ се на власт веќе 11 години, и за ова време донесоа многу закони. Го поддржаа Рамковниот договор кој датираше од 2001 од една друга влада. Тој се надгради во 2008 и претседателот на Собранието го потпиша во 2011. Една од аномалиите на овој договор е тоа што по партиски клуч се вработуваа луѓе кои и ден денес седат дома и земаат плата, двојазичноста се применува секаде каде што има најмалку 20% од албанското население иако нема попис веќе 13 години и ред други.

При вашите посети на татковината, дали сте забележале дека двојазичноста е веќе присутна насекаде? Погледнете ги само новите пасоши кои толку гордо ги носите кога доаѓате на одмор да ги потрошите своите тешко спечалени пари. Погледнете по таблите на државните институции, насекаде има двојазичност. Дали тоа значи сте изгубиле нешто или пак идентитетот ви е загрозен?

Кога доаѓате во татковината, дали сте забележале во државните институции паралелно со Македонците седат и Албанци? Ви пречи ли тоа?

Секој од вас има роднини и блиски кои ги помагаат, ако сте искрени со себеси и со нив, ќе забележите како мака мачат да се справат со неефикасната администрација, со корумпираниот здравствен или судски систем. Сигурна сум повеќето од вас се соочиле со некој што им побарал мито било за правни, било за административни, било за здравствени услуги. Навикнати на каков-таков ред во државите од каде што доаѓате (Америка, Канада, Австралија, земјите од Европа) дали премолчувате и поминувате преку тоа? Или сакате тоа да го смените на подобро?

Јас со внимателност ја прочитав платформата на Албанците. Мене не ми е воопшто важно дали е напишана во Тирана во Торонто или во Мелбурн. Важно е што содржи. А содржи многу работи. Од постигнување согласност во рамки на постоечкиот Рамковен договор, до некакво осудување на некој геноцид извршен врз Албанците во почетокот на минатиот век... (Од кого?! Зарем има некој народ врз кој не е извршен геноцид во почетокот на минатиот век?!)

Јас лично, а мислам и повеќето Македонци ќе се согласат дека некои од барањата во платформата се веќе имплементирани, некои треба да се разгледуваат а некои воопшто не би требало ниту да се погледаат. Ваква каква што е, платформата на Албанците ми пречи, има многу паушални барања, и без попис на населението не би смеело ниту да се погледне...

Но, и јас ќе бидам една од првите која што најревносно ќе го критикува новиот премиер ако се дрзне во мое и името на моите сонародници само да помисли да ја разнебити Македонија, да ја направи двојазична итн. Дури и да сака, ниедна партија (повторувам - НИЕДНА) нема да може да усвои ниту едно од барањата без тие да поминат низ највисокото Законодавно тело и тоа со 2/3 мнозинство. Тоа значи ниедна точка од платформата нема да може да помине без заеднички договор со македонските партии.

Борбата не е ниту за јазикот, ниту за унитарноста на државата, таа не е воопшто загрозена. Битката е врвот на раководството на ДПМНЕ (а и некои од ДУИ) да ја избегнат раката на правдата, со креирање вештачки хаос и хистерија, вклучувајки играње на картата на патриотизмот која е толку значајна и осетлива за иселениците, затоа што им оди во прилог; што похаотично, тоа повеќе ќе се одолговлекува одењето во затвор.

Лажниот патриотизам лесно се препознава: гледај ме што правам, а не ме слушај што зборувам.

Во изминативе години вие и вашите најблиски гледавте како се лажираа избори, се криеја убиства, се уништуваа човечки животи само затоа што размислуваа различно од оние кои ја узурпираа власта. Се затвораа луѓе за украдена марула додека милијарди се изнесуваа надвор од државата. Се затвораа фирми и се рушеа објекти на сопственици кои не сакаа да бидат партиски послушници, се вработуваа паразити во државните институции само како гласачка машинерија. Во исто време, се кажуваше за некои странски инвестиции во кои работниците заработуваат 200 евра во услови за работа еднакви на најсиромашните африкански земји. Сигурна сум дека секој од вас има по некој роднина или пријател што се поистоветува со ова и му е добро познато наведеново.

Јас кога следниот пат ќе дојдам во мојата европска и современа Македонија, сакам да ја видам поубава, луѓето да се среќни, да заработуваат приближно онолку колку и ние самите, да ги видиме убавините на нашата Македонија заедно, да се прошетаме по убавите и средени улици и да дишеме почист воздух. Сакам да видам среќни лица на моите пријатели и роднини кои ќе ме придружуваат во екскурзиите по различините дестинации затоа штп ке можат тоа да си го дозволат. Најмалку е што сакам да видам лица кои се несрекни, уплажени, и кои ни завидуваат и бараат на секој начин да се исселат од државата, затоа што државата не им ги овозможува основните услови за живот; работа и егзистенција.

Затоа, драги мои сонародници од различини унии на кои било сили од дијаспората, онакви какви што ги објавувате вашите соопштенија, ве молам, не во мое име.

Со почит,

Снежана Димитровска

 

Слики: Небојша Гелевски