Контраспин: Груевски потпалува меѓуетнички тензии со етничко броење на гласовите

07.03.2017 07:52
Контраспин: Груевски потпалува меѓуетнички тензии со етничко броење на гласовите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 05.03.2017 во интервју ја даде следнава изјава што ја оценуваме за извртена вистина или спин:

Спин: Најголем број гласови на Македонците ги доби ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ беше поразена, иако имаше голем број гласови, дел од нив македонски, дел албански, сепак тие немаа мнозинство. Така што со оваа коалиција, нa некој начин, Македонците во РМ, мнозинството Македонци, ќе бидат во опозиција. Мнозинството Албанци ќе бидат на власт…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб/ТВ Пинк (од 3.06-3.19 мин), датум: 05.03.2017]

Контраспин: Никола Груевски во интервју за ТВ Пинк, српска приватна телевизија, зборувајќи зошто се спротивставуваат и тој и неговата партија, Зоран Заев да го добие мандатот за состав на нова влада, се повика на Платформата на албанските партии, рече дека тоа бил документ донесен во Тирана и под покровителство на Еди Рама и на крај, заокружувајќи го договорот, ги преброја гласовите добиени на изборите на 11 декември 2016 по етничка линија!?

Според Груевски, ако Заев, кој бил „уценет премиер“ (само што не кажа од кого – н.з.), заедно со своите коалициони партнери ДУИ, веројатно и БЕСА и Алијансата за Албанците направат влада, тогаш ќе имало ситуација во Македонија, според која мнозинството Албанци ќе владеело со мнозинството Македонци. Од ова треба да разбереме дека тоа е неприродно, затоа што Албанците се малцинство во Македонија. Оваа изјава на Груевски ја сметаме за извртување на вистината односно спин, но и за потпалувачка, поттикнувачка изјава во насока на меѓуетнички тензии од најмалку две причини.


КОЛКУ МАКЕДОНЦИ ГЛАСАЛЕ ЗА ГРУЕВСКИ?

Првата причина е тоа што ВМРО-ДПМНЕ не е ексклузивен победник на гласачкото тело кај Македонците. Зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвинува СДСМ дека голем процент на добиенте гласови му биле од етничките Албанци, заборава дека настапи како Коалиција составена од петнаесетина партии од кои дванаесет се партии што припаѓаат на етнички малцинства во Република Македонија, за што впрочем, „Вистиномер“ неодамна пишуваше. Станува збор за учество во коалицијата на две до три партии на Србите, на Ромите, на Турците, на Бошњаците и на Власите. Еве го списокот на партиите кои учествуваа во Коалиција со Груевски на последните избори:

Демократска Партија на Србите во Македонија,
Демократска Партија на Турците на Македонија,
Движење за национално единство на Турците,
Демократска Бошњачка Партија,
Странка на демократска акција на Македонија,
Сојуз на Ромите од Македонија,
Партија на Власите од Македонија,
Партија за интеграција на Ромите,
Демократски сили на Ромите,
Обединета партија за еднаквост на Ромите,
Демократска партија на Ромите,
Роми Обединети од Македонија.

Дали Груевски може да каже колку гласови се на Македонци, а колку на другите етнички заедници во неговиот вкупен збир од 454.577 освоени гласови според финалните резултати од ДИК?

УСТАВОТ Е ЈАСЕН – СИТЕ СЕ ЕДНАКВИ!

Втората причина зошто оваа изјава на Груевски е спин и не само спин, туку и етнички потпалувачака, е тоа што тој заборава, се чини, со каков уставно-правен систем функционира државата Република Македонија.

Според Изборниот законик на РМ, „Избирачко право има секој државјанин на РМ со наполнети 18 години живот и „деловно способен“ (чл. 2, точка 1).

Според член 8 од Уставот на Република Македонија, меѓу Темелните вредности на уставниот поредок спаѓаат и следниве:

-основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
-слободното изразување на националната припадност;
-владеењето на правото;
-поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
-политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;

Како и

-Во Република Македонија слободно е сè што со Уставот и законот не е забрането

И конечно, во член 9 од Уставот, кој припаѓа во делот на Граѓански и политички слободи и права се наведува следново:

-Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од погоре цитираните делови од Изборниот законик и од Уставот, јасно произлегува дека Груевски нема право да ги пребројува гласачите од која националност се или на кој етникум му припаѓаат, ниту има право да шпекулира дека „мнозинството Албанци ќе владееле со мнозинството Македонци“.

Сите граѓани на Македонија се еднакви пред Устав и пред закон, а сите политички коалиции се дозволени и според демократските принципи и според Уставот на РМ треба да владее онаа коалиција од политички партии што го претставува мнозинството од изразената политичка волја на граѓаните на изборите.

Секое друго толкување на причините зошто ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува мандатот да го добие СДСМ, (откако, да потсетиме мандатот го имаше Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но не успеаја да состават влада), а особено толкувањето дека ќе имало состојба кога една етничка заедница ќе доминирала со друга, е спин и потпалувачки говор, со опасност за радикализарање на состојбата на меѓуетнички план.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Свирачиња