Левицата, десницата и изумирањето на политичкиот либерализам

07.03.2017 12:20
Левицата, десницата и изумирањето на политичкиот либерализам

Вернер Бонефелд

Вернер Бонефелд е член на Оддлението за политика на Универзитетот во Јорк, Велика Британија. Еден е од коосновачите на меѓународно познатата школа за отворен марксизам (Open Marxism school). Оваа група се занимава со критика на партискиот комунизам и ја истакнува потребата за отвореност спрема практиката и антипозитивистичкиот дијалектички метод кој е втемелен во „практичната рефлексивност“ на концептите на Маркс. „Отворените Марксисти“ се темелат на концептите на Лукач и Адорно, а блиски се до анархизмот, автономизмот и ситуационизмот.

Дали може да ни кажете нешто за вашето интелектуално и политичко оформување?

Едно од моите најважни формативни искуства беше работењето во фабрика. Во споредба со тоа студирањето беше лесно. Студирав на универзитетите во Малбург, Берлин и Единбург. Марксизмот кој се нудеше на Малбург беше мошне догматски. Не ги охрабруваше луѓето да размислуваат со своја глава. Го напуштив по две години за да ги продолжам своите студии на Слободниот универзитет во Берлин. Тука се совпаднаа неколку нешта. Мој омилен професор беше Анголи, како еден од најпрепознатливите марксисти од својата генерација. На своите студенти им дозволуваше да размислуваат. Го поддржуваше тоа. Беше голем говорник. Студиската програма што ја посетував вклучуваше и практика. Прво работев како работник за преселби, а потоа како асистент истражувач во западногерманскиот наставнички синдикат, за што добивав плата. Никогаш претходно не заработував од читање и пишување (моето истражување се однесуваше на алтернативното школување наспроти јавно финансираното). Набрзо го разбрав значењето на согледувањето на Маркс дека не е среќа да се биде продуктивен работник, туку голема несреќа. Може да се додаде дека не е ни онтолошка привилегија како што на тоа гледаше целата традиција на историскиот материјализам. Студирав во Берлин во време на големите немири, од мировното движење до сквотерското движење во раните осумдесетти.

Го сретнав Космас Сајкопедис во Единбург во текот на осумдесеттите. Беше во посета на Џон Холовеј. Ричард Ган и Џон Холовеј ми беа ментори на докторатот. Космас беше впечатлив карактер и добар пријател.

Бевте еден од уредниците на едицијата Отворен марксизам. Дали може да се каже дека проектот на овие книги беше обид да се спаси хегеловската дијалектика во рамки на марксистичката традиција од алтисерската структуралистичка парадигма? Во која мера верувате дека оваа традиција на отворен марксизам и понатаму е важна во светло на новите студии (како оваа од Ворен Монтаг) кои го претставуваат марксизмот на Алтисер како марксизам на конњуктурата?

За мене насловот Отворен марксизам беше омаж за мојот професор Јохан Анголи кој објави книга со ист наслов. Во голем дел претставуваше расправа помеѓу Мандел и него. Економистичкиот пристап на Мандел беше сè освен „отворен“. Книгата исто така содржеше долг поговор на Анголи за целите на критичката мисла. Го сумирав тој поговор во својата прва публикација, Отворен марксизам, објавена во првиот број на Журналот Здрав Разум (Journal Common Sense), кој во тоа време заедно го уредувавме Ричард Ган и јас. Оваа кратка списа беше навистина само еден обид од моја страна да го разберам Анголи, со свои зборови да го напишам она што сум го прочитал и она што мислев дека сум го научил. За некои од нас изданијата на отворениот марксизам, ги има вкупно три, беа обид да се спаси хегеловската дијалектика во марксистичката традиција од алтисерската структуралистичка структуралистичка парадигма, како што и самите споменавте. Не се работеше за обид за автономизам иако можеше да делува така. Тоа беше обид да се престане однапред да се размислува за обликуваните теоретски алатки за општеството, применувајќи ги веќе обликуваните идеи на општествените ситуации и институции. Наместо тоа, сакавме да размислуваме во и преку општеството, да ја поврзуваме мислата со искуството. Алтисер е голем традиционален теоретичар. За критичката теорија на општеството, важно е да се размислува против семето на општеството за тоа подобро да се разбере. Отворениот марксизам или размислува против семето или не е отворен за конститутивниот метеж на буржоаското општество. Со други зборови, постоењето класни односи НЕ ја повикува марксистичката класна теорија ниту го повикува аргументот од аспект на работничката класа. Тој повикува на критика на класното општество и на критика на капиталистички организираниот облик на работа. Класата е негативен поим. Му припаѓа на погрешно општество. Решение за класното општество е бескласно општество.

Изданијата на отворениот марксизам беа обид Маркс да се ослободи од традиционалната теорија, повторно да се поврзе со критичките марксистички струи и да се обнови како негативна критика на општеството.

Една година пред објавувањето на Отворениот марксизам со Џон Холовеј ја уредувавте книгата Постфордизмот и општествениот облик: марксистичката дебата за постфордистичката држава. Во воведот на книгата понудивте експлицитна критика на марксистичките теории кои ги гледаат државата и капиталот не како терен за класна борба туку како структури. Дали можете да ни кажете уште нешто за темата на вашите критики на поимот „постфордизам“? Во која мера верувате дека овие критики се важни со оглед на државата која постепено „тоне“?

Поимите фордизам и постфордизам беа дел од академскиот Цајтгајст (Zeitgeist). Цајтгајстот се откажа од терминот општество на изобилство и корпоративизам. По постфордизмот премина на глобализацијата, потоа на неолиберализмот, а сега слушаме дека постнеолиберализмот и/или ордолиберализмот се популарни фрази. Мислата на Цајтгајстот е комерцијализираната ученост. Работата на ученикот е да ја разоткрие скриената вистина која ги сочинува општествените односи. Постфордистичката анализа собра одредени елементи од реалноста и ги комбинираше во теоретски модел за потоа да премине на проценување на оддалеченоста помеѓу реалноста и својот теоретски модел. Анализата ги означи општествените конфликти како средства за преминување од фордистички на постфордистички модел. Затоа, општествените односи се појавија како агенти на конечните структурални промени – од овој кон оној општествен облик. Современото моделирање на општествените односи како постнеолиберални или ордолиберални функционира во рамки на истата аналитичка рамка.

Следната студија што ја објавивте имаше наслов Рекомпозиција на британската држава во осумдесеттите. Заради кои причини мислите дека тачерскиот модел успеа? На кои начини ја промени британската држава? Дали верувате дека постоеше директно продолжување на проектот на Тачер во блеровско-лабуристичките влади?

Одбивме да ги користиме термините тачерско и тачеризам во книгата. Воедно, во неа се анализира улогата на британската држава во трансформацијата на светските пазарни услови на цените и профитот, како и улогата на условите на светскиот пазар во трансформацијата на британската држава. Идната влада на Тачер претседаваше за време на длабоката рецесија во почетокот на осумдесеттите и владееше во контекст на глобалната должничка криза – таканаречената изгубена деценија во Латинска Америка – и придружниот процес на разделување на парите како капитал и парите како побарувачка на идниот капитал. Реструктуирањето на британското општество од страна на владите на Тачер беше дел од овој процес. Третиот пат на Блер може лесно да се гледа како директно продолжение на овие процеси. Тешко е да се најде нов почеток во историјата, таканаречен нулти час. Владата на Блер ја наследи владата на Мејџор која дојде по последната влада на Тачер. Ни Мејџор, ни Блер не почнаа со празно платно.

Втората централна тема на вашиот труд се парите. На кој начин финснсијализацијата на глобалната економија започната во осумдесеттите години е поврзана со моменталната криза? Дали пронаоѓате континуитети помеѓу кризата од 1973 и оваа од 2008?

Да. Финснсијализацијата е термин што го опишува раздвојувањето на парите како капитал и парите како побарувачка на иден капитал. Мендел за ова раздвојување зборуваше во раните осумдесетти како за обратна пирамида. Тоа е мошне добар начин да се илустрира раздвојувањето. „Кредитната-надструктура“ ја акумулира секоја растечка побарувачка на идниот вишок на вредноста. На оваа акумулација ѝ е вродена трансформацијата на побарувачката на идната експлоатација во фикција, и во тој момент доаѓа до бегство, привидно во квалитет, односно во нешто реално и опипливо. Финансијализацијата, обратната пирамида на општественото богатство, традиционално се доживува како нешто специфично за нашето време, како исклучок од правилото. Не сум сигурен дека тоа е точно. Мислам дека таа е вродена во капиталистичкиот облик на богатство односно во парите кои создаваат повеќе пари. Навистина, можеби повоениот период впрочем беше исклучок овозможен од разорувањето на масовно ниво.

Се чини дека во изминатите неколку децении многумина од левицата анализите на државните апарати ги третираат само со површни термини и последично како прашање, како некоја лева партија може да оствари интеракција со буржоаската држава. Неодамнешните идеи за ЕУ од страна на Тони Негри се еден пример за ваквите теоретско-политички тенденции. Дали можеме да го смениме светот без преземање на државната моќ? Исто така, во врска со тоа, што мислите за неодамнешните идеи на Негри за „социјална и демократска Европа“ и за неговата поддршка на неолибералните и недемократските партии како Сириза?

Не знам дали Сириза е неолиберална и недемократска. Важно е да се размислува надвор од етикетите. Важно е да се размислува во рамки на општеството и да се препознае државата како политички облик на општество – и тоа антагонистичко општество во кое класата поврзана со работата се бори за да преживее. Затоа, прашањето за човечката еманципација не е како да се управува со општествениот антагонизам. Повеќе е прашање како да се прекине општествениот антагонизам. Затоа, што треба да знаеме за нашето општество и неговата држава. Што би значело да се промени капиталистичкиот организиран облик на нашата општествена репродукција. Каков е општествениот карактер на богатството во општество со кое би управувале исклучиво човечки цели? На што можеме да се надеваме?

Вашата најнова студија Критичката теорија и критика на политичката економија: за субверзијата и негативниот разум е засновано и разбирливо излагање на политичката економија од нејзините почетни формулации во делото на Маркс. Дали може да ни кажете нешто повеќе за ова дело?

Критиката на политичката економија е критика на воспоставените односи на општествена репродукција. Не постои ништо поосновно за разбирање на општеството од начините на кои тие го организираат својот метаболизам спрема природата. На кој начин општеството одговара на нашите основни потреби: облека, храна, засолниште, топлина итн. И каков е карактерот на богатството во нашето општество? Доколку богатството е пари како повеќе пари, тогаш задоволувањето на човечките потреби навистина е нешто споредно – впрочем, ова споредно нешто е сè за што се работи во класната борба. Тоа е борба за средства за одржување, за задоволување на потребите. Класната борба не е борба за социјализам. Тоа е борба за материјална сигурност. Околноста дека класата поврзана со работата мора да се бори за да преживее води до поразувачки пресуди за буржоаското општество.

Во последните неколку години дојде до пораст на новите десни партии ширум светот. Што мислите дека е причина за овој феномен и за назадувањето на политичкиот либерализам?

Левицата нема монопол над агендата против мерките за штедење. Идејата дека десното отфрлање на мерките за штедење претставува первертиран антикапитализам е идиотска и многу опасна. Левицата се залажува себеси. Левите цели немаат никаков вид примат во борбата за материјална сигурност. Од друга страна, и антикапитализмот доаѓа под разни маски. Што ќе се случи ако револуцијата која ќе го запре антикапитализмот е теодицеја? Ако под политички либерализам мислите на идеите за толеранција, владеење на законите, граѓанството, човечките права итн, тогаш политичкиот либерализам треба да се брани – особено кога се наоѓа под нападите на вревата на десницата и коцкарското размислување на популистичката огорченост. Владеењето на законите е поприфатливо од групите за линчување.

Антонио Негри

Идејата за „прогресивен“ облик на национализам ја опишавте како „комплетно регресивен феномен“. Дали може да кажете уште нешто за тоа? Дали мислите дека националистичките движења во Каталонија и Шкотска содржат некаква потенцијално еманципациска содржина?

Апсолутно никаква. Каталонија и Шкотска можеби ќе се ослободат себеси од Шпанија и Англија. Тоа на никаков начин не ги менува условите за општествена репродукција, на начинот на кој ги опишав пред малку. Тоа не ги претвора Каталонија и Шкотска во бескласни општества. Единствено ги менува ситуациите во кои се случува општествената репродукција. Зависниот работник од Глазгов, на пример, има повеќе заедничко со зависниот работник од Њукасл, отколку со Лордот од Баклу. Поистоветувањето на поединецот со некои трансцендентни вредности на нацијата е регресивно. Мириса на крв и земја.

Од 2008 година се случија големи политички проблеми, особено отворањето на центарот. Дали мислите дека десните партии, како и левицата, можат да профитираат од ова?

Да, можат. Меѓутоа, најчесто тоа не е потребно зашто мејнстримот се бори за десните гласачи. Колку што разбирам, Саркози предложи казнување на секого за кого постои сомнеж дека е поддржувач на исламистичките цели за да ја отсече Ле Пен. Сириза користи германофобичен аргумент за да ги национализира своите пријатели и непријатели. Која држава остана недопрена од бранот на десниот популизам? Сведоци сме на лошите политички последици од 2008, односно на трансформирање на критиката во име на човештвото во критика во име на нациите. Потребна е голема храброст за да се спротивставиме и да учествуваме во спречувањето критиката во име на нациите да се наметне како ѕверство пуштено од синџир. Не сум сигурен што да кажам за критичкото значење на царството и империјализмот. Што предлагате? Повеќе од ова, а помалку од она? Поразот на хегемонијата на САД најјасно се покажа како крвопролевање на Средниот исток.

Изјавивте дека верувате дека Европската унија е постдемократски облик на економско управување кое има корени во ордолибералната традиција која аналитички ги раздвојува либералните и демократските делови од државата. Дали може да кажете нешто повеќе за ова?

Ордолиберализмот ја разликува масовната демократија од либералната демократија. Во либералната демократија, демократијата е поврзана со либералните принципи. ЕУ не беше заснована како масовна демократија. Нејзините институционални принципи функционираат мошне соодветно како остварување на либералната демократија. Во тој поглед таа интегрира и навистина го зајакнува либералниот карактер на либерално демократската држава. Во случајот на Грција, грчката држава стана извршна држава за исполнување на барањата на еврото. Од Со несолвентноста исчезнува суверенитетот. Германската елита се однесува совршено рационално. Некому може да не му се допаѓа што прави, но тоа не значи дека нејзиното однесување е ирационално. Идејата дека владејачкиот слој на главната капиталистичка економија ќе се однесува рационално единствено ако ги задоволи лицитациите на левите критики е апсурдна. За левицата, Германија е злосторник во срцето на Европа. Наоѓајќи свое жртвено јагне, делува дека веќе не ѝ е потребно никакво понатамошно критичко истражување на состојбите во Европа. Германската елита не сака да им се спротивстави или да ги замени САД. За неа, американската хегемонија е одлична за нејзината безбедност. Исто така е и евтина.

Она што е потребно да се разбере се условите под кои постои Европа, а не само нејзината моментална ситуација. Цајтгајстот е среќен кога ќе пронајде жртвени јагниња. Цајтгајстот не се прашува за условите на општествената репродукција, од облиците на општественото богатство и производството на ова богатство до државата како политички облик на капиталистички организираните општествени односи. Не се соочува со срцето на бурата, туку гледа на поведрата страна и се исполнува со сопствената морална чесност. Цајтгајстот сака никој веќе да не биде гладен. Па, сепак, не се осудува да изговори дека искоренувањето на гладта бара промена во начинот на производство. Наместо тоа, Цајтгајстот нуди жртвени јагниња и лесни решенија. На тој начин, впрочем им се подбива на оние кои едвај врзуваат крај со крај.

Извор: http://proletter.me

 

ОкоБоли главаВицФото