Албанските партии ја повлекуваат Платформата?

07.03.2017 16:07
Албанските партии ја повлекуваат Платформата?

Размислувам што би се случило кога албанските партии би решиле јавно да ја повлечат Платформата, а со СДСМ да се договорат во погодно време да ги отворат темите запишани во неа и тогаш да ја поканат ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во дебатата околку националните прашања? Конечно, таква дебата предвидуваат и авторите на Платформата. Значи, сите коалициони партнери на идната влада да изјават дека нивна примарна задача се реформите кои ќе направат од Македонија правна држава, согласно документот на Прибе, и дека ќе ги преземат нужните чекори кои ќе ја внесат државата во НАТО и во ЕУ.

Таков гест од страна на албанските партии заслужуваат и опозицијата и нејзиниот водач, кои го пробија националниот обрач во кој беше затворена политиката на етничките Македонци и им тргнаа во пресрет на барањата на Албанците за еднаквост. Можеби е сега време албанските партии да се реваншираат за овој гест и да го скршат сопствениот етнички обрач, тргајќи во помош на СДСМ кој е изложен на националистичка канонада за предавство.

Мислам дека исто онака како што албанските пратеници од првиот состав, со својот такт и трпение, учествуваа во спасувањето на Македонија во 1991 година, и денешните политичари ќе покажат колку им значи нашата заедничка татковина. Знам, македонската политика денес е посложена од онаа на почетокот од деведесеттите и албанските партии се, пред сè, етнички партии, кои во меѓусебен натпревар испорачуваат „етнички победи“ на своите гласачи, но ситуацијата во земјата веќе е вонредна поради кризата на државните институции.

Компаративните истражувања на проблемите на државите од Источна Европа од пред дваесетина години, покажуваат дека етничките групи се радикализираат и бараат поинакви „државни решенија“ (своја држава или припојување кон друга држава) кога онаа во која живеат ја губи способноста да ги исполнува базичните политички, правни, економски и безбедносни функции за сите свои граѓани. Имено, имлицитниот општествен договор во сите општества во светот вели дека граѓаните кои се припадници на различни етнички групи ја даваат својата лојалност на државата во замена за споменатите јавни добра кои ги обезбедува таа. Ако пропадне државата на тој план, како што пропаѓа Македонија на планот на правната држава во која сите би требало да бидат еднакви пред законот, лојалноста се пренесува на етницитетот како прва замена за неуспешната држава. Тогаш, во отсуство на способност на државата да ги задоволи базичните услуги за своите граѓани, почнува етничката хомогенизација која го шири јазот на недоверба помеѓу етничките заедници. Значи, нашата прва заедничка задача е изградба на демократските институции за да може државата да одговори на барањата на сите граѓани исполнувајќи ги своите основни функции.

Размислувам, кога албанските партии би го направиле овој чекор и би ја одложиле Платформата, која ќе биде причината мандатот да не му биде доделен на водачот на опозицијата од страна на претседателот и да нема мирна смена на власта помеѓу досегашната и идната влада? Заклетвата дека никогаш повеќе нема да се отворат такви и слични прашања? Некогаш не е лошо работите да се дотераат до апсурд, за сите да можат да разберат дека промената, колку и да се одложува, е еден од основните закони на човековото живеење.

Слики: Paweł Kuczyński
Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото