Ова е битка против криминалот на Груевски

07.03.2017 22:53
Ова е битка против криминалот на Груевски

Од 2006 година наваму, Груевски владее еднострано. Ниту тој, ниту некој од останатите високи функционери не се соочија пред јавноста со критиките на нивните политики. Никогаш. Единствено праќаа свои гласноговорници, чија редовна практика е секогаш кога ќе бидат соочени со противаргумент, својот став да го бранат на сила и со дефокусирање.

Кога јавноста не може да види здрава дебата и соочување на спротивставени аргументи, тогаш расте и поделеноста во општеството. Во отсуство на понатамошно критичко преиспитување на тие аргументи, луѓето се посклони кон оформување на нивните ставови врз основа на емоции, а не факти – ситуација која секогаш резултира со огромна поларизација во општеството.

Доволно беше криење зад гумените ракавици на политичката коректност. Ние имаме реални проблеми, живееме во противуставен систем и не смееме да не се оптоваруваме со политка. Не повеќе.

Во услови на ваква екстремна поларизираност, местото за судрување на спротивставените ставови мора да биде дебатата, а не улицата. Нашата држава, нашата унитарност и нашиот идентитет не се под закана од никого, освен од Никола Груевски. Ова не е битка, ова никогаш не беше битка за или против унитарноста, јазикот и суверенитетот. Ова е битка против криминалот на Груевски и неконтролираната моќ на структурите на власт. И не смееме да дозволиме тоа да биде засенето од сезонскиот уберпатриотизам на најгласните бранители на режимот.

Свесен сум дека сите говорници бевме премногу емотивни и дека и јас имав соодветен дел во креирањето на вчерашната какафонија. Иако ова е крај на една многу долга и тешка битка, а сите ние сме многу емотивни по овие прашања, искрено се надевам дека следниот пат ќе ги соочиме аргументите, а не силата на гласот со кој ги кажуваме.

И уште повеќе, дека никогаш нема да се откажеме или да престанеме да дебатираме, бидејќи здравата дебата е сврзното ткиво на секоја демократија. Граѓаните и Република Македонија го заслужуваат токму тоа и ништо помалку.

Благодарност до водителот Боби Христов за поканата и на останатите соговорници за учеството.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Дојранлиев