1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Овој голем апсурд што се случува во Македонија, таа голема активност за спас на фамилијата од заслуженото отслужување на казните, под плаштот на загрозеност од „платформа на соседна земја“ и албанскиот јазик, треба потполно да се демаскира и демистифицира. Прво, треба да е јасно дека протестите кои се во тек ги организира ВМРО-ДПМНЕ кои „прифатиле и повеќе од тоа што првично се барало од албанските партии. Единствено не се согласиле околу продолжувањето на мандатот на СЈО и донесувањето на законот за заштитени сведоци“!!! ( И. Меџити) Овие протести се иницирани и организирани за да се инструментализира перфидната намера и цел на оваа партија – спас на раководството. Бидејќи се докажа дека тие се способни и војна да предизвикаат за да продолжат да владеат во општиот хаос и смут. (Да се потсетиме на „малата војна“ во Диво Насеље во Куманово.) Велат, лидерот го притиснал копчето од далечинското управување и ја збришал негде, заедно со својата фамилија. Ако утре Шарената револуција организира протести за поддршка на СЈО, ќе бидат уште помасовни. И само да бидат со еден единствен мотив и цел - поддршка на СЈО! Рејтингот на СЈО постојано расте! Што ќе правиме тогаш?
Психолошката напнатост станува неподнослива.
Албанските политичари го избраа најнепогодниот момент да се се борат за своите права. Во моментот кога требаше сите сили да се употребат за рушење на режимот. Малцинските права меѓу кои и правата околу употребата на јазикот се дел од колективните права и слободи. Како може некој да се бори за својот јазик во земја каде што не постојат елементарни слободи, каде што владее сиромаштија, духовна беда, кога животот не вреди ни пет пари. Рекордери сме по загадување, по стапка на невработеност, по стапка на сиромаштија, по стапка на смртност на новороденчиња во Европа. Земјата е затрупана во отпад, сосема е изгубен осетот за средено живеење. Видете го Скопје на што личи! А сте прошетале ли на кејот во близина на хотелот „Александар Палас“ каде што се примаат најугледните гости? Гостите во тој хотел кои сакаат наутро да се прошетаат имаат што да видат во непосредна близина, покрај самиот кеј. За нашиот затапен човек дивите депонии како да се нормалност, тој повеќе не реагира на нив. Цела Македонија е претворена во огромна дива депонија. Потполно е изместено чувството за приоритети во оваа земја. Подобрувањето на квалитетот на животот, унапредувањето на животната средина како да се сосема споредни нешта. Во Шутка ќе се градел базен за рекреација, а немаат гинеколог за преглед на илјадници жени! Апсурд над апсурдите.
Значи, се добива впечаток како во Македонија сè да е средено, социјалните и егзистенцијалните проблеми веќе решени, штом е толку акутен проблемот со недоостварените права на Албанците ? На телевизијата Алсат-М Радмила Шеќеринска беше прашана кога ќе почнела да го учи албанскиот јазик. По остварена голема благосостојба во оваа земја уште јазикот ѝ останал на Радмила да го научи. Како ние да сме скандинавска земја со висок животен стандард, висока стапка на вработеност, уредена социјална држава, напредно образование и сè друго, е, сега, уште јазикот ако го учиме и Албанците и сите ние ќе бидеме суперзадоволни. Албанските гласачи, ви велам, отсега натаму во уште поголем број ќе гласаат за СДСМ, затоа што и од јазикот им е преку глава. Затоа она што го предлага професорот Малески во текстот „Албанските партии ја повлекуваат платформата?“ треба да се прифати како најразумен потег и гест на добра волја од албанските политичари: „Некогаш не е лошо работите да се дотераат до апсурд...“ Прва задача сега за разумните и мудри политичари е да спречат комплетен распад на политичкиот систем во Македонија. Кога имаме најнеразумни државници на свет, како што е нашиот претседател, новата политичка елита која во секој час треба да формира влада има шанса да го поправи лошиот просек. Силен ветар во едрата на нивните политики ќе добијат, и со големиот пресврт од сегашниот хаос во државата, кога ќе покажат дека им се посветуваат на вистинските приоритети, на реформите, во економијата, во здравството, правото, образованието, културата. Многу граѓани се пред нервен слом поради големата тензичност, затоа од најголема важност за земјата е прво потполна победа на режимот.
Оваа победа подразбира да се разобличи и нивната многу опасна пропаганда. Кога ќе си ја средиме државата, во еден нов покултурен амбиент, нормално, ќе дојде на ред и подобрувањето на правата на сите државотворни ентитети во оваа земја, а со тоа и правата околу употребата на албанскиот јазик. Во такви порелаксирани и пријателски односи, луѓето ќе го учат јазикот на својот сограѓанин, за да се збогатат со уште еден јазик, а не затоа што ќе бидат принудени на тоа.
„...без да се воспостави правна држава и владеење на правото, ниту едно колективно право, ниту на Албанците, ниту на другите заедници, ниту на кој било друг граѓанин на Македонија не може да се реализира.“ (Б. Арифи)
Попаментниот попушта бидејќи ја гледа ситуацијата сеопфатно и далекусежно!
Слики: Полина Терешина