Мултиетничка или бинационална Македонија?

10.03.2017 02:18
Мултиетничка или бинационална Македонија?

Од говорите на организаторите на протестите за „Заедничка Македонија“, некои од нив истакнати и почитувани уметници, разбираме дека се за мултинационална а не за бинационална држава. Ако е така, многу лесно ќе излеземе од политичкиот ќорсокак во кој се наоѓаме. Имено, потребно е барањата од албанската платформа, на еден многу разумен начин, да се прошират на сите етнички заедници во Македонија. Се разбира, ваквата политика не би имала за цел, ниту би можела, да го елиминира базичниот меѓуетнички однос од кој зависи стабилноста на државата, оној помеѓу Македонците и Албанците, но би била добра за мирот и стабилноста на земјата затоа што би ја отапила острицата на македонско-албанскиот конфликт. Поголема грижа за другите јазици и култури како дел од една државна политика на еднаквост на заедниците и на нејзините граѓани од кои е составена Македонија, би можела да ги ублажи драматичните потреси во односите помеѓу Македонците и Албанците. Повторно, тоа не значи дека треба да се дозволи зад таквата политика да се крие желбата за доминација на Македонците врз сите останати, онака како што се правеше во некогашниот Советски сојуз. Имено, пишуваат тогашните истражувачи од терен, политиката на доминација на Русите врз сите останати народи се криела зад фразата која можела да се чуе ширuм големата мултиетничка држава: „Во нашиот град живеат сто и една националсност!“ Не мислам на таквиот пример. Мислам повеќе на еден интересен пример од Северна Ирска во која, во обидот да се намали конфликтот помеѓу закрвените страни, во дебатата се воведуваат правата на кинеското малцинство!

Да, во Северна Ирска има кинеско малцинство чија бројка е предмет на несогласување, помеѓу 3000 и 8000 луѓе. Првите Кинези од руралните делови околу Хонг Конг се доселиле во шеесеттите, кога се отворени и првите кинески ресторани. Оваа етничка заедница денес има своја асоцијација која е претставена во Кинеската стопанска комора на Северна Ирска чија задача е грижата за нивните секојдневни потреби: јазикот и јазичните бариери, интеграцијата во локалните заедници, здравствените, социјалните и образовните услуги, расистичките ставови на локалното население и.т.н. Некои аналитичари на конфликтот во Северна Ирска велат дека инволвирањето на кинеската етничка заедница во дебатата има извесно смирувачко дејство во однос на базичниот конфликт помеѓу католиците и протестантите.

Ние во Македонија, која е од памтивека мултиетничка, не мораме ништо да измислуваме. Потребно е само да се погрижиме за достоинството и благосостојбата на сите етнички заедници кои често се чувствуваат запоставени, а неретко се и жртви на манипулација на поголемите етнички партии кои ги користат во изборни цели. Така, на пример, имаме два пара претставници на помалите етнички заедници во поголемите македонски партии. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има свои контингенти на Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи или Торбеши. Овие последниве, заради муслиманската религија се предмет на поткусурување меѓу македонските и албанските партии, па и предмет на асимилација. Зборот ми е, ако сакаме да направиме вистинска мултиетничка држава на еднакви граѓани и еднакви заедници, ако навистина се грижиме за сите јазици и култури, пред нас е широко неизорано поле. Само треба да се зафатиме со работа и да ја поставиме потребната инфраструктура на една европска правна држава на споделени демократски вредности. Потоа, нека цветаат сите цветови во мултиетничка Македонија.

Извор: Плусинфо
Слика: Небојша Гелевски