Нераскинливата врска на технологијата и општеството

10.03.2017 11:09
Нераскинливата врска на технологијата и општеството

Интервју со Петар Јандриќ, критички педагог и професор на Техничкиот факултет во Загреб.

За почеток, што подразбирате под поимот технологија, а што под поимот еманципација?

Многу често наједноставните прашања се најтешки, па на ова прашање не е можно еднозначно да се одговори. Во некаква најширока смисла технологијата е збир од знаења, вештини, алати, техники и сето останато што ни помага да бидеме во интеракција со светот околу себе и да го трансформираме. На пример, автомобилот е технологија која ни овозможува транспорт на далечина, а читањето и пишувањето се технологии кои ни овозможуваат транспорт на знаењата не само на далечина, туку и низ времето.

Еманципацијата исто така има многу различни дефиниции. Во рамки на критичката педагогија, на која ѝ припаѓа мојот труд, еманципацијата можеме да ја дефинираме како развој односно остварување на поединецот за полноправно учество во општеството. Со зборовите на Пауло Фрери, еманципираната личност живее во светот и со светот – значи, таа не е пасивен посматрач, туку некој кој активно и промислено учествува во создавањето и трансформацијата на светот во кој живее. Во рамки на критичката педагогија, секој педагошки однос воедно е и политички, а еманципациското дејствување не се состои од надворешното структурирање на еманципираното битие туку од ко-еманципацијата на учителите и подучуваните.

Технологијата е тема која во јавниот дискурс ретко добива неутрален третман, туку главно предизвикува реакции на воодушевување или ужас, од што потоа следуваат проекции на иднината како технологизираните утопии и дистопии. Дали и во која мера можеме да ја посматраме технологијата изолирано од нејзиниот сооднос со промените на општествено-економски и политички план?

Технологијата е нераскинливо поврзана со општеството, и во таа смисла навистина не можеме да ја посматраме одвоено од општеството. Технологијата секогаш мораме да ја посматраме заедно со општеството и во контекст на општеството. Бинарните погледи на односот на технологијата и општеството не го опишуваат добро тој однос. Технологијата се создава и се остварува во меѓуоднос со општеството – општеството директно влијае на развојот и начините на користење на технологијата и затоа може да кажеме дека односот на технологијата и општеството е дијалектички.

Бинарните погледи, кои главно се манифестираат во разни утописки и/или дистописки проекции, се мошне популарни зашто е можно лесно и ефектно да се прикажат во книгите, стриповите и масовните медиуми. На пример, постојат цели жанрови кои ја замислуваат дистописката иднина по атомска војна или некоја друга катастрофа. Утопиите и дистопиите можат добро да послужат како мисловни експерименти, меѓутоа, тие секогаш се далеку од реалноста. За да ѝ се приближиме на реалноста, технологијата и општеството треба да ги набљудуваме имајќи го предвид дијалетичкиот однос во кој се остваруваат.

Како изгледа тој дијалектички однос во практиката? На пример, првите компјутери се развиени во американските високообразовни институции како МИТ и Стенфорд. Од тие институции компјутерите мошне брзо излегле на пазарот, каде го продолжиле развојот, што довело до тоа МИТ и Стенфорд денес да ги купуваат новите технологии од големите софтверски и хардверски компании и да се трансформираат преку нивното користење. Ова е најчист пример за дијалектички однос – некоја институција произведува технологија, а потоа таа технологија ја трансформира институцијата од која произлегла. Можно е многу лесно да се генерализира изложениот пример. Прашањето за технолошката првенственост пред општеството, или пак за општествената првенственост пред технологиите, е типичен пример за загатката „кокошката или јајцето“ – а, одговорот на загатката нужно се наоѓа во областа на дијалектиката.

Кога зборуваме за односот на технологијата и капиталистичкиот начин на производство, дали станува збор за однос на двонасочно балансирано влијание или едно од двете има примат? Исто така, дали во односот со капитализмот технологијата може да има трансформативни потенцијали/учиноци?

Одговорот на ова прашање исто така се наоѓа во областа на дијалектиката. Од една страна, технологиите се создаваат преку капиталистичките односи на понудата и побарувачката. Начинот на кој се создаваат технологиите и начинот на кој се развиваат се директна последица на општествената организација и поделбата на трудот. Ако се присетиме на примерот од претходниот одговор, Стенфорд и МИТ ги развиле раните информатички и комуникациски технологии во рамки на истражувачките институти кои главно ги финансирала американската армија. Ако го погледнеме современото производство на технологии, јасно е дека тоа главно се одвива во канцелариите за развој и фабриките кои се подложни на законите на пазарот. Дури и произведувачите на слободен софтвер и хакерите, некаде купуваат компјутери, пици и кафе – директно или индиректно, сите технологии произлегуваат од капиталистичките односи.

Кога технологијата ќе излезе од фабриките и канцелариите, таа повторно дејствува во капиталистичкиот систем и го трансформира. Овие трансформации главно се насочени кон зголемување на ефикасноста на производството и транспортот на стоки и услуги, но понекогаш се појавува и некоја технологија која дејствува против капиталистичките односи. Примерите вклучуваат технологии за дистрибуирано споделување дигитални содржини (peer-to-peer технологии) и технологии за споделување дигитални книги и списанија (Library Genesis, Memory of the World, Sci-hub).

Проблемот со технологијата или она што е одлично во врска со неа – зависи како гледате – е тоа што нејзините учиноци се мошне тешки за предвидување. На пример, СМС пораките. Кога телекомите ги развиваа првите мобилни телефони во осумдесеттите години од минатиот век, тогаш, се разбира, фокусот беше на телефонирањето – да кренеш слушалка, да повикаш некого и да разговараш. СМС пораките оригинално се направени за телекомуникациските инженери меѓусебно да можат да комуницираат и да ги решаваат техничките проблеми на мрежата. Тие воопшто не биле наменети да се појават во јавност! И тогаш некој менаџер се сетил дека би можел да ги лансира СМС пораките на пазарот и тие мошне брзо ја надвалдеале услугата на мобилните телефонски разговори и станале најкористен мобилен сервис.

Технологијата дефинитивно го трансформира капитализмот, а капитализмот дефинитивно придонесува за создавање нови технологии. Меѓутоа, во фазата на планирање е многу тешко да се предвидат вистинските учиноци на некоја одредена технологија. Капиталистичките системи како Силициумската долина понекогаш произведуваат некоја технологија со експлицитна намера за постигнување пазарна хегемонија – меѓутоа, по доаѓањето на пазарот технологијата се завртува спротивно од намерите на своите творци и станува технологија за еманципација. Понекогаш се случува и обратното – па, технологиите создадени за еманципација по доаѓањето во јавноста стануваат технологии кои го перпетуираат капитализмот. Односот на технологијата и капитализмот е една од главните области на современите општествени превирања, односно тој претставува едно од главните боишта на кои се одиваат војни помеѓу различните идеологии и социјални сегменти. Непредвидливоста на технолошките влијанија го прават боиштето секогаш свежо и интересно.

Информатичките технологии полека го преземаат приматот во организирањето и комуникацијата на разните активистички колективи. Згора на тоа, во последниве години видовме дека служат како најважна инфраструктура на социјалните движења кои им се спротивставуваат на владејачките режими. Со оглед на тоа, колку можеме да кажеме дека тие успеваат да учествуваат во градењето солидарност и долгорочно успешни движења на терен?

Прашањето за односот на дигиталните технологии и активизмот е мошне сложено. На пример, за време на Арапската пролет во Египет, протестите на плоштадот Тахрир беа организирани главно со помош на социјалните мрежи. Но, кога претседателот Хосни Мубарак го исклучи Интернетот во целиот град, се покажа важноста на организацијата надвор од Интернетот. Ако ја гледаме организацијата на протестите и сличните активности кои се одвиваат во физичкиот свет, секогаш е најдобро да се користи некаква комбинација на интернетски и неинтернетски начини на поврзување.

Во поширок контекст, Интернетот денес е мошне незаменлив во изградбата на солидарноста и различните облици дигитален отпор. Меѓутоа, кај спротивставувањето на владејачките режими не смееме да заборавиме дека социјалните движења и владите имаат пристап до истите технологии – додека социјалните движења развиваат механизми на отпор, владите истовремено развиваат дигитални противмерки. Секако сакам да напоменам дека дејствувањето против владите не е единствениот облик на дигитален отпор. Во практиката, интернет проектите за слободно споделување содржини кои се подложни на законот за авторски права (филмови, книги, списанија) главно се борат против големите корпорации (Sony, Elsevier) кои сакаат да ја надоместат добивката „изгубена“ преку неможноста да го наплатат пристапот до „своите“ производи.

Се осудувам да претпоставам дека политичката војна против некои влади можеби е дури и поедноставна од економската војна против некоја корпорација. Од владата секогаш можете да побегнете во соседната држава, дури и тоа во практиката да значи повеќегодишно заробеништво во зградата на некоја амбасада. Меѓутоа, од мултинационалните компании не можете да побегнете речиси никаде – каде и да се обидете да се скриете во светот, ќе ве пронајдат и ќе ве тужат за „изгубената“ добивка. Секако, корпорациите лобираат кај сите светски влади, така што (особено во западниот свет) отпорите кон владите и корпорациите се длабоко испреплетени.

Сите технологии, па така и Интернетот, се места на постојани конфликти помеѓу различните идеологии и центри на моќ. Технологијата не е неутрална, но секоја технологија која ви служи подеднакво им служи и на вашите противници. Затоа, тие се важен терен на кој се одвиваат современите општествени конфликти, а нивниот придонес за градење солидарност и долгорочно успешни проекти, како и секогаш, зависи од начините на кои ги користиме.

Што е дигитална креативност? Дали со дигиталната креативност можеме да ги надминеме проблемите со поимот на креативноста која, во заговор со „економијата на знаењето“, се поставува како привлечна можност за самоактуелизација (Маслов) во прекарните работни услови?

Креативоста денес е навистина доминантна развојна парадигма – на пример, во високото образование креативноста се појавува како клучен збор во речиси сите развојни програми. Меѓутоа, во ерата на дигиталните технологии, креативноста значително се оддалечи од своите историски корени. Зборот автор потекнува од старофранцускоит збор auctor кој значи „татко, автор, оригинален, творец“, и од латинскиот збор auctorem кој значи „основач, господар, водач“, буквално „оној кој предизвикува раст на нештата“. Овој пристап кон авторството го создава поимот на креативната личност како „индивидуален гениј“ односно поединец-творец.

Дигиталната креативност се темели на слободен пристап до дигиталните материјали кои сите можеме да ги читаме, менуваме и обликуваме за да создадеме нова вредност. Во контекст на дигиталната креативност, индивидуалниот гениј се претопува во широк културен хоризонт кој овозможува индивидуално и колективно создавање нови вредности.

Типичен практичен пример за дигитална креативност е појавата на слободниот софтвер, кој стотици и стотици (често анонимни) програмери постојано го менуваат и усовршуваат. Значи, во отворените дигитални култури, отвореноста е нужен предуслов за креативност – отвореноста како слобода, отвореноста кон искуства и отворената слободна комуникација, ја охрабруваат етиката на споделувањето и колаборацијата која ја прави основата на колективната интелигенција.

Традиционалното сфаќање на креативноста добро се вклопува со неолибералната идеја на економијата на знаењето, односно со постоечките капиталистички односи. Во овој контекст знаењето навистина е стока која може да се купува и продава. Идејата за самоактуелизација на Маслов, создадена во четириесеттите години од минатиот век е логична последица на традиционалното сфаќање на креативноста. Во таканареченото општество на знаењето, за жал, самоактуелизацијата преку индивидуалното креативно дејствување станува флоскула која служи за пацификација на прекарните работници. Како може да бидете креативни ако немате пристап до знаењата на другите луѓе? Како мже меѓусебно да соработувате со колегата ако истовремено грчевито се борите за ограничени расурси?

Традиционалниот, индивидуалистички поим на креативноста е општествена конструкција создадена во времиња кои се радикално поинакви од денешните и затоа треба да го реконструираме во согласност со модерноста. Во темелите на дигиталната креативност лежи прифаќањето на идејата дека секој креативен чин е длабоко вкоренет во контекстот на сопственото настанување, односно дека секој индивидуален гениј стои на плеќите на генерации и генерации претходници од минатото и денешни соработници. Креативноста и понатаму е човечка особина, но информатичките и комуникациските технологии го овозможуваат нејзиниот развој во насоки кои до вчера едноставно не беа достапни.

Денес, доминантните насоки на развојот на креативноста се темелат на отвореноста на содржината и меѓусебната соработка. Затоа платформите за слободно споделување на знаењето како Library Genesis, Science Hub и Memory of the World се неопходна инфраструктура за дигитална креативност, а соработката на голем број луѓе денес често е можна единствено преку дигиталната комуникациска технологија. Реконструкцијата на поимот на креативноста за ерата на дигиталните технологии од темел ја руши неолибералниот етос на приватизација на знаењето и комодифицираните сфаќања на знаењето и затоа во својата срж е длабоко субверзивна.

Каков е односот помеѓу критичката педагогија и технологијата? Пред сè, нè интересира како критичката педагогија се поставува спрема развојот на технологијата, потоа кои моменти од технологизацијата ги гледа како закана и, најпосле, на кои начини (може) да ја користи технологијата за остварување на својата програма, односно за еманципациско образование и изградба на еманципациски образовни контексти.

Односот на критичката педагогија со технологиите се менувал радикално низ историјата. На пример, 1966 година Мартин Хајдегер рекол: Само некаков бог може да нè спаси. Меѓутоа, со доаѓањето на дигиталните технологии, критичката педагогија – особено во делата на Пауло Фрери, Питер Мекларен и Анри Жиру – сè повеќе се отвора кон дигиталните технологии и ги прифаќа со надеж за подобра иднина.

Современата критичка педагогија главно ги напушти своите постмодернистички корени и се насочи кон марксистичката критика. Во таа смисла, основните прашања кои се поставуваат тука се односите на моќта во дизајнот и имплементацијата на технологиите и класите.

Технологиите кои ги репродуцираат капиталистичките односи на моќта критичката педагогија ги гледа како лоши технологии, а технологиите кои отвораат можности за надминување на капитализмот критичката педагодија ги гледа како добри технологии, односно како технологии кои ја помагаат еманципацијата. На пример, лиценцираниот софтвер, кој го користиме сите, во кој корисниците не можат да го видат изворниот код, односно не можат да научат како функционира таа технологија, се затворени технологии кои го помагаат развојот на капитализмот. Некои платформи како Library Genesis и Memory of the World итн., кои овозможуваат широко споделување на знаењето, дефинитивно се технологии за еманципација.

Овој одговор намерно е мошне начелен. Согледувајќи го односот на критичката педагогија со технологиите, не смееме да ја заборавиме непредвидливоста на технолошките учиноци за кои зборувавме претходно. Дополнително, една од темелните одредници на критичката педагогија е инсистирањето на контекстот – технологијата која го еманципира Ивица, можеби спротивно ќе делува на Марица. На пример, некое дете кое никогаш не видело компјутер (не треба да се заборави дека на нашата планета има над 60 проценти такви деца!), училишната работа на лиценциран софтвер – без оглед на сите негови ограничувања – може да го воведат во современоста. Од друга страна, за некое дете од Првиот свет кое шест часа дневно игра на дигитални конзоли без да ги преиспита технолошките и општествените причини и последици од користењето на компјутерските игри, за жал технологијата е средство за заглупавување. Во таа смисла, современата критичка педагогија нема единствен став кон сите технологии, туку смета дека секоја технологија и технолошка примена треба да се анализира посебно.

Илустрации: Steve Cutts

Извор: http://slobodnifilozofski.com/

ОкоБоли главаВицФото