Потресно Фејсбук сведоштво за тешко кршење на човековите права

13.03.2017 05:10
Потресно Фејсбук сведоштво за тешко кршење на човековите права

Драги мои стари и нови пријатели,

Долго време размислувам дали да споделам низ што сè поминав во мај, јуни, јули и август 2015.

Во тој период работев како неофицијален одговорен менаџер за документацијата на изградбата на новиот гасовод Клечовце-Штип, но во приватна фирма која беше подизведувач.

Гасоводот е платен од Путин како стар долг на Русите кои ветиле дека комплетно ќе ја гасифицираат Македонија, иако постоечкиот гасовод на Гама каде па документацијата ја водеше татко ми, е со сосема доволен капацитет.

Работев со Русите од Газпром и со нивната новооформена фирма (а.д.) на Газпром и Македонски Енерго Ресурси (МЕР). Знаев дека си имам работа со капитален владин проект и сè чував и снимав.

Како почнаа протестите во мај со бомбата за Мартин Нешкоски, така атмосферата стана неподнослива на работа. Надзорот, Идеја Проект, кои исто така го правеле основниот проект ама под друго, име што е противзаконски (Кумановска градежна фирма со милион владини проект), почнаа да паничат и буквално да нè малтретираат. Инаку, истите инженери имаат потпис и печат на двата проекта, така што лесно ќе изгубат дозвола со новата власт.

По некое време и Русите испаничија и главните ги викнаа во дирекцијата на Газпром во Москва на состаноци со генералниот, кој е буквално најблизок пријател на Путин.

Работата тече, пари од Министерство за транспорт и врски не ни се исплаќаат. Во меѓувреме, во неврзан муабет еден од инженерите ми кажува како мал нивен тим пред да дојдам во Скопје, работел на овој проект за Македонскиот гасовод, стационирани во Прага, цела година. Ми излистаа од која фирма добивале плата. Со еден телефонски разговор со пријател од Прага дознав чија е фирмата. Секако, на началникот/братучедот. Значи, сите тие 64 милиони долари (мислам) кои Путин ни ги префрлил за проектов директно отишле натаму.

Па од таму се отвори цел прстен на бизнисмени, грчки и бугарски (Газпром го градеше гасоводот и во Бугарија, како и повеќето гасоводи).

Јас сето ова ѝ го пренесувам на Мариет Шурман, поранешната амбасадорка на Холандија која ми вели дека сум во опасност затоа што ме прислушкуваат и сè ми читаат и дека ќе ми среди да влезам во американска или германска амбасада. Но, во меѓувреме Мери Николова ми даде телефон од Заев и отидов кај него, жива испаничена и со 8 гига документи. Изгледав и звучев како тотална лудача кај него.

Сето тоа Заев го искористи во преговорите, но битангиве секогаш имаат начин да се покријат.

Недела дена по ова, ми улетуваат полицајци во 9 и пол навечер, ми ставаат лисици кои ми ги искривуваат рацете и ме носат директно во Бардовци, и тоа во второ женско. Тоа е најтешкиот оддел. Со жени кои си ги убиле децата и една која си ја заклала мајката со секира.

Во меѓувреме донесоа една професорка од правен факултет и една жена од собрание која само си ја работела работата - и двете параноични и исплашени. Професорката по хотели спиела со недели.

По закон, ако фамилијата сака да ме земе треба да ме пуштат, но не ме пуштаат. Ми остава мајка ми нејзин мобилен (мојот во Беко ми го зедоа) за да се јавам кај знам за помош. Вртам на сите чии телефони ги знам, знаејќи дека Мијалков машинерија ради. Истата вечер му се јавуваат на татко ми на домашен телефон од скриен број со следнава порака – вашиот мобилен, број тој и тој ви е оставен во Бардовци, веднаш да си го земете или не гарантираме за сигурноста на вашата фамилија и вашето внуче и ќе има последици.

Следното утро во 8 и пол доаѓа една од лекарките и ми вика, зошто збориш по ходници дека те дрогираме? Викам ходници по пациентиве? Или по телефон, па ти се јавија од штаб. Тебе ќе те снема од тука во исто време кога ќе го снема ВМРО од власт. Се потресе и од тогаш со мило и злато ми се обраќаше.

Нормалните лекарки направија сè во нивна моќ и ме преместија на акутно каде е далеку подобро. И еден ден, недела, успеаја да ме пуштат незаконски кога нема лекари, една прекрасна сестра Турчинка ме пушти да одам дома на три часа, детето да си го видам и чаре да барам.

Ѝ пишав на Мариет на ФБ што ми се случува. А петокот пред тоа еден Албанец, лекар од акутно, ми вели: не те пуштаме тебе уште месец и пол минимум. Истиот тој дојде во понеделник во 8 сабајле со милион извинувања и ме пуштија да си одам. Шест недели ми ја земаа слободата, шест недели ме одделија од детето и фамилијата, шест недели се борев да останам нормална.

И да додадам - ме тролаа по социјалниве мрежи нивните полтрончиња со статуси каде што не се спомнува мое име, но се спомнува сè што ми се случило дента. Ми требаше време да сфатам дека е за мене. Како ако нема ручек, прав Македонец си ја тепа жената (што ми се случи дента со поранешниот ми партнер) и ред други работи. Знаете, оние како бетмени, девојка му убава – најславната ни самопромовирана самохрана мајка, една девојчица од бекстејџ која не ја ни знам пишала – а бе сеа смирија ли овие или уште се тепаат?

Го пишувам ова не за себепромоција, и така ја напуштам Македонија наскоро. Го пишувам за да знаете дека Бардовци се користи како затвор за политички затвореници. Го пишувам затоа што сум горда на сè што поминав и што во ниту еден момент не им се плашев затоа што знаев и знам дека бев и сум на правата страна на историјата. Го пишувам да знаете дека сè ви се чита и прислушкува, дури знаат и кое радио во кола го слушате доколку телефонот ви е вклучен на интернет. Ви пишувам затоа што имам чувство дека знам што му се случи на Никола Младенов. Го пишувам затоа што си ја сакам Македонија и сакам конечно да бидеме слободни и да живееме, а не да преживуваме.

Ви благодарам што го прочитавте постов до крај.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Инсталации на сликите: Херберт Баљоне