Почина Вања Лазарова (1930-2017), една од најголемите македонски пејачки на сите времиња

13.03.2017 06:18
Почина Вања Лазарова (1930-2017), една од најголемите македонски пејачки на сите времиња

Вања Лазарова, легендарната пејачка на изворни народни песни, доајен на македонската народна музика, почина во Скопје на 86-годишна возраст.

„Со маки сум се родила“, „Стојне бре моме“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“... се само дел од стотината македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова, чиј впечатлив глас е дел од македонското музичко наследство. Најголем дел од песните се снимени во продукцијата на МРТ.

Вања Лазарова е родена на 27 април 1930 во кратовско Страцин, има работено во Операта при МНТ, била член на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот. Пеела во „Ројал Алберт хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“.

Особен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција. Режисерот Милчо Манчевски ќе изјави дека дека филмската музика во „Пред дождот“ станала една од исконските, архетипски моменти на неговиот филм.

Во документарецот „Вања: Со маки сум се родила“ за нејзиниот живот и творештво, што излезе пред 2 години во режија на Синиша Евтимов, легендарната колешка Есма Реџепова-Теодосиевска рече дека Вања Лазарова е недостижна пејачка, каква што се раѓа во сто години. Златко Ориѓански вели дека во нејзиниот глас како да се содржат сите можни стилови и начини на пеење во македонската музика. Влатко Стефановски рече дека нејзината песна е саундтрак на најубавата Македонија и на културното наследство кое на суптилен начин ни се обраќа и ни раскажува за нашиот идентитет.

Вања пак, во филмот зборуваше за песната со која е цел живот – и кога била дома со најблиските и кога настапувала на светските сцени. Полна со ентузијазам и на 85 години таа тогаш рече дека најмногу би сакала пак да има концерт.

Во 2014 јавноста беше вознемирена од веста дека Лазарова живее заборавена од институциите во дом за стари лица со скромна пензија, и илјадници луѓе ја потпишаа онлајн петицијата со барање таа да добие национална пензија од Министерството за култура. Подоцна, продуцентот Иво Јанковски, чија продуцентска куќа „Трето уво“ објави три нејзини албуми („Македонски традиционални љубовни песни“, „Ритмистика“ и „Лулка“) ја подготови документацијата за Вања истата година да ја добие државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура.

По веста за смртта на Вања Лазарова, македонскиот музичар Златко Ориѓански објави досега необјавена песна на легендарната пејачка:

„Ова е необјавена песна, Слободан Унковски имаше мудрост и чувство да ја стави во претставата ’Егеј’ во 2016 година, песна-скица, недоправена, од кај мене дома... Нашето последно заедничко со Вања...“, пишува Ориѓански на својот Фејсбук профил.

По повод смртта на Вања Лазарова, се огласија и Вера Милошевска Јосифовска од групата „Љубојна“, Каролина Гочева и други македонски музичари и музичарки.

„Жена со лице како сонце и срце со место за сите. Мали игриви очиња, чиниш секоја искра топлина крие нови тајни, звуци и изблици. Беше префинета везачка - еден од нејзините омилени везови се викаше 'Селани и граѓани', со разнобојни цветови на него и цела животна философија. Она што го зборуваа нејзините очи, таа можеше да го преточи во бескрајна музичка фраза, која долго резонираше од темето до нејзиниот мал прст и целиот простор наоколу. Ме научи: 'Пеењето е состојба на душата! Кога пеам, цела приказна ми оживува пред очите...'. Не е само едно од грлата на македонската песна. Не! Таа е највозвишениот пејачки израз на една женска енергија. Современа и автентична до бескрај. Таа беше сè што светот препознава кај големите певици! А за мене, секогаш срдечната и топла тетка Вања... Почивај во мир и со сета Божја милост“, се сеќава Вера од групата „Љубојна“.

„Не можам да кажам дека ја познавав, сум ја сретнала еднаш или два пати пред многу години, ми остана во сеќавање како тивка, скромна и ненаметлива женичка. Секако, еден од најавтентичните изведувачи на изворна музика што оваа земја некогаш ги имала, а нејзините изведби ќе останат како некои од највредните парчиња музичка историја. Прво што ми паѓа на памет е нејзината прекрасна, сетна изведба на 'Со маки сум се родила'. Луѓе како неа никогаш не може да бидат заборавени“, вели Каролина Гочева.

Извор: Сакам да кажам / Fashionel