1017 hPa
56 %

20 °C
Скопје - Сре, 21.05.2025 12:45
1.
Кога со чепкалка ја чистиш нечистотијата насобрана меѓу шпоретот и мебелот, ги чистиш и малите ѓубренца од твојата душа. Тоа се најчесто остатоци од некои подзаборавени кавги, гнасотилаци од мали зборови (сврзници, предлози, извици), потиснати намери, кратки колебања, незначителни фобии.
На крајот задолжително е да се помине со крпа виледа и со некое средство за чистење за ситните валканици повторно да не навлезат во тесниот процеп.
2.
Чистењето на фрижидерот е секогаш можност за длабоко размислување, независно од тоа дали самиот фрижидер е за длабоко замрзнување или не. Фрижидерот треба да се исклучи и вратата треба да стои отворена неколку часа, сè додека не се стопи целиот непотребен мраз. Ама мразот не се топи, се колеба меѓу агрегатните состојби, се буни зошто тој мора да попушти, се инаети и вреска дека сака директно да прејде во гасовитa состојба, дека му е смачено само кога е течен да го викаат вода. Кога повторно го вклучуваме фрижидерот, ја враќаме целата храна и ја затвораме вратата, ние привидно ја враќаме рамнотежата.
3.
Една добра домаќинка мора во секое време да има добро наострен нож во кујната. Којзнае кога ќе ѝ затреба за да ја пресече врската со надворешниот свет.
Слика: Џулијан Ландини