Две Македонии

13.03.2017 13:30
Две Македонии

Груевски на заминување ја постигна целта, дефинитивно го заокружи проектот поделба на Македонија на две дијаметрални општества со свои поддржувачи.

Во едното општество се поддржува: ТЕЦ Неготино да се шитка на човек-фирма, Белизе да има повеќе наши фирми отколку во централниот регистар, да се апси по нарачка, да се затвораат медиуми кои поставуваат прашања, да се убиваат деца, здравите да се разболуваат, од болните да се простуваме, со книшка да се вработува, ако немаш брат, со книшка да се игра и во репрезентација, да се дават луѓе од недовршена инфраструктура, да се купуваат плацеви за багателна цена, да се товарат џепови од жолтите, да се се тепаат пратеници и новинари во Собрание, да се креираат фантоми, да се нарачуваат шамари, поповите наместо проповеди во црква да држат партиски говори, да се затапуваат учениците, дискредитираат наставници, газат универзитетите, протеруваат најумните, ликовите да се менуваат со стиропор, архитектонските дела да се жртви на динамит, разборитите да ги честат со погребални венци, прашањата до дил-ориентираните да завршуваат со шамари, 1.300 луѓе да умираат годишно од загадениот воздух, уште повеќе да се разболуваат од загадената медиумска пропаганда, најбогатиот да нема за плати, а сиромашните да немаат ниту за леб.

Најмалку е тоа чиста Македонија. Можеби чиста за да помине мерцедесот од 600.000 евра, чиста за да се ослободи плац за градбите на Субрата, чиста за да се уништи Водно, чиста за да се бетонира Охридското Езеро, чиста за киперите во Вардар, чиста зашто не важат Уставот и законите.

Некој сака и поддржува таква Македонија. Јас ја сакам другата, вистинската, просперитетната, обоена во боите на виножитото, Македонија со знаење, каде на школо се чита, во политиката дебатира, победуваат најспремните, Македонија која тежнее кон највисоки стандарди и вредности. Со јасен патоказ кон ЕУ и НАТО. Македонија во која ќе се почитуваме, бориме за еднаков третман од државата, правдата ќе важи за сите. Тоа е Македонија во која верувам и се вложувам.

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 09.03.17.
Слика: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото