Германската бомба

14.03.2017 10:42
Германската бомба

Ова не сме го виделе долго: германските тенкови тргнуваат на исток. Тенкови од типот Леопард и Мардер тргнаа кон Литванија. Што прават на стотина километри од границата со Русија? Шпигел објаснува: „Германската војска предводи НАТО баталјон во Литванија чија цел е одвраќање на Русија од напади“. Ни зборот одвраќање не сме го слушнале долго. Како да се враќа лудилото од студената војна. Дали повторно ќе го споменуваме загарантираното заемно уништување, луд концепт како и неговата кратенка на англиски MAD (mutual assured destruction)? Како што почнавме и Германија ќе стане нуклеарна сила.

Германија до 2024 година би требало да издвои два проценти од БДП за војската. Тоа се околу 65 милијарди долари, во споредба со денешните 39 милијарди. Ова не се податоци од твит на Трамп или некои лажни вести. Лудилото е исклучиво наше. Канцеларката лично им вети на САД дека Германија драстично ќе го зголеми воениот буџет. Во тој момент веруваше дека дава ветување кое никогаш нема да мора да го исполни, но се излажа.

Претседателот Трамп можеби е тврдоглав, но знае да смета. И убаво ги пресметал нашите луди 65 милијарди. Русија, против која е вперено сè, пред две години потроши 65 милијарди за војската. Ако Германија го исполни своето ветување, остатокот од НАТО не треба да потроши ни долар. Дали тие огромни пари треба да послужат за правење атомски бомби? Тие се бесмислени, но мошне скапи. Врвниот полски куклар, шефот на владејачката Партија на законот и правдата, Јарослав Качински, во интервју за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг бараше европски бомби: „Европа треба да стане нуклеарна сила способна да се соочи со Русија.“

Билд отиде чекор понатаму: „Дали Германија наскоро добива своја атомска бомба?“ Во прашање е следната логика: ако САД ја остават Европа на цедило, ќе испаднеме тотални будали. „Колку Европа е беспомошна без САД покажува една споредба според која Европа располага со 512 нуклеарни боеви глави, а Русија со над 7 000!“ Германија како нуклеарна сила? Во Германија секогаш се размислувало за придружување кон француската нуклеарна програма Сила за одвраќање/Force de Frappe. Досега татковината на холокаустот се држеше подалеку од атомска бомба. Но, што ќе биде во иднина? Die Zeit цитира нуклеарен експерт кој се жали дека Германија заборавила да размислува за нуклеарните категории.

Нуклеарната логика се враќа од ѓубриштето на историјата, а со неа и Докторот Стрејнџлав од теоријата на нуклеарните игри. Другиот е непријател и никогаш не знаете што планира, но сметајте на најлошото. Тоа е враќање на паранојата од студената војна. Ако секој го следи само сопствениот интерес, нема да се создаде најдобар свет, туку светот ќе стане лудница или кланица. Што бара германската војска на Балтикот? „Русија може да ги освои балтичките држави побрзо отколку што ние ќе сфатиме дека треба да ги браниме“, минатото лето изјави командантот на американските трупи во Европа, генералот Бен Хоџис. Што ќе се случи ако Русија одлучи да ја освои Естонија?

Дали САД би биле подготвени да започнат нуклеарна војна и да го ризикуваат Њујорк, само за да го спасат безнадежниот Тарту, вториот најголем град во Естонија? Ако верувате во тоа самите сте виновни. Тоа е разумно како и верата на германските граѓани за време на студената војна дека САД би го жртвувале Њујорк за Берлин. Сето тоа не е ново. Она што важи денес за Балтикот, важеше и за западен Берлин, односно за цела Германија – не можат воено да се одбранат.

Германија никогаш не ја разбра логиката на нуклеарното одвраќање. Таа никогаш не се однесуваше на неа, туку на другите. Русија и Америка можеа да се потпрат една на друга дека нема меѓусебно да се испратат во каменото доба. Единственото на што можеше да се потпре Германија е дека во случај на војна, конвенционална или нуклеарна, ќе биде уништена. Реченицата на поранешниот канцелар Хелмут Шмит „дека Германија може да се одбрани само по цена на тотално уништување“, важи и денес. Сега би требало да ги потрошиме парите на оружје чија единствена цел е нашето самоубиство. Би било подобро да размислуваме зошто советите не го освоија западен Берлин. Едноставно, зашто не сакаа.

Извор: http://www.spiegel.de

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото