Имунитет што Глупоста им ја делегира на фашистите

14.03.2017 13:54
Имунитет што Глупоста им ја делегира на фашистите

Една од најмистериозните својства на Глупоста е што луѓето со кои господари – но, и цели општества – таа знае да ги направи неверојатно горди токму на сопствената глупавост. Таа гордост ги прави глупаците сосем несвесни за значењето на нивните глупоштии и за последиците од нивните злодела. Во таа смисла, Глупоста е ослободителна сила што го еманципира Злото од непожелните факти на реалноста, од стегите на секое знаење, од општествените договори, конечно – од сите морални правила и норми. Така, на пример, македонските фашисти – ВМРО и нивниот претседателски Ќенеф, цела деценија владеат со лажирани избори, при што оправдување за секој криминал им беше неограничената злоупотреба на собраниското мнозинство: за секој злостор што го извршија, тие ведро тврдеа дека за тоа имаат мнозински мандат од народот.

Но, некни, кога го изгубија собраниското мнозинство – тоа наеднаш изгуби секаква важност! Мнозинството пратеници во Собранието за македонските фашисти веќе нема никаква важност во политиката и во владеењето, зашто сега единствено важни им биле трансцендентните националистички вредности на патриотизмот, унитарноста и идентитетот! Еклатантно и грубо газејќи го Уставот – тие повикуваат на патриотизам; предизвикувајќи меѓуетничка омраза – тие ја „бранат“ унитарноста; а, откога ја уништија македонската култура и го уназадија јазикот и писменоста – тие протестираат против двојазичноста!

Само за да не ја испуштат власта и да го одбегнат кривичниот прогон, Груевски, Иванов и ВМРО-Фашистичка се коцкаат со судбината на земјата и повторно го активираат самоуништувачкиот мит за „крвта и земјата“. И, повторно, по којзнае кој пат, сите нормални и разумни политичари од земјата и од меѓународната заедница, повикуваат на мудрост и воздржаност, и, повторно, никој не ја препознава вистинската природа на појавата и трчаат да го „убедат“ Ќенефот од Долно Водно да биде „мудар“ и „да дозволи(!) да се формира влада“ и слично. Ајајајајај! Несомерливата Глупост повторно го прави „невидливо“ фашистичкото Зло во перцепцијата на политички коректното либерално демократско око!

За истата неспособност на либералната демократија да го „препознае“ фашизмот (и, се разбира, да ги употреби вистинските средства во борбата со него), пишува – накусо и патем – и Карл Попер, еден од најголемите филозофи на 20 век и таткото на последната голема филозофска утопија за „отвореното општество“, во својата интелектуална автобиографија „Непрекинатата потрага“. Бидејќи бил од еврејско потекло, работата на универзитетот во Виена му станала веќе сосем невозможна и тој во 1937 година пребегнува првин во Велика Британија и потем далеку во Нов Зеланд. За деветмесечниот престој во Британија тој пишува: „Искреноста и пристојноста на луѓето и нивното силно чувство за политичка одговорност, ми оставија најголем можен впечаток. Но, дури и универзитетските професори, кои ги сретнав, беа целосно неинформирани за Хитлерова Германија и така, за неа, преовладуваше поволно мислење.“ А, тоа беше, почитувани читатели, само неколку месеци пред Кристалната ноќ, во темното предвечерје на најсмртоносната од сите војни! Понатаму, тој пишува: „Сфатив, дека демократијата – па дури и британската – не е институција, што е замислена против тоталитаризмот и беше многу тажно, кога сфатив дека постои само еден човек – Винстон Черчил – кој разбра што се случува и за кого буквално немаше кој да каже добар збор.“ Неверојатно, нели? Ова „слепило“ за фашизмот ѝ се повторува на Европа во последниве децении и, повторно, потполниот имунитет на новите фашисти на демократското право, моралот и знаењето – нивната тотална и тоталитарна Глупост, значи – како да ги прави „невидливи“ за разумот и политичката коректност.

Се чини како „имунитетот“ што Глупоста им ја делегира на фашистите, ги става разумните и одговорните политичари што се справуваат со нив, во сосем парадоксална ситуација, во која – во случајот со глупавото кршење на Уставот од страна на претседателскиот Ќенеф од Долно Водно - тие, повикувајќи се на владеење на правото, всушност му асистираат на Ќенефот во неговото рушење. За што, всушност, станува збор? Поимот на „владеење на правото“ уште Платон накусо го формулирал како принцип според кој никој не смее да биде над законот, туку секоја – па и највисоката – власт мора да му биде подредена на пишаниот закон. Значи, суштината е дека во ниту една ситуација, во владеењето на правото, не треба да се слуша што зборува човекот на власт, туку да се чита што пишува во законот.

Е, ако е така, тогаш постапувањето на сите разумни политичари на начин како Ќенефот од Долно Водно да може да не го даде мандатот на собраниското мнозинство, и згора, молењето и убедувањето да „биде умен, златниот на мама“ и сепак „да го даде“ мандатот – како тоа да зависи од неговата волја, е токму спротивно на принципот на владеењето на правото! Затоа што се слуша и убедува еден човек - со очигледен дефект на човечноста - што постапил спротивно на Уставот, а не се чита и постапува како што пишува во него. Парадоксот на фашистичката невидливост под наметката на вселенската Глупост, е што таа ја пренасочува политичката енергија на „разумот“ и „мудроста“ во обратна насока од намислената: наместо да го бранат владеењето на правото, разумните не сакајќи го подриваат. Тоа е тоа, засега, но - како што повторив безброј пати - не за долго.

Монтажи: Александар Јосифовски (врз фотографии од филмот Inglourious Basterds, 2009)
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото